Економија
Груевски: Проблемите се надминуваат со конкретни чекори

Светската економија сé уште се наоѓа под влијание на глобалните предизвици, а стручната јавност е под постојаната неизвесност за утврдување решенија за проблемите предизвикани од должничката криза во Европа, рече македонскиот премиер Никола Груевски…
Светската економија сé уште се наоѓа под влијание на глобалните предизвици, а стручната јавност е под постојаната неизвесност за утврдување решенија за проблемите предизвикани од должничката криза во Европа, рече македонскиот премиер Никола Груевски во обраќањето во петокот во рамките на вториот ден од 6-от Економски форум Астана 2013 на тематската расправа Дијалог на лидери, на која се дискутираше за генералните предизвици со кои се соочуваат државите во услови на светската криза, како и обезбедувањето балансиран економски раст.
Премиерот Груевски притоа, истакна и дека предизвиците со кои европските држави се соочуваат се реалност, и напорите на економиите треба да бидат насочени кон премостување на тие предизвици преку постојана инвестициска активност, реформи и мерки кои ќе овозможат услови за нивно побрзо надминување.
„Како и да е, ова беше одлична можност, слушнав различни мислења, различни видови на проблеми, како различни држави ја чувствуваат кризата и се справуваат со неа, но и да се сретнат многу луѓе. Посебно во вчерашниот ден беше одлична прилика пред околу три илјади луѓе од кои најголем број бизнисмени да се презентираат можностите за правење бизнис и инвестирање во Македонија, што ми беше и една од основните цели за доаѓањето во Казахстан“, изјави Груевски.
Премиерот посочи дека за надминување на глобалните проблеми се потребни конкретни чекори кои на државите им се добро познати, но дека нивната реализација зависи главно од политичката волја на лидерите во тие држави.
Потребно е постојано прилагодување на економиите на променливите околности, бидејќи новите услови тоа го бараат. Во тој контекст, Груевски ја истакнал важноста од проактивната улога на државите кои мора будно да ги следат случувањата, и да обезбедат соодветни одговори на потребите на економијата. Потрагата по инвестиции, развојот на пазарните услови, како и целосната поддршка на раководствата на државите на тој процес е од исклучителна важност.
Македонскиот премиер уште предочил дека иницијативите како Г-Глобал во контекст на актуелните предизвици, може да помогнат бидејќи така се овозможува отвореност и окрупнување на силите во изнаоѓањето на заеднички решенија. На тој план секоја иницијатива за надминување на реалните предизвици треба да биде поздравена.
„Имаше различни размислувања за тоа како да се менаџираат состојбите во иднина. Се размислува и за ткн. Г- глобал, во кое што би влегле поголем број држави, отколку што влегуваат во Г-20 и дали тоа би дало некој поголем допринос во целата оваа ситуација, затоа што Г-20 е премногу фокусирано на европската криза“, истакна Груевски.
На маргините на економскиот форум „Астана 2013“, премиерот Никола Груевски оствари одделни разговори со поранешниот премиер на Италија и претседател на Европската комисија, Романо Проди, со претседателот на Економско-социјалниот совет на Обединетите нации, Нестор Осорио, генералниот секретар на Конференцијата на ОН за трговија и развој, Супачаи Паничпакди.
Соговорниците се осврнаа на глобалното движење на пазарот и економиите, на потенцијалите за инвестирање и на потребата за постојано прилагодување на државите кон барањата на светската економија. Тие ја потенцираа важноста од зајакнување на капацитетите и отвореноста на државите за соработка на економски и политички план./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Славески на средби со ММФ: Мерките на Народната банка придонесуваат за постепено намалување на инфлацијата и задржување на финансиската стабилност

