Култура
Звуци на гитара и вибрафон на „Скопско лето 2009“
Утревечер во Даут пашиниот амам, со почеток од 20:30 часот, ќе се одржи концерт на Елена Чадиковска – вибрафон, Владимир Чадиковски – гитара и Весна Ангеловска – пијано. На програмата се дела од Давид Фридман, Марк Глентворт, Клод Дебиси, Гери Бартон и други
Елена Чадиковска (1985) дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Мојца Седеу. Моментално е прва година на Факултетот за музичка уметност во Штип, на џез студии, во класата на проф. Александар Секуловски. Во текот на своето школување има освоено врвни награди и има учествувано на повеќе концерти со Македонската филхармонија, на манифестацијата „Денови на македонската музика“, „Музика Вива“, итн. Учесник е и на повеќе меѓународни семинари, како џез-семинарот во Грожњан, Хрватска, семинарот за перкусионисти во Фермо, Италија, итн. Добитник е на стипендијата МММ за учество на меѓународниот мастер курс по камерна музика во Вајкерсхајм, Германија.
Пијанистката Весна Ангелова во 2008 година реализира културен престој и концерт во салата на Cite internationale des arts во Париз. Работи како надворешен соработник на Македонската филхармонија. Настапувала во Турција, Чешка, Србија, Франција, Бугарија… Од 2000 година работи како професор по пијано и пијано-соработник во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.
Владимир Чадиковски (1982) е студен наФакултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Тања Јанкова. Во текот на своето десетгодишно музицирање соработува со врвни музичари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во македонскиот КИЦ во Загреб отворено првото издание на Фестивалот на современата македонска книжевност
Пред бројна публика во македонскиот КИЦ во Загреб беше отворено првото издание на Фестивалот на современа македонска книжевност којшто македонскиот КИЦ го реализира во соработка со реномираната македонска издавачка куќа ,,Македоника литера“ .
Фестивалот го отвори директорката на Македонскиот културно-информативен центар во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска која истакна дека, целта на Фестивалот е да ја покаже важноста на книжевниот превод како уметнички и творечки чин и како поттик за книжевна размена и културен дијалог. Фестивалот е осмислен како простор за разговор, соработка и нови инспирации на авторите, преведувачите, издавачите и читателите. Тој е отворена културна прилика да им оддадеме признание на оние кои ја создаваат книжевноста, на оние кои ја преведуваат и на оние кои ја читаат и ја сакаат.
Пред присутната публика се обрати македонскиот амбасадор во Хрватска Н.Е. Драган Ѓурчевски кој ја истакна важноста на македонскиот КИЦ за културната македонско-хрватска соработка.
Директорот на издавачката куќа “Македоника литера” , Нове Цветаноски, ги претстави изданијата од хрватски автори преведени на македонски јазик, а од името на хрватските автори се обрати Драго Гламузина, писател и уредник.
Во присуство на авторите беа промовирани и хрватските изданија на книгите „Сезона на глуварките“ од Блаже Миневски и „Чувар на тајната“ од Ранко Младеноски кои неодамна беа публикувани на хрватски јазик. На промоцијата покрај авторите учествуваа и Дијана Бахтијари од издавачката куќа „Тим прес“, Томислав Ровичанац, преведувач, како и Жарко Милениќ, издавач и преведувач. Модератор на промоциите беше Владимир Илиевски.
Книжевниот фестивал треба да придонесе за афирмација на совремната македоснка книжвност и за продлабочувањето на македонско-хрватските културни врски, посебно во полето на книжевноста.
Во рамките на годинашната фестивалска програма беше отворена изложба на книги од хрватски автори преведени на македонски јазик, објавени од Друштвото за издавачка дејност ,,Македоника литера“, која досега има публикувано близу 50 наслови од хрватската книжевност.
На отворањето на првото издание на Фестивалот присуствуваа еминентни хрватски автори, преведувачи и издавачи, истакнати претставници на македонските и хрватските институции и организации во Загреб, бројни загрепчани, Македонци кои живеат, работат или се школуваат во Загреб, студенти на Филозофскиот факултет во Загреб, како и претставници на државната и локалната самоуправа во Република Хрватска.
Вториот ден од Фестивалот продолжува со трибина ,,Хрватско-македонските културни врски низ призмата на книжевниот превод и промоции на академик Горан Калоѓера, проф. д-р Борјана Прошев Оливер и фототипното издание на ,,Бели мугри” од Кочо Рацин.
