Култура
„LocoMotion“ – фестивал за современ танц по вторпат во Скопје
Под мотото „Движењето како значење“ од 29 октомври до 7 ноември по вторпат во Скопје ќе се одржи фестивалот на современ танц „LocoMotion“, во организација на „Локомотива“ – Центар за нови иницијативи во културата и уметноста
Годинава програмата на фестивалот опфаќа актуелни и иновативни дела од кореографи и танцови групи од Германија, во соработка со Франција, Швајцарија, Словенија, САД, Бугарија и Македонија.Преку овој фестивал за првпат кај нас ќе се презентира социјалниот аспект на современиот танц и улогата на современиот танц како медиум кој може да придонесе во развојот на културните институции, како професионализација на современиот танц во Западен Балкан. „Движењето како значење“ е одбрано како мото на „LocoMotion“ за да се истакне дека современиот танц е уметност која комуницира во различни концепти и на повеќе нивоа. Фестивалот ќе биде отворен со работилнивата „Fast forward – Skopje“ во прес сaлата на Македонската опера и балет, на која гостин-презентер ќе биде Хелен Ларсон, културен аташе на Амбасадата на Кралството Шведска во Белград и Корина Опреа, координатор на Black/North SEAS. Во петок, 30 октомври, на сцената на МНТ-Центар, ќе биде изведена „Still Lives – Skopje“ („Мртва природа“) на кореографката Изабел Шад од Германија. Овој проект е дел од „Германските недели 2009“, кои завршуваат оваа седмица и е поддржан од Гете-институтот и Францускиот културен центар. Овој проект ќе ја доживее својата премиера кај нас и претставува еден вид благодарност на кореографката Шад кон градот Скопје кој шест недели беше дел од германските денови на културата. Инаку, „Мртва природа“ е проект кој веќе неколку години се реализира во повеќе градови низ Европа (Букурешт, Хале, Берлин…) и е процес кој ги црпи специфичностите на секој град. Изабел Шад, заедно со своите соработници Бруно Пошерон и Бен Андерсон го започнале овој проект во 2003 година. На улиците во секој град од минувачите се бараат мислења и коментари за една фотографија од авторот Џеф Вал која претставува мизансцен на сцена, но и дел од реалноста. Она што го гледаат ги тера луѓето да се позицинираат, да се поврзат со нешта кои ги доживуваат и самите стануваат дел од фотографијата. Токму одговорите на случаните минувачи ја сочинуваат музиката за „Мртва природа“.Во наредните денови ќе можат да се погледнат: „Ателје“ во кореографија на Бара Коленц од Словенија (1 ноември, Младински културен центар, 21 часот), „Ulysses“ на Јуриј Коњар од Словенија (3 ноември, Младински културен центар, 20 часот), вечерта на млади автори „Кратки резови“, каде ќе настапуваат студентите кои беа дел од НОМАД танц академијата – „Чаша љубов“ на Жана Пенчева од Бугарија, „Близу“ на Кире Миладиноски и „Хајди“ на Александар Георгиев од Македонија и „Боже, само ѓаволот да не го украде ритамот!“ на Илаја Рубин Мрак Блумберг од САД, а последната вечер на 7 ноември ќе се случува „Три во едно“ со трупата Линга од Швајцарија , мултидисиплинарна вечер на изведувачки уметности: видео, современ танц и хип-хоп музика.Фестивалот се реализира во рамките на проектот Градина на Европа, како дел од активностите на НОМАД танц академија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Народниот театар „Војдан Чернодрински“ ќе ја одигра претставата „Црнила“ на сцената на МНТ
На 21 февруари, во 20 часот, во Македонскиот народен театар ќе гостува претставата „Црнила“, во продукција на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, во режија на Дејан Пројковски.
„Црнила“ е психолошко-политичка драма, која ја разоткрива кревкоста на човековата етика во затворен систем на заговори и идеолошка дисциплина. Во фокусот е ерозијата на индивидуалната совест под притисок на колективниот мит. Наместо херојство, пред публиката се разоткрива човечката слабост, но и она што останува од човекот кога идеологијата ќе го проголта.

Вистинските „црнила“ не се историски, туку антрополошки — тие се појавуваат таму каде што човекот ја губи способноста за сопствено мислење и морален избор.

Во претставата играат: Како Неда, Сара Спиркоска, во улогата на Иван, Бобан Алексоски, Катерија Чакмакоска-Клинческа како Милка, Александар Степанулески како Луков, Христов го игра Александар Тодески, ликот на Фезлиев е Димитар Ѓорѓиевски, како Методи, Михајло Миленкоски, Младичот е Илија Волчески, како и децата Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски и Ива Малинческа.
Култура
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ гостува во МНТ
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ ќе гостува на сцената на Македонскиот народен театар, на 20 февруари, во 20 часот. Станува збор за сценска адаптација на истоимениот антологиски роман на Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски.

„Црно семе“ е моќна и емотивна сценска приказна, која отвора едно од најболните поглавја од македонската колективна меморија — судбината и голготата на Македонците од Егејска Македонија по Втората светска војна.

Преку личните судбини на ликовите, се отвораат теми за страдањето, истрајноста, идентитетот и достоинството, како и потребата приказните за минатото да останат живи и пренесени на новите генерации.

Драматизацијата е на Јелена Цветановска, сценографијата на Сергеј Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, сценските движења ги потпишува Дамјан Цветановски, а музиката е на Димитар Андоновски.

Во претставата настапуваат: Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Никола Стефанов, Петар Спировски, Никола Пројчевски, Хари Михајловски, Александар Стефановски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Живко Борисовски, Марија Цветановска, Александар Димитровски, Александар Копања, Давид Балтовски, Филип Стефановски, Виктор Крстевски и Александар Ѓоргиовски.

„Ако ние не ги раскажуваме нашите приказни, никој друг нема. Затоа мора да се сеќаваме на имињата и судбините на нашите луѓе“, истакнува режисерот Андреј Цветановски, нагласувајќи ја улогата на театарот како чувар на историската и човековата вистина.
Култура
По премиерата на Канскиот фестивал, филмот „ЛОЈНС“ официјално селектиран на Berlin Critics’ Week 2026
Краткометражниот игран филм „ЛОЈНС“, во режија на Доријан Жесперс, а во копродукција на Веда Филм од Скопје, е официјално селектиран за учество во програмата на Berlin Critics’ Week 2026, која ќе се одржи од 9 до 17 февруари 2026 година во Берлин.
Филмската програма на фестивалот започнува во вторник, 10 февруари, во киното Hackesche Höfe Kino. Berlin Critics’ Week е независнo курирана платформа која се прикажува паралелено со Берлинале и презентира значајни филмски остварувања од тековната фестивалска сезона како важен простор за критички дијалог и најновите и најхрабрите авторски филмови.
Во својата официјална најава, фестивалот го истакнува следново за филмот и режисерот:
„Доријан Жесперс се чини дека не ги смета за свети ниту судските драми, ниту соновните секвенци. Во својот краток филм ”ЛОЈНС”, тој избира безвременска судница како сцена за кафкијанска фарса и со голем ентузијазам продолжува да крши безброј правила на наративното кино. Младиот режисер е главна тема на разговор уште од неговиот наградуван дипломски филм ‘Sun Dog’, и ние со нетрпение очекуваме да слушнеме што има да каже за својот нов филм.”

