Македонија
МВР со кривична за Стевче Јакимовски оти попречувал протест
Министерството за внатрешни работи, во среда, ќе поднесе кривична пријава против С. Ј. и А.Т. за сторено кривично дело „Спречување или смеќавање јавен собир“, соопштија од МВР.
Имено, како што појаснуваат, на 15-ти март, првопријавениот С.Ј. и второпријавениот А. Т. организирале собир на граѓани пред платото на Уставниот суд, со цел да го попречат одржувањето на претходно најавениот мирен протест на платформата за граѓанската политика „АЈДЕ“со што сториле кривично дело „Спречување или смеќавање јавен собир“.
Од МВР велат дека на 14 март, платформата за граѓанската политика „АЈДЕ“, благовремено со писмен допис се обратиле до МВР, поточно СВР-Скопје, и притоа најавиле организирање мирен и ненасилен протест и протестен марш во Скопје.
Во горе наведениот акт било наведено дека протестот ќе започне на 15.03.2016 во 18 часот пред зградата на Владата, оттаму групата на граѓани би се упатиле кон собранието, од каде групата би се упатила кон зградата на Уставениот суд. Таму групата би останала да протестира се до наредниот ден односно до објавувањето на одлуката на Уставниот суд. Мапата за движење била доставена како прилог на известувањето. На настанот организаторот претпоставувал присуство на околу 1000 граѓани и истиот се обврзал да обезбеди редарска служба од најмалку педесетина редари. За самиот настан организаторот доставил и известување до повеќето електронски и пишани медиуми.
По дознавање на намерата за организирање на мирни и ненесили протести пред Уставниот суд од страна на Платформата за граѓанската политика „АЈДЕ“, првопријавениот С. Ј. и второпријавениот А. Т. на 14 март во вечерните часови одржале прес конференција на која што најавиле организирање на протест пред платото на Уставниот суд со цел заштита на функционирањето на Уставниот суд.
Следниот ден, второ пријавениот А.Т. со намера да го попречи одржувањето на ненасилниот јавен собир-протест, со писмен допис до МВР односно СВР-Скопје највил дека на иатиот ден во 18 часот ќе организира мирен собир на платото пред Уставниот суд не наведувајќи во писмениот допис за што се организира самиот собир. Во вторникот, во утринските часови по инструкции на првопријавениот С. Ј. и второпријавениот А. Т. започнале да се собираат граѓани пред платото на Уставниот суд и започнале со монтирање на бина и тенди-чадори со што насилно го узурпирале просторот на кој претходно уредно пријавениот собир требало да се одржи во организација на платформата за граѓанската политика „АЈДЕ“.
Во среда, лидерот на ГРОМ, Стевче Јакимовски, одржа прес-конференција на која заклучи дека граѓаните ги одбраниле институциите.
Одговарајќи на многубројни новинарски прашања, лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски, напомена дека ниту имале намера да предизвикаат каков и да е инцидент или конфликт со повикот до граѓаните да излезат на мирен собир за одбрана на Уставниот суд, ниту истиот бил подржан со организирање на партиски активисти на ВМРО- ДПМНЕ.
„Напротив, ние излеговме токму во одбрана на Уставниот суд, бидејќи активисти кои протестираа пред тој Уставен суд, им се закануваа на судиите со физичка пресметка. На собирот секако дека имаше партиски симпатизери на ГРОМ, но исто така имаше и многу граѓани од друга или без партиска припадност, од различни етнички заедници, кои заедно и сплотено дојдоа да си ги одбранат своите институции. Ние не шириме никаков партиски триумфализам, туку напротив, сметаме дека нашата, пред се граѓанска должност, ја извршивме достојно, бранејќи ги нашите институции на државата, кон кои перманентно некој им се закануваше“, рече Јакимовски./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел обезбеди еднократна финансиска помош за ранливи категории граѓани
Општина Бутел и оваа година обезбеди средства за исплата на еднократна финансиска помош за најранливите категории на граѓани.
Како што информираат од Општината, финансиската поддршка е дел од програмата за социјална заштита за 2026 година и произлегува од изборната програма на градоначалникот Дарко Костовски, која континуирано се спроведува веќе пет години.