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во рамки на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка, што се одржуваат во Вашингтон, оствари низа билатерални средби со високи претставници на ММФ. На средбите присуствуваше и министерската за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.
Славески се сретна со заменик-директорот на ММФ Бо Ли, директорот на Европскиот оддел во ММФ Алфред Камер, извршниот директор Јерон Клик, заменик-директорите Марникс ван Рај и Владислав Рашкован и шефот на Мисијата на ММФ за нашата земја Ник Гигинеишвили.
На средбите, високите претставници на ММФ го поздравија приклучувањето и реализацијата на првите трансакции во СЕПА, како и потпишувањето на Писмото на намери со Банката на Италија за развивање на клон на ТИПС системот на ЕЦБ за земјите од Западен Балкан за натамошна модернизација и овозможување инстант плаќања во домашните, меѓусебните прекугранични плаќања и плаќањата со другите земји во СЕПА.
На средбите се разговараше за најновите макроекономски случувања во земјата, како и за очекувањата за идните движења. Славески истакна дека Народната банка е цврсто посветена на одржувањето на ценовната стабилност, за што се осврна на мерките преземени од страна на централната банка во насока на остварувањето на оваа цел. Дополнително, гувернерот ги образложи новите макропрудентни мерки донесени од страна на Народната банка насочени кон понатамошно одржување на финансиската стабилност.
Претставниците на ММФ посочија дека прудентната монетарна политика што ја спроведува Народната банка придонесува за ефективно управување со ризиците и постепено намалување на инфлацијата, при што создава услови за стабилен економски раст, што се потврдува и со најновите проекции на ММФ за македонската економија, со очекуван растот годинава од 3,4%, а за следните години одржување на нивото околу 3%. Истовремено, инфлацијата се очекува во континуитет да продолжи да забавува и да се сведе на историското ниво од околу 2% на среден рок.
Во разговорите беше потврдена и континуираната успешна соработка меѓу Народната банка и ММФ. Во изминатиот период, преку техничките мисии на ММФ беа реализирани повеќе активности за модернизација на монетарните операции, подобрување на проекциите за ликвидноста на банкарскиот систем и зајакнување на супервизорските капацитети на Народната банка. Со тоа се зголеми ефикасноста и предвидливоста во спроведувањето на монетарната политика, како и отпорноста на банкарскиот систем на потенцијални ризици. Соработката со ММФ ќе продолжи и во наредниот период, со цел понатамошно усогласување со меѓународните стандарди и унапредување на аналитичките и оперативните капацитети на Народната банка.
Економија
Ѓорѓиевски: Регионалниот пристап за земјите од Западен Балкан е можност за раст на економиите и подобро позиционирање на европскиот пазар

Делегација на Сојузот на стопански комори на Македонија учествуваше на дводневната престижна конференција во Будва, Република Црна Гора организирана по 14 пат од страна на Стопанската комора на Црна Гора. Во рамките на конференциите ЕЕN – IFNNO на која покрај презентациите за европските проекти се остварија значајни контакти на групацијата за проекти при ССКМ со потенцијалните партнери и донатори од Европската Унија за идна соработка.
На маргините од првиот ден претседателот на ССКМ , Горан Ѓорѓиевски со делегацијата оствари средба со министерот за земјоделство, шумарство и води на Црна Гора, Владимир Јоковиќ. На средбата се потврди подготвеноста за соработка во aгро сегментот, заедничка соработка и споделување на искуства во развојот на руралниот туризам како неискористен потенцијал на двете земји. Се искажа подготвеност за заедничка соработка во аплицирањето на европските проекти како и соработката во споделување на искуства од страна на ССКМ со министерството за земјоделиe, шумарство и водостопанство на Република Црна Гора.
Претседателот на ССКМ Ѓорѓиевски истакна дека идниот период потребно е двете земји да се фокусираат за зголемување на меѓусебната економска размена, развој на aгро сегментот, фокус на aгро и екотуризмот кој ќе доведе до успорување на миграцијата и намалување на притисокот во делот на човечките ресурси.
Покрај излагањето на врвни експерти за економија на конференцијата кои ги трасира идните чекори кон раст на регионот, на маргините од вториот ден Ѓорѓиевски оствари средба со претседателката на стопанската комора на Црна Гора, Нина Дракиќ, на која се предложија поголем број од иницијативи за развој на човечките ресурси како клучен елемент на идниот развој на бизнисите на двете земји, организирање на В2В состаноци во најзначајните економски сектори на двете земји, заеднички настап на европски проекти како и зајакнување на регионалниот пристап како клуч на успехот за економии на двете земји.
Ѓорѓиевски на средбата истакна дека во периодот пред нас потребно е да се изградат уште поцврсти мостови на соработка помеѓу двете бизнис комори во повеќе економски гранки од кои во следните години се очекува најзначаен удел во Бруто домашниот производ на Република Македонија и Република Црна Гора.
Економија
Електродистрибуција ја зајакнува нисконапонската мрежа со инвестиции над 10 милиони евра

Екипите на Електродистрибуција, во првите 6 месеци од 2025 година, успешно реализираа повеќе инфраструктурни проекти насочени кон модернизација и подобрување на нисконапонската мрежа.
Главниот фокус на овие активности е зголемување на стабилноста на системот, намалување на загубите и воведување современи решенија во управувањето со дистрибутивната мрежа.
Во рамки на проектите беа поставени 135 километри нова нисконапонска мрежа, заменети старите столбови и проводници, како и инсталирани нови далечински уреди за мерење на нови локации.
Вкупната вредност на инвестициите за овој период изнесува 10,4 милиони евра, додека дополнителни 2 милиони евра се планирани до крајот на 2025 година. Со овие инвестиции, Електродистрибуција ја зајакнува дистрибутивната мрежа и поставува уште постабилна основа за понатамоштен развој на енергетскиот систем.
ПР