Култура
Во Охрид откриено непроценливо археолошко богатство од 5-ти век п.н.е.

На локалитет меѓу Горна порта и црквата „Света Богородица Перивлепта“ во саботата се откриени 17 гроба, од кои најголем дел се од македонско-хелинистичкиот период, односно од 5 век пред нашата ера. Во гробниците се пронајдени разни предмети, главно златен накит
Вчера пронајденото на археолошкиот локалитет кај Горна порта во Охрид е од непроценлива вредност, како за Македонија, така и за археолошката наука воопшто, истакна денеска пред медиумите директорот на Управата за заштита на културното наследство, вели археологот Паско Кузман.„Во најдолниот хоризонт е откриен и гроб во кој се пронајдени материјали, прилози од времето на златните маски. Тука има нешто позначајно од златната маска, во научна смисла“, изјави Кузман.Според Кузман, во гробницата била погребана младо женско лице со благородничко потекло. На очите на покојничката била поставени златна фолија, на устата ромбоидна златичка, некаде кај срцето златен пикторал. Таквата поставеност на предметите, според Кузман, претставуваат маскирање на лицето на покојникот на начин на каков што досега не е сретнат на друго место на Балканот.„Ако тука го додадеме златниот колан, златна лента долга околу 40 сантиметри, се добива една гарнитура со симболично значење. Сите предмети се украсни, амфороидни приврзоци за ѓердан од злато изработени филигрански, бронзени и сребрени нараквици, сребрени фибули и златни обетки со конусоидна форма, доста ретки“,објасни Кузман.Тој додаде дека во гробницата има и многу други предмети од килибар, што е невобичаено за овие простори, што значи дека во петтиот век пред нашата ера постоеле силни трговски врски со северот каде главно има килибар.Археологот Кузман вели дека ваквите вредни археолошки наоди само ја потврдуваат позицијата на Охрид како монденско место во античко време.Министерката за култура Елизабета Канческа-Илевска во оваа прилика истакна дека заложбите на Владата и на Министерството за култура во делот на заштитата на културното наследство и истражувањата на голем број археолошки локалитети, токму ги потврдуваат овие резултати кои денеска ги имаме.„Ова се значајни артефакти кои го потврдуваат нашиот идентитет, историја и култура, рече таа заблагодарувајќи им се на сите од тимот кои работеа во конзервацијата и истражувањата.Министерката Канческа нагласува дека како и досега и во иднина институциите на државата ќе продолжат со активностите во насока на заштита на културното наследство, како и во делот на истражување на голем број локалитети кои се наоѓаат во програмата на Министерството за култура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Инвестиции за заштита на културното наследство и развој на културниот туризам, најавија надлежните

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, заедно со стручниот тим од Заводот и Музеј – Струмица, денеска реализира работна посета на општините Дојран и Гевгелија, со цел увид во тековните и во планираните проекти од областа на културата и културното наследство.
Во Стар Дојран беше извршен увид во црквата „Св. Илија“, значаен објект од 19 век, со висока историска, архитектонска и духовна вредност. Министерството најавува продолжување на активностите за конзервација и реставрација на овој објект, кој претставува симбол на духовното и на културното наследство на регионот.
Особено внимание оваа година е посветено на капиталниот проект за изградба на музеј на вода преку реконструкција на праисториска наколна населба на Дојранското Езеро. Во тек се заштитни археолошки истражувања на локалитетот Мрдаја, а основниот проект за изградба на музејот се очекува да почне во 2026 година. Идејниот проект е изработен од Заводот и Музеј – Струмица.
Музејот, кој ќе биде поставен директно на површината на езерото, ќе функционира како жив музеј на отворено, со висока едукативна и туристичка вредност. Со ваквиот пристап Дојран добива можност да се позиционира како водечка дестинација за културен и археолошки туризам во поширокиот регион, најавија од Министерството.
Во рамките на посетата на Гевгелија беше извршен увид во реализацијата на проектот за целосна реконструкција на Старата чаршија, заштитено културно наследство од XIX век. Вредноста на инвестицијата изнесува над 40 милиони денари, а проектот опфаќа: реставрација на фасадите на старите дуќани, поплочување со гранит, поставување нова урбана опрема и осветление, целосна реконструкција на подземната инфраструктура.
Со завршувањето на проектот Чаршијата ќе ја задржи својата автентичност, а истовремено ќе се трансформира во современо културно-туристичко јадро, привлечно и за жителите и за посетителите.
Вечерва, во рамките на посетата, министерот за култура и туризам Зоран Љутков ќе присуствува на фестивалот „Вкуси го југот“.
Како носител на титулата град на културата, Гевгелија се етаблира како центар на културни настани, фестивали и манифестации, кои значајно придонесуваат за развојот на локалната економија, туризмот и културниот живот во регионот.
Култура
Љутков: Нашата цел е јасна, да го заштитиме и обновиме „Македониумот“

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, заедно со стручните екипи од НУ Завод и Музеј – Прилеп, денес оствари теренска посета на споменикот „Македониум“ во Крушево – еден од најзначајните културни симболи на македонската историја.
Реконструкцијата на споменикот започна уште во 2014 година, кога беа реализирани низа значајни активности – санација на потпорни ѕидови, обнова на фасади, антикорозивна заштита, реконзервација на архитектонски елементи, како и внатрешни конзерваторски зафати и истражувања. Но, во 2017 година, сите активности беа прекинати, скелето беше симнато, а објектот остана незаштитен, со што последиците од таа негрижа се очигледни и денес, истакнуваат од министерството.
Минатата година, како што информираат, Министерството, во координација со Заводот и Музеј – Прилеп, подготви проект за интервентна заштита на објектот во вредност од 2,5 милиони денари, чија реализација ќе започне во текот на оваа година. Паралелно се работи и на подготовка на сеопфатен проект за целосна реконструкција и конзервација на споменичниот комплекс, кој се очекува да биде финализиран до средината на 2026 година. По изработката на документацијата и обезбедувањето на сите потребни дозволи, ќе отпочне реализацијата на овој капитален зафат.
„Нашата цел е јасна – да го заштитиме и обновиме ‘Македониумот’. Тој не е само архитектонски објект, туку симбол на македонскиот идентитет, историја и борба. Како Влада и како Министерство за култура и туризам, остануваме цврсто посветени на заштитата и унапредувањето на културното наследство, кое е наш стратешки приоритет,“ изјави Љутков.
Култура
(Видео) Oмилените филмови на Стивен Кинг

Мајсторот на хоророт, Стивен Кинг, е познат по своите темни романи и адаптации што го обележаа светското кино, но и по фактот дека редовно ги споделува своите омилени серии и филмови со публиката.
Стивен Кинг, познатиот мајстор на трилери и хорор, сподели листа од своите 10 омилени филмови на платформата X. Оваа листа, која ги исклучува филмовите адаптирани од неговите дела, дава увид во кинематографскиот вкус на авторот кој го обликувал хорор жанрот.
Избраните филмови вклучуваат класици од различни жанрови, од трилери и драми до комедија и научна фантастика. Кинг истакна дека листата не е по одреден редослед, нагласувајќи го богатството на квалитетни филмови достапни за публиката.
“Sorcerer”
“Godfather 2”
“The Getaway”
“Groundhog Day”
“Casablanca”
“Treasure of the Sierra Madre”
“Jaws”
“Mean Streets”
“Close Encounters of the 3rd Kind”
“Double Indemnity”