Македонија
Инспекцијата спречена да ги урне гаражите на Водно
Насобрани граѓани спречија ненајавена државна градежна инспекција да ги урне двете гаражи на улицата „Питу Гули“, за да отвори пат за градба на плац на Водно.
Според неодамна објавеното во една од „бомбите“ на СДСМ, наводно на тој плац планира да гради висок владин функционер.„Убијци, убијци“, „Уа инспекција, нели ви е срам“, „За Грујо работите, мафијаши“, извикуваа насобраните граѓани по инспекторите и полицијата која ги придружуваше.Инаку, треба да се урнат четири гаражи од оваа улица за да се направи пат до парцелите големи околу 2.000 квадратни метри. Меѓу граѓаните кои денеска протестираа беше и бизнисменот Ристо Гуштеров, кој ја поседува едната гаража, а другата е на негов сосед.Тој смета дека „народот успеал да се избори и да го заштити Водно и шумата која се планира да се исече“, но вели дека не знае „дали нема да дојдат навечер и да го направат намисленото“.Откако градежните инспектори и полицијата увидоа дека луѓето, меѓу кои според очевидци имало активисти и членови на младинската организација на опозицската СДСМ, нема намера да си замине, тие ја повлекоа градежната механизација и заминаа.Ова е втор обид да се урнат малите гаражи, откако пред една недела Гуштеров и соседите останале затекнати едно утро кога објектите почнале да ги празнат и да ги уриваат. Тогаш, тие се пожалија кај градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски и уривањето беше спречено./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Да го продолжиме повикот на Гоце Делчев, Македонија да биде европска држава, а не назад во изолација
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, по повод одбележувањето 154 години од раѓањето на македонскиот великан и револуционер Гоце Делчев, порача дека делата на Делчев се потсетник дека Македонија се гради со храброст, солидарност и заедништво.
Во објавата на Фејсбук, Филипче наведува дека Гоце Делчев бил еден од визионерите кои ги поставиле темелите на македонската државотворност, потенцирајќи дека неговата порака за „светот како поле за културен натпревар на народите“ и денес претставува јасен повик Македонија да оди напред кон модерна, просперитетна и европска иднина, а не назад во изолација.
„Во време кога државата повторно се соочува со сериозни предизвици, да не дозволиме националните интереси да бидат заложник на дневна политика“, порачува Филипче.
Според него, аманетот на Делчев треба да се продолжи преку градење напредна, праведна, демократска и економски силна држава, во која младите и сите граѓани ќе гледаат перспектива.
„Нека е вечен споменот на великанот Гоце Делчев“, се наведува во објавата.
Македонија
АВМУ со реакција за заканите кон новинарот Александар Видиновски
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изразува сериозна загриженост за нападите, омаловажувањата и смртните закани упатени кон новинарот на Канал 5 Телевизија, Александар Видиновски, по неговата објава на социјалните мрежи во врска со непрописно паркирани возила на тротоарот пред Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
„Овие постапки претставуваат директен напад врз безбедноста на новинарите и сериозно загрозување на слободата на изразување и правото на јавноста да биде информирана. Новинарите имаат право и обврска да известуваат за прашања од јавен интерес, без да бидат изложени на притисоци, закани или насилство.
Особено загрижуваат смртните закани, кои претставуваат кривично дело и бараат итно и ефикасно постапување од надлежните институции. Очекуваме институциите со должно внимание да ги разгледаат овие случаи и да обезбедат соодветна заштита, со што ќе придонесат кон јасна и доследна практика дека заканите, говорот на омраза и онлајн насилството кон новинарите се недозволиви“, соопшти АВМУ.
Македонија
650 прекршоци регистрирани вчера преку „Безбеден град“, од нив 590 за пребрзо возење
Во текот на вчерашниот ден преку системот „Безбеден град“ констатирани се вкупно 650 прекршоци, извести МВР.
Од нив, за минување на црвено светло констатирани се вкупно 36 прекршоци, за возење со брзина поголема од дозволената констатирани се вкупно 590 прекршоци, а за нерегистрирани возила 24 прекршоци. При тоа изречени се вкупно 61 забрани за управување на моторно возило, информираше Министерството за внатрешни работи.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и сите да придонесеме за безбеден сообраќај на територијата на целата држава“, соопшти МВР.

