Македонија
Денеска е Чист Понеделник

Понеделникот по Прочка се вика Чист Понеделник и тогаш започнуваат Велигденските пости. На овој ден се чисти куќата, особено се внимава садовите за храна да се измијат и испоснат од мрсното. Во минатото тоа се правело со брашно или пепел и со подолго вриење.
За време на Велигденските пости покрај вообичаените конзумирања храна од растително потекло, житарици, зеленчук и овошје, постојат и одредени карактеристични продукти што се подготвуваат само во одредени денови за време на постите.
Во текот на седумнеделниот период на Велигденскиот пост има повеќе празници. Во првата недела од великите пости, од понеделникот до средата се деновите наречени тримери кога не се конзумира никаква храна ниту течност. Одредени продукти од храна се подготвуваат за денот по завршувањето на тримерите, што е третиот ден од почетокот на великиот пост.
Традицијата вели дека во средата, кај оној што ги “држел” тримерите и каде што имало млада невеста, доаѓале гости. Домаќинката за таа прилика има подготвено варена пченица со конопни зрна, ошав – компот од црни сливи и друго сушено овошје (јаболко, суво грозје, диви сливи), кравајче од пченично брашно замесено со пепелница, украсено со бонбони. Се месело, исто така, и пита-зелник, со зеље, одозгора посолено со сусам додека на дното од тепсијата се ставале сецкани ореви. Задолжително за таа прилика како пијалок се носело и боза. Гостите што доаѓаат на посета исто така носеле боза, кравајче и пченица. Во оваа прилика се купувало и сезонско овошје, особено портокали.
Првата сабота после прочка е празникот Тодорова сабота – Тодорица, а саботата пред Велигден е Лазарова сабота, а во неделата се Цветници. Празникот Благовештение секогаш е на 7 април.
За празниците Благоец и Цветници дозволена е употреба на посни меса во кои спаѓаат рибата и полжавите. Рибата печена или пржена на масло, или подготвена со ориз или, пак, со запржен кромид и суви црни сливи, била скоро задолжително подготвувана во овие денови. Полжавите се печеле или се вареле како готвено јадење со зеленчук.
Сепак велигденскиот пост не значи само одрекување од храна. Важен е и духовниот пост. Верниците во деновите на постот треба да се воздржат од лоши мисли и дела, и да се обидат да најдат духовен мир, без што постот нема смисол. /крај/он/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ризик од појавa на пожари поради високите температури: МЗШВ апелира на претпазливост

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ги повикува граѓаните на посебна претпазливост со цел спречување на појава на пожари на отворен простор.
Министерството ја потсетува пошироката јавност дека во периодот кој следи да биде особено внимателна бидејќи поради високите температури ќе се зголеми ризикот од појава на пожари на отворен простор и од суштинско значење е јавноста да ја разбере опасноста како и последиците од појавата на пожари на отворен простор и со своето однесување да придонесат кон заштита и сочувување на шумите, односно животна средина, имотите и заедниците во целина.
– Лица кои вршат активности на земјоделски површини како и сточарите да бидат особено внимателни при извршување на активностите и да не дојде до неконтролирано палење на земјоделско земјиште и пасишта што е строго забрането со закон и претставува казниво дело.
– Сериозни ризици – пожарите на ниво на предел директно ги загрозуваат човечките животи, имот и животната средина. – Правни последици – предизвикување на пожар на отворен простор е казниво дело.
– Клучен елемент за спречувањето на пожари од пошироки размер е Брзо откривање – јавноста да алармира на 112, велат од ресорното министерство.
Советуваат избегнување на палење на било каков оган за време на периоди на силен ветер или суво време.
„Пронаоѓање на побезбедни методи за расчистување на земјиштето и отстранување на горливиот материјал.
МЗШВ ги охрабрува сите граѓани да останат информирани и да преземат превентивни мерки за да се избегне појава на пожари на отворен простор
Исто така МЗШВ ја потсетува јавноста дека од 01.07.2025 година до 31.08. 2025 година ќе биде на снага целосна забрана за движење во шумите.
За таа цел се повикува јавноста да ја следи и да се приклучи на Програмата за управување со пожарите на ниво на предел (lfmwb.net) во која Министерството е партнер институција и активно работи на имплементација на активности и мерки дефинирани во програмата со фокус на превенција и подготвеност во управувањето со пожарите на ниво на предел“.
Македонија
Предлог – законот за Судски совет е во владина процедура

Предлог – законот за Судски совет е прикачен на е-Влада, а Министерството за правда го доби и мислењето од Венецијанската комисија.
„Станува збор за конструктивен и содржаен документ што содржи јасни насоки и препораки, особено за деловите на кои ние како Министерство вложивме сериозен фокус. Тие забелешки веќе се разгледани. Особено значајно за нас е што Комисијата го препозна транспарентниот и инклузивен процес при изработката на законот – преку јавни расправи, експертски консултации и вклучување на сите клучни чинители. Тоа е потврда дека одиме во вистински правец и дека нашите реформи се усогласени со европските стандарди. Овој пристап директно придонесува за зајакнување на довербата во законодавниот процес и во правосудството во целина“, велат од Министерството за правда.
Според нив, ова е клучен чекор за зајакнување на независноста и транспарентноста во судството.
Клучни новини кои се предвидени со Законот: се предвидува јавност во постапкатата за разрешување на претседател/заменик на Советот, постапката мора секогаш да биде транспарентна, прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“, воведување јавна расправа за кандидатите за не-судски членови со цел поголема транспарентност и одговорност, зајакнување на критериумите за избор, одговорност и разрешување на членови на Советот од редот на судиите и унапредување на целокупната правна рамка согласно препораките на ЕУ.
„За првпат, ќе има објективно оценување на нивната работа, транспарентност во носењето одлуки и механизми за одговорност и на самите членови на Советот. Ова е клучна точка што ја нотираше и Оценската мисија на ЕУ – и сега директно одговараме на таа препорака. Очекуваме предлог – законот за Судски совет наскоро да биде усвоен во Собрание, како што и беше предвидено“, велат од Министерството за правда.
Македонија
Филмска музика со Тарабунов и камерен оркестар на Плочник во Центар

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги поканува сите скопјани на незаборавен музички настан „Центарска симфонија“, што ќе се одржи утре вечер, на зајдисонце во ритамот на македонската и светска филмска музика.
Музичката ѕвезда Александар Тарабунов, заедно со камерен оркестар, ќе интерпретира познати филмски композиции, со ново симфониско руво.
„Вчера отидов на проба да ги видам нашите музичари и звучеа светски, уживав во безвременската музика од култниот македонски филм „Исправи се Делфина“ од композиторот Славе Димитров, но и во музиката од филмот „До Балчак“. За првпат пред публиката ќе биде изведена и новата песна на Тарабунов „Заедно“ адаптирана специјално за камерна оркестрација. Ги повикувам скопјани да дојдат и да уживаат во една вечер посветена на култната филмска музика. Ќе се сплотиме ‘Заедно’ со емоции и музика, во Центар, во срцето на нашето Скопје. Ваквите настани се потсетник дека Центар е и ќе остане културното срце на Скопје. Ве очекуваме на едно магично музичко патување низ времето и сеќавањата“, вели Герасимовски.
Настанот е во организација на Општина Центар, а во соработка со МГ Мјузик продукција. Влезот е слободен.