Македонија
МЖСПП: „Југохром“ доцни со остварување на обврските за заштита на животната средина
Фабриката „Југохром Фероалојс“ во Јегуновце доцни со остварување на задолженијата од Оперативниот план за усогласување со А- интегрираната еколошка дозвола и доби пролонгирање на рокот до 31-ви октомври, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање.
Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири во придружба на заменик министерот Стево Темелковски, директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Фирус Мемед и стручни лица на Министерството во вторник го посети „Југохром Фероалојс“ во Јегуновце, каде што оствари средба со раководниот тим на овој индустриски капацитет.
Како што соопшти МЖСПП, целта на посетата била да се направи мониторирање на спроведувањето на задолженијата од Оперативниот план за усогласување со А- интегрираната еколошка дозвола за чие реализирање „Југохром“ доби пролонгирање на рокот до 31-ви октомври.
Согласно разговорите и теренскиот увид било констатирано дека од вкупно 29 активности од Оперативниот План, шест активности, меѓу кои е и изградба на систем за отпрашување, воопшто не се започнати со реализација.
Исто така, министерот Изаири направи увид на работењето на системот за прочистување на отпадни води од депонијата на историскиот индустриски отпад од „Југохром“ како и на прочистителната станица која е дел од овој систем воочувајќи дека е истата е во функција, велат од Министерството.крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Водата во Скопје е санитарно исправна и може непречено да се користи, велат од Водовод
Секторот Санитарна контрола на ЈП Водовод и канализација Скопје на ден 22.12.2024 година изврши вонреден мониторинг на водоснабдителниот систем на градот Скопје кој беше во прекин со водоснабдување на 21.12.2024 година поради изведување на активности за санација, реконструкција и модернизација на градската водоводна мрежа.
„Мониторингот опфати 9 (девет) клучни места и тоа во Автокоманда, Сингелиќ, Маџари, Ново Лисиче, Центар, Драчево, Пржино, Ѓорче Петров и Карпош од каде беа земени примероци од водата за пиење врз кои беше изведено физичко-хемиско и микробиолошко лабораториско тестирање.
Покрај теренските мерења на рутинските параметри, тестирање беше изведено со стандардни методи и јонска хроматографија за физичко-хемиската анализа, како и со полимераза верижна реакција метода за микробиолошката анализа.
Сакаме да ја информираме јавноста дека од добиените резултати сите примероци физичко-хемиски и микробиолошки ОДГОВАРААТ на Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ бр.183/18), со што констатиравме дека водата од водоснабдителниот систем на град Скопје е санитарно исправна и истата може од страна на граѓаните непречено да се користи“, велат од ЈП „Водовод и канализација“.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се обвинуваат за бегството на Артан Груби
ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ преку соопштенија и утринава меѓусебно се обвинуваат кој е виновен за бегството на Груби.
„СДС да и соопштат на јавноста со што толку многу се задолжија кај ДУИ и Груби што и покрај сите факти и докази се уште жестоко го бранат Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Врската помеѓу СДС и Груби не е ништо повеќе од класична шема на системски криминал во кој СДС и ДУИ ги искористиле државните институции и ги претвориле во механизам за заштита на соптвените криминали. И ДУИ и СДС и сите знаат дека Лотарија била перална на пари, а Груби правел милионски криминал но молчеле за да не падне владата, молчеле за да опстане коалицијата и да продолжат со криминалот, корупцијата и тендерите во четири очи. СДС наместо како аматерски сценаристи секојдневно да смислуваат сценарија и приказни за Груби во кој не веруваат ниту малите деца да го повикаат на одговорност. Зоран Заев, Венко Филипче, и Димитар Ковачевски знаеле за криминалот на Груби но го толерирале и не го гонеле, за да купат ден повеќе, и да продолжат со криминалот на штета на граѓаните. После 7 години, позади плаштот на реториката која ја проектираа СДС-ДУИ како „гарант за реформи, прогрес и институционална правичност“ на површина излезе грубата вистина за СДС како свесни соучесници со ДУИ во најбруталниот грабеж на Македонија. Институционалниот хаос кој произлезе од СДС-ДУИ ја доведе Македонија до крајна точка на економска, правна и морална деградација. СДС поради политички конформизам не само што го амнестирале Груби туку и овозможиле континуитет на грабежот. СДС и ДУИ се партнери во криминалот. Груби како десна рака на Ахмети и втор човек во владата на СДС-ДУИ е симбол на аморален субјект толериран од СДС заради личен профит. Бегството на Груби е очајнички обид и признавање на вина за случувањата во Лотарија. Одговорност за целосниот колапс на системот мора да има“, пишува во соопштението на владејачката партија.
Од СДСМ, пак, вратија: „јалови се обидите на ВМРО-ДПМНЕ да се оправда за бегството на Артан Груби кое е сработено по истото сценарио како и она летото на Блерим Рамадани“.
„Повеќе од јасно е дека границата со Косово не е под контрола на МВР и Тошковски. Уште почудно е што токму полицајци поставени од Тошковски решиле да го пуштат Груби непречено да си оди. ВМРО-ДПМНЕ и Тошковски сами си ги креираат сценаријата за сомнеж дека тие го пропуштиле Груби да си оди од државата наместо да се соочи со одговорност. Груби мора да биде итно спроведен пред лицето на правдата. Но, денес е нејасно како Тошковски може да биде толку неинформиран и МВР толку слаба институција под негово водство, кога Изет Меџити коалицискиот партнер на Мицкоски знае дека Груби е во Албанија, а Тошковски не? Го праша ли Тошковски Меџити од каде му се информациите? Тошковски веќе одамна е зрел за оставка, премногу скандали се случија без никаква политичка одговорност“, стои во соопштението на СДСМ.
Македонија
Денеска сонце, од утре снег
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност.
Кон крајот на денот и во текот на ноќта облачноста ќе се зголемува.
Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен до југозападен правец.
Минималните температури ќе се движат од -7 до 1, а максималните од 1 до 9 степени целзиусови.
Во Скопје, утрото ведро и студено, преку денот претежно сончево и тивко. Кон крајот на денот и во текот на ноќта облачно.
Од Управата за хидрометеоролошки работи велат дека денеска ќе има само преодно стабилизирање на времето.
„Од понеделник под влијание на циклонска активност и студен воздух од север ќе започнат нови врнежи претежно од снег, во делови од Повардарието од дожд. Особено во западниот дел и на исток каде што во понеделник врнежите ќе бидат пообилни ќе се зголеми и ќе се прошири и снежната покривка, а снег ќе има понекаде и во пониските места“, велат од УХМР