Поддршката е наменета за граѓани со здравствени проблеми, како и за сите други ранливи категории граѓани. Од Општина Бутел истакнуваат дека оваа мерка претставува подадена рака и исполнување на дадените обврски кон граѓаните.
Во соопштението се наведува дека градоначалникот останува посветен на креирање политики кои обезбедуваат заштита на најранливите категории, како и создавање средина со еднакви можности за сите граѓани, при што се нагласува дека предизборните ветувања се реализираат во практика.
Македонија
(Видео) Фрчкоски од СДСМ обвинува: 51 тендер добила иста фирма по локалните избори
Антикорупцискиот тим на СДСМ денеска изнесе обвинувања за сомнителни тендери, посочувајќи дека фирма блиска до ВМРО-ДПМНЕ добила 51 тендер во вредност од околу 16 милиони евра.
На прес-конференција, членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, изјави дека станува збор за фирмата „Пирамид билдинг солушнс“, која, според тврдењата на СДСМ, од 2022 година, односно од периодот по локалните избори до денеска, добивала тендери во општини под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.
Фрчкоски наведе дека само во општина Аеродром фирмата добила 22 тендери, во Гази Баба 10, како и во општините Ѓорче Петров, Прилеп, Битола и Гевгелија. Според СДСМ, дел од тендерите биле финансирани и со средства од унгарскиот кредит.
Како последен пример, од СДСМ го посочија тендерот од декември 2025 година со Град Скопје, во вредност од 320.000 евра, кој, според нив, бил доделен веднаш по преземањето на функцијата градоначалник од страна на Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Непознати глутници се појавија преку ноќ – пронајдени улични кучиња од Албанија во Скопје, се бара истрага и проверка на безбедносните камери
Здружението за заштита на животните Анима Мунди алармира и јавно бара итна, темелна и независна истрага поради сериозни индиции за организирано внесување и дислоцирање на кучиња во град Скопје, појава која, како што наведуваат, директно ја загрозува јавната безбедност, благосостојбата на животните и владеењето на правото.
Од здружението информираат дека во изминатите денови, на територијата на општина Карпош се појавила нова глутница кучиња кои се целосно непознати за локалното население и не се дел од постоечката улична популација. Според Анима Мунди, станува збор за нестерилизирани и необележани кучиња, што, како што наведуваат, исклучува можност за природен прираст и укажува на насилна дислокација.
Во соопштението се наведува дека јавното претпријатие ЈП Лајка нема оставено, ниту испуштено ваква бројка нестерилизирани и необележани животни на ниту една локација во Скопје, при што се посочува дека граѓаните со години ги познаваат уличните кучиња во своите маала, а овие животни не се дел од таа популација.
Анима Мунди информира дека на терен биле пронајдени и кучиња со ушни маркици од Република Албанија, што, како што наведуваат, отвора сериозни сомнежи за нелегален и можен прекуграничен транспорт и напуштање на животни.
Здружението бара целосна проверка на сите јавни и приватни безбедносни камери на локациите каде што кучињата се појавиле, како и на сите влезно-излезни правци кон Скопје. Се бара од Министерство за внатрешни работи и Јавно обвинителство да утврдат кој, како и од каде ги транспортира и истовара животните, наведувајќи дека, според нив, не станува збор за изолиран случај, туку за логистички организирана активност.
Во соопштението се наведува дека масовното напуштање и дислоцирање кучиња претставува суровост и сериозна општа опасност, поради што Анима Мунди поднела конкретни предлози за измени на Законот за заштита и благосостојба на животните, како и предлог-измени на Кривичниот законик, со кои напуштањето миленик, суровоста и предизвикувањето општа опасност би се третирале како кривични дела, по примерот на Република Хрватска.
Истовремено, од здружението упатуваат итен јавен повик до ЗЕЛС ова прашање да се отвори и дискутира на ниво на сите градоначалници, нагласувајќи дека секоја општина мора хумано и законски да ја третира проблематиката со уличните кучиња, преку масовна стерилизација, јасна евиденција и најстроги санкции каде што ќе се утврди масовно дислоцирање.
„Ова не е проблем на една општина. Ова е системска злоупотреба и мора да биде санкционирана“, се наведува во соопштението, со барање за итна истрага, одговорност и преземање мерки за сторителите да бидат најстрого санкционирани согласно закон.
Фото: илустрација (pexels)

