Македонија
Јолевски: Местото на Македонија е во НАТО и ЕУ
Министерот за одбрана, Зоран Јолевски во саботата учествуваше на десеттиот јубилеен Бриселски Форум во организација на Германскиот Маршал Фонд (ГМФ).
На вечерата посветена на претставниците на земјите од југоисточна Европа, министерот Јолевски зборувал за плановите на Македонија за интеграција во НАТО и Европската унија, реформите во областа на образованието и приливот на странски инвестиции во државата.
Покрај Министерот Јолевски на вечерата се обратија и Џорџ Воиновиќ, поранешен Сенатор на САД, Кори Удовички потпретседателка на Владата на Република Србија Иван Вејвода потпретседател за програми при ГМФ и домаќинот на вечерата.
„Местото на Република Македонија е во рамките на НАТО и ЕУ како рамноправен член кој се залага за економски просперитет, мир и безбедност во Европа и светот”, изјави министерот Јолевски.
За време на Бриселскиот Форум, министерот Зоран Јолевски оствари средби со државни и тинк тенк претставници како Даниел Фрид координатор за политика во Стејт департментот, Дејмон Вилсон извршен потпретседател при Атлантскиот Совет, Ален Лероа генерален секретар на Европската служба за надворешни работи и амбасадорот Алесандро Минуто-Ризо – поранешен заменик генерален секретар на НАТО.
На средбите беа потврдени аспирациите на Република Македонија за членство во НАТО и ЕУ, беа истакнати реформите во областа на образованието и здравството, реформите и модернизацијата на АРМ, како и се поголемиот број на странски инвестиции и завидните резултати во областа на економијата.
Република Македонија беше поддржана од страна на соговорниците да продолжи да се движи по патот кон НАТО и ЕУ, поздравени беа и неопходните реформи кои Владата на Република Македонија ги усвојува со цел да ја подобри благосостојбата на македонските граѓани и да ја внесе Македонија во Евро-атлантското семејство.
При разговорите соговорниците изразија благодарност за придонесот на македонските војници во мисиите ИСАФ и Оддлучна поддршка во Авганистан со која Република Македонија докажува дека е партнер на НАТО и ЕУ, за промоција на слобода и безбедност во светот. Планот за Евро-атлантската интеграција како крајна цел на Република Македонија, и сите земји од регионот, беше поздравен од сите соговорници.
На панел дискусиите на Форумот стана збор и за иднината на соработката меѓу ЕУ и САД.
Говорниците истакнаа дека односите со САД треба и понатаму да се негуваат и унапредуваат особено во сегашниот геополитички период на промени и конфликти во Украина и Блискиот исток. Бројни говорниците исто така истакнаа и дека е време ЕУ да ги промени досегашните фискални и монетарни политики и дека е крајно време Грција да се однесува како достоен член на НАТО и ЕУ и да ги прифати предлозите за излез од економската криза и враќањето на долгот кон ЕУ.
Министерот Јолевски во разговорите со високите функционери на американската администрација задолжени за преговорите за Трансатлантската Спогодба за слободна трговија и заштита на инвестициите, позната како TTIP, укажа на потребата во овој договор да има клаузула со која ќе се овозможи пристапување на земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја Македонија./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кардиохирурзите Колев и Џелили на обука во Клиниката за кардиохирургија во Бордо, Франција
Кардиохирурзите при ЈЗУ Клиника за кардиохирургија, Скопје, Александар Колев и Кујтим Џелили престојуваат на Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, Франција, каде учествуваат на работилница за запознавање и обука со некои од најиновативните техники во совремата кардиохирургија.

-Заедно со мојот колега Кујтим Џелили имавме одлична можност да учествуваме на едукативна работилница во Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, организирана од Петерс.
Под менторство на водечките професори Томас Модин, Луис Лаброус и Џулијан Пелтан, се запознавме со некои од најнапредните техники во современата кардиохирургија. Меѓу нив најсофистицирана и најпрефинета беше употребата на роботскиот систем на Да Винчи за поправка на митралниот вентил, како и други минимално инвазивни кардиохируршки процедури. Преку практични тренинг сесии, вежбавме креирање на анастомози на реални модели, користејќи некои од најновите помошни хируршки апарати, напиша кардиохирургот Колев на неговиот фејсбук профил.

Тој особено го потенцира фактот дека кардиохирургија, како една од поновите гранки на медицината, продолжува да се развива и брзо напредува.
-За нас, како кардиохирурзи кои доаѓаат од мала земја како Македонија, од особено значење е да останеме во тек со овие иновации, со цел да обезбедиме највисок можен квалитет на третман за нашите пациенти, наведува д-р. Колев.
Македонија
Ѓорѓиевски на фејсбук објави дека најдоброто за Скопје допрва доаѓа
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук објави видео од активностите што се преземаат за чистење на главниот град, согласно неговото ветување за темелно чистење на Скопје во првите 72 часа од преземањето на мандатот.
-Скопје го правиме заедно, ви го дадов мојот збор! Се чисти кејот на реката Вардар. Се поставуваат украсни канделабри на плоштадот „Македонија“. Најдоброто, доаѓа!, објави Ѓорѓиевски попладнево на неговиот фејсбук-профил.
Акцијата за чистење Ѓорѓиевски ја почна завчеравечер по примеопредавањето на функцијата од досегашната градоначалничка, и како што самиот изјави, акцијата би требало да заврши утревечер.
Деновиве со механизација и рачно се чисти коритото и косините на Вардар, се отстранува кабаст отпад и пластични шишиња и се расчистува земјен материјал насобран во централниот дел на кејот, а се празнат и контејнерите од ѓубре.
Во акцијата се вклучени луѓе и опрема од комуналното претпријатие на Скопје, како и механизација и екипи од ЈП „Улици и патишта”- Скопје.
Македонија
Родителите на починатите во „Пулс“ со порака до судиите: Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми
Во Кочани денеска родителите на жртвите од пожарот во дискотоеката „Пулс“ одржаа нов „Марш за ангелите“, упатувајќи порака до правосудните институции дека очекуваат вистинска правда за настраданите.
-Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми, затоа што ако институциите продолжат да молчат, луѓето ќе ја изгубат вербата во системот. Исполнете ја вашата должност — не за нас, туку за нашите деца и за иднината на сите други што утре ке сакаат да живеат во држава со вистинска правда, порачаа родителите на починатите во „Пулс“ во своето обраќање пред медиумите.
Пред зградата на Основниот суд, мајка на починато дете во името на сите учесници на маршот, упати критика до Јавното обвинителство дека оваа институција не реагирала на тоа што уште пред три недели им биле доставени докази дека осомничено лице се сретнало со оштетен родител, што сметаат дека носи реална опасност да се влијаа врз сведоците и оштетените и да се загрози целата постапка и нејзината правичност. Тие најавија, дека во рок од една недела очекуваат јасен и конкретен одговор за преземените мерки по доставените докази, во спротивно велат ќе преземат посилни јавни и организирани акции.
Првото судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ ќе се одржи на 19 ноември, обвинети се 34 физички и три правни лица, кои се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност. Како што информираа од Кривичниот суд Скопје, рочиштето ќе се одржи во судницата во КПУ Идризово, а предметот според Акмис системот е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска.
Во пожарот во дискотеката во Кочани што се случи на 16 март, годинава, загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