Култура
Триесет години музика и љубов: Фолтин со концерт во Македонската филхармонија
На 22 Ноемвриво салата на Македонска Филхармонија во оваа за нив јубилејна година 30 години постоење ќе настапи групата Фолтин.
Концертот е во организација на МГ Мјузик Продукција.
Билетите се во продажба на мрежата на Karti.com.mk
Групата “Фолтин” е основана во 1995 година во Битола. Нејзиниот изворен јазик е повеќе уметнички и експериментален, а текстовите се фонетска имитација на неколку природни јазици од медитеранскиот регион, што тие самите го нарекуваат “спонтан есперанто”. “Псевдо-емигрантско кабаре” е нивниот карактеристичен звуковен амалгам на жанрови, од традиционална музика преку електроника до рок, и визуелен израз што вклучува елементи на кабаре и на перформанс. Подоцна, со текстовите на македонски јазик, Фолтин отвора ново поглавје, притоа збогатувајќи ја звучната слика со влијанија од алтернативниот рок или од новиот бран, но сè уште одржувајќи ги врските со традиционалната музика и со концептот на кабаре.
Групата има десетина студиски изданија. Потпишува музика на триесетина театарски претстави и неколку филмови (“Плати и жени”, “Со љубов”, “Исцелител”, “Медена земја” и др.)
Фолтин се:
Пеце Николовски – кларинет, каос-пад, усна хармоника
Пеце Трајковски – електронски акордеон, електрична гитара
Гоце Јованоски – бас
Славчо Јовев – тапани
Бранислав Николов – вокал
Култура
(Видео) Објавен првиот трејлер за контроверзниот биографски филм за Мајкл Џексон
По бројните извештаи за проблематичната продукција, студиото „Лајонсгејт“ го објави првиот трејлер за биографскиот филм „Мајкл“, кој го режира Антоан Фукуа и го следи животот на кралот на поп-музиката, Мајкл Џексон.
Трејлерот започнува со сцена во студио каде Џексон снима со Квинси Џонс (го игра Кендрик Семпсон), кој вели:
„Знам дека долго го чекавте ова. Песните се снимени, подготвени се. Да почнеме од почеток.“
Следуваат кадри од детството на Џексон, неговите легендарни настапи и видеа, меѓу кои и „Трилер“, додека во позадина свири хитот „Вана би стартин самтинг’“ од 1982 година.
Филмот го прикажува патот на Џексон од детска ѕвезда до светска икона, со „интимен поглед во животот и наследството на еден од највлијателните уметници на сите времиња“, стои во синопсисот.
Снимањето завршило во мај 2024 година, но поради дополнителни снимања во јуни, премиерата беше одложена за 24 април 2026 година.
Иако се шпекулираше дека проектот ќе биде поделен на два дела, трејлерот покажува дека сепак станува збор за еден филм.
Режисер е Антоан Фукуа, познат по акциските хитови „Training Day“, „The Equalizer“ и „Olympus Has Fallen“. Сценариото го напиша Џон Логан, автор на „Gladiator“, „The Aviator“ и „Hugo“.
Главната улога ја толкува Џафар Џексон, вистинскиот внук на Мајкл Џексон.
Продуцентот Греам Кинг изјави дека филмот ќе го прикаже Џексон со човечка страна, без да се „исчисти“ неговата биографија:
„Мајкл имаше сложен живот. Сакам да ја прикажам највозбудливата и најнепристрасна приказна што можам, а публиката сама нека одлучи како ќе се чувствува по филмот.“
Контроверзии повторно се појавија поради обвинувањата за сексуално злоупотребување на деца, кои беа обновени во документарецот „Leaving Neverland“ (2019) на Ден Рид.
Рид изјави дека сценариото за „Michael“ било „изненадувачки неискрено“ бидејќи, според него, ги игнорирало обвиненијата и тужителите.
Филмот ќе добие ново финале, бидејќи режисерот Фукуа мора повторно да сними делови поврзани со контроверзните обвинувања за злоупотреба на деца.
Како што пренесува „Анадолија“, првичната верзија на филмот прикажувала Џексон како се грижи за болни деца, што предизвикало реакции и притисок врз продукцијата да направи измени.

