Култура
Канческа-Милевска на министерски состанок на ЈИЕ во Белград
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во петокот, 20-ти април, во српскиот главен град Белград, ќе учествува министерскиот состанок на Советот на министри за култура на Југоисточна Европа (КОМОКОСЕЕ), при што ќе има и свое обраќање.
Ова е осми состанок на КОМОКОСЕЕ, што всушност е продолжение на претходните средби реализирани изминатите години во Тирана, Софија, Загреб, Атина, Љубљана, Цетиње и Букурешт а централната темата ќе биде во областа на заштитата на аудиовизуелното наследство и финансирање на микробуџетски филмови.
Домаќин на Конференцијата е српскиот министер за култура, информации и информациско општество Предраг Марковиќ, чија земја е актуелен претседавач со Советот на министри за култура на Југоисточна Европа.
Целта на државите-членки на овој совет на министри: Република Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Албанија, Романија, Бугарија, Турција и Австрија, како постојан набљудувач, а од оваа година и Република Молдавија како полноправна членка, е јакнење на културната соработка, како и соработката во други сфери кои се од заеднички интерес.
Во рамките на конференцијата, на која ќе биде усвоена и потпишана Белградска декларација, Канческа-Милевска ќе оствари и билатерални средби со српскиот министер за култура, информации и информациско општество Предраг Марковиќ и со министерот за образование, наука и култура на Република Словенија, Жига Турк. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Прва премиера за 2026 во Битолскиот народен театар „Пламенка“
Првата прес конференција на Народен театар Битола во 2026-та година, се одржа денес, а истата беше посветена на премиерата на „Пламенка“, што ќе се одржи на 19 февруари, по истоимениот роман на Петре Димовски, а во режија на Софија Ристевска Петрушева. На прес конференцијата присутните ги поздрави директорот на театарот, Васко Мавровски.
„Како што и ветивме, како тим кога дојдовме на позицијата да раководиме со Народен театар Битола, дека акцентот ќе биде на македонските автори на македонската драматургија и на македонските креативци и театарски работници, така и остваруваме. Минатата сезона ја започнавме со премиера праизведба на Жиголо по текст на Игор Кузмановски во режија на Благој Мицевски. Оваа 2026 на мое огромно задоволство ја започнуваме со повторно праизведба на романот на Петре Димовски „Пламенка“. Тоа зборува дека во континуитет сме доследни“, рече Мавровски.
Тој истакна дека Битолски театар конечно е во позитивно салдо. „Во однос на годишната програма, не можам да откривам детали бидејќи треба тоа сето да помине на управен одбор, но, можам да ве известам дека конечно Народен театар Битола излезе од темнината. За прв пат после долги години имаме позитивно салдо, благодарение на премиерот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицковски, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, со директна финансиска помош од два милиони денари и со наши сопствени средства некаде повеќе од 2,5 милиони денари, успеавме долгот којшто верувајте многу долго време ни тежеше да го анулираме. Успеавме да го зголемиме бројот на публика од седумнаесет илјади на триесет и четири илјади. Тоа е негде 98%. Успеавме да го зголемиме бројот на изведби на претстави од осумдесет и седум да ја стигнеме бројката 187. А полните сали и интересот на битолчани за театарот е само уште еден мотив и оваа година да продолжиме да работиме посветено, како што работевме минатата година. И сакам да ја искористам приликата на сите 69 вработени во Народен театар Битола од срце искрено да се заблагодарам, бидејќи трудот којшто секој еден од нив поединечно го вложи, верувајте, беше огромен бидејќи правевме нешто за коешто треба малку повеќе време да помине за да може и да се реализира. Имаме рекорден број на премиери во историјата на битолскиот театар. Тоа се тринаесет премиери во неполни дванаесет месеци“.
Во претставата играат: Маја Андоновска Илијевски, Викторија Степановска, Катерина Аневска Дранговска, Вероника Ефтимова, Валентин Дамчевски.
„Пламенка е една претстава во која навистина многу се помачивме да го најдеме правилниот сценски израз. Со оглед на тоа што станува, како што споменавме, драматизација на еден роман, кој што е прилично голем, а ние успеавме да го сведеме на околу 45 страници, во час и десет минути треба да се преживее еден човечки живот, којшто верувајте бил, за една жена, меѓутоа и за луѓето кои што им се случува, за сите тие војни и така натаму, којшто бил прилично тежок. А, можеби сме навикнати во македонската драматургија да слушаме за македонската жена, за нејзината сила, нејзиниот непокор, за трагедиите кои што се случувале. Но, верувајте, Пламенка е само уште едно потсетување дека ние секој, дека секоја фамилија, секој човек има по неколку Пламенки во својот живот“, вели актерката Маја Андоновска Илијевски која со оваа претстава се присети на приказните од својата баба.
Култура
Премиера на филмот „Соучесници“ во Скопје
Во среда, 18 февруари, во киното Синеплекс во 20 часот, ќе се одржи премиерата на долгометражниот игран филм „Соучесници“, по сценарио на Огњен Обрадовиќ, а во режија на Марко Новаковиќ. Филмот е копродукција помеѓу Зилион Филм (Србија), Партизанс (Македонија) и Интер Филм (Хрватска).
Филмот „Соучесници“ е психолошка и социјална драма, во кој идиличниот живот на главните ликови нагло се менува по сообраќајна несреќа. Додека се борат да се справат со последиците, нивната совест ги прогонува, трансформирајќи ја нивната врска и доведувајќи до низа неочекувани настани.
Продуцент на филмот е Лазар Ристовски (Зилион Филм), а копродуценти се Роберт Насков (Партизанс) и Иван Малоча (Интер Филм). Директор на фотографија е Бојан Ракиќ, монтажер Петар Шумоња, сценограф Ирена Марјанов, костимограф Снежана Карл, маскер Нина Илиќ, композитор на оригиналната музика за филмот е Владимир Пејковиќ, а дизајнери на звук се Велибор Хајдуковиќ и Небојша Зориќ. Во постпродукцијата на звукот учествуваше и нашиот Игор Поповски.
Главните улоги ги толкуваат Невена Неранџиќ и Радован Вујовиќ, Аница Добра, Даница Ристовски, Зоран Цвијановиќ, Милица Јаневски, Златан Видовиќ, Анита Огњановиќ и Јован Белобрковиќ, како и пет исклучителни актери од регионот: нашата Сара Климоска, Стојан Матавуљ и Хана Јапунџиќ од Хрватска, Факета Салихбеговиќ-Авдагиќ од Босна и Херцеговина и Петар Новаковиќ од Црна Гора.
Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Филмскиот центар на Србија, Хрватскиот аудиовизуелен центар и ќе се прикажува на редовен репертоар на киното Синеплекс од 19.02.2026 година како и низ кината во Македонија.
Култура
Комеморација за актерката Ленче Делова во Драмски театар Скопје
Драмски театар Скопје информира дека комеморацијата за актерката Ленче Делова ќе се одржи на 19 февруари (четврток) во 10 часот во Драмски.
Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите достоинствено со збор, сеќавење, фотографија и снимка ќе се потсетат на кариерата на македонската театарска, филмска и телевизиска актерка Ленче Делова.
Во 1970 година, се вработила во Драмски театар Скопје каде била професионално ангажирана сѐ до нејзиното пензионирање во 2013 година.
Ленче Делова почина на 15 февруари на 77 годишна возраст.

