Македонија
Тодоров: Докторите кои доцнат на закажаните прегледи ќе бидат казнети
Вкупно 162 доктори во септември три пати или повеќе пати месечно задоцниле подолго од еден час на првиот закажан преглед во денот, информираше во вторник министерот за здравство, Никола Тодоров, врз основа на анализа на податоците од системот МојТермин.
Тодоров најави дека податоците ќе ги достави до сите директори на јавните здравствени установи со барање во рок од три дена да отпочнат прекршочни постапки за дисциплинска неуредност за секој од докторите.
Министерот на прес конференција детално ја презентираше фактичката состојба со доцнењето на вкупно 162 доктори.
„Од аспект на специјалности, најмногу доцнења има кај докторите од следните специјалности: психијатрија (22 доктори од горенаведените 162), акушерство и гинекологија (15), интерна медицина (14), офталмологија (14), ортопедија (11), педијатрија (11). Од друга страна, здравствени установи со најмногу доктори кои доцнат се: Општите болници во Дебар и Струмица и Универзитетската клиника за неврохирургија“, рече Тодоров.
Тој додаде дека специјалист по трансфузиона медицина од Крива Паланка е лидер со бројот на задоцнувања во месец септември. Од вкупно 20 дена во амбуланта, задоцнил со преглед повеќе од еден час во 15 дена.
Од друга страна, Тодоров, ги издвои докторите во Градската општа болница „8 Септември“ и Клиничката болница во Тетово, каде помалку од 5% од нив задоцниле со прегледување на пациентите според закажаните термини.
„Со доцнењето на првиот закажан преглед во денот (повеќе од еден час), автоматски се поместуваат сите останати закажани термини во текот на денот, а тоа негативно се одразува и врз пациентите кои се оставени да чекаат и врз ефикасноста на работа на докторот. Покрај тоа, треба да се има предвид дека пациентите многу често земаат отсуство од работното место за да отидат на закажаниот преглед, така што со доцнењето на докторот може да го надминат ограниченото време. Генерално, оваа појава предизвикува девалвација на системот и токму затоа имаме обврска да преземаме мерки да ја спречиме“, истакна Тодоров.
Министерот им се обрати јавно на сите доктори што доцнат на закажните прегледи:
„Замислете да се најдете на шалтер на некоја банка, да дојдете точно во времето кога е декларирано дека шалтерот отвора, да бидете прв во редот и да чекате еден час и повеќе. Дали во ваква ситуација нема гласно да реагирате и негодувате, дали нема да го побарате шефот или дури и директорот за да му го изразите незадоволството и дали ако ова ви се случи три пати во ист месец нема да ја промените банката“.
Банката може да ја промените, додаде, но пациентот не множе сам да си ја промени болеста.
Тодоров ги повика пациентите доколку се најдат во ваква ситуација директно да одат кај директорот на здравствената установа и да побарат докторот веднаш да биде повикан и укорен.
„Директорот мора да ве прими, тоа му е законска обврска, но и директна наредба од мене како министер да го сослуша секој граѓанин или пациент “, истакна министерот.крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

