Економија
Охрид: Локалната власт верува во реализација на проектот на Субрата Рој

Локалната самоуправа во Охрид верува дека идејата за изградба на луксузен туристички комплекс во Љубаништа ќе се реализира, за што неодамна било разговарано на средба во Министерството за транспорт и врски на која присуствувале претставници на инвеститорот, на архитектонското студио Аткинс, министерството за култура, Хидробиолошкиот завод, НП Галичица и на општина Охрид.
„Инвеститорот и понатаму е силно заинтересиран да продолжи овој проект и да ја оствари најавената инвестиција во туристичкиот комплекс во Љубаништа“, изјави денеска градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, пренесува OhridNews.На средбата, како што посочи Бакрачески, главниот проектант од надлежните институции бил запознаен со сите аспекти кои е потребно да бидат запазени при проектирање на туристичкиот комплекс.„Проектантите од Аткинс изразија подготвеност да ги прифатат сите забелешко кои што релевантните институции од Република Македонија ги имаат околу изградбата на овој туристички комплекс. Беше побарано од нивна страна сите забелешки, критериуми и правила кои треба да бидат запазени да им се достават во форма на водич по кој главниот проектант ќе го реализира проектот“,рече Бакрачески.Градоначалникот на Охрид ја уверува јавноста дека најавениот амбициозен проект во Љубаништа ќе биде изграден согласно закон и ќе ги задоволи потребните стандарди.„Јас можам да упатам смирувачка порака до сите загрижени граѓани и скептици кои што сметаат дека можат да бидат нарушени некои стандарди во градењето, но тоа во ниеден случај нема да се случи, затоа што ниту државните институции, ниту јас како градоначалник нема да дозволам било какво отстапување од законските прописи при изградба на туристичкиот комплекс во Љубаништа“,.истакна БакраческиТој рече дека директно не е запознаен со ставовите на Македонската православна црква, чии претставници се противат на изградбата на туристички комплекс на просторот на кој се наоѓа црковно земјиште. Тој рече дека нема информации за ваквото противење, како и дека засега не била побарана средба со него на која ќе се разгледува ова прашање.Инаку, проектот кој треба да го реализира групацијата на милијардерот Субрата Рој „Сахара Индија Паривар“ во Љубаништа, предвидува изградба на суперлуксузен хотел – казино на вода, како и апартмани, вили, марини, голф терени и други пропратни објекти кои според најавите на инвеститорот ќе придонесат градот да стане светска туристичка дестинација. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Трипуновски: Уште денеска ќе биде пуштена водата, земјоделците да бидат спокојни

„Утрово добив информација дека имало незадоволство околу почетокот на сеидбената сезона во делот на оризопроизводството. Затоа денеска дојдов тука на работен состанок со оризопроизводителите за да разговараме за наводнувањето, околу почетокот на сеидбата“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од Чешиново Облешево.
„Заедно со директорот на АД Водостопанство, во чија надлежност е пуштање на водата до оризовите полиња сме помеѓу земјоделците. Утрово директорот на Управата за хидрометеоролошки работи ме извести дека во наредниве денови ќе имаме интензивни врнежи што значи дека хидролошката состојба ќе се подобри“, појасни тој.
Министерот посочи дека заедно со директорот на АД Водостопанство ќе разговараат со земјоделците бидејќи од нивна страна имаше барање високите зони, песокливите површини да бидат ненасеани со ориз, а се останато да биде покриено вода.
„Информацијата што ја разменивме заедно со директорот со земјоделците е дека водата уште денеска ќе биде пуштена за да се запазат оптималните рокови кои согласно науката велат дека треба до 15-ти мај да се заврши сеидбата. Така да во делот на она што значи поплавување со површини на вода очекувам дека нема да има проблем, земјоделците треба да бидат спокојни“, додаде министерот.
Економија
Министерството за енергетика прифати амандмани поднесени од сите пратенички групи за Законот за енергетика

Предлог-законот за енергетика, како едно од најважните законски усогласувања со енергетската легислатива на ЕУ, го помина второто читање пред надлежните собраниски комисии за економски прашања, труд и енергетска политика и законодавно правната комисија. Во фазата на второто читање остана разгледување на текстот на Дополнетиот предлог на закон за енергетика на седница на Собрание, на која следи и постапка на донесување на законот и негово објавување во Службен весник.
„Како предлагачи на законот очекуваме истиот да биде донесен во текот на овој месец, со што во целост ќе се испочитуваат роковите за негово донесување од реформската агенда и обврските кон Европската енергетска заедница каде што сме членка. Станува збор за клучен закон кој отвора нови можности за пазарот и обезбедува фер услови за сите учесници –граѓаните, преку стопанството, до јавните институции. Ова е закон што ја носи Македонија чекор поблиску до европскиот енергетски пазар, но и ја зајакнува нашата внатрешна стабилност и отпорност“, изјави министерката Сања Божиновска.
Во текот на амандманската расправа беа прифатени 61 амандман (поднесени 71 амандман) од пратеници од сите пратенички групи. Крајната цел на Министерството е да се донесе усогласен и применлив закон во интерес на граѓаните и енергетскиот систем.
„Во амандманската расправа беа прифатени повеќе суштински амандмани, а како најзначајни ги издвојуваме амандманите кои се однесуваат на: задолжително воведување на складишта (батерии) за новите електроцентрали од варијабилен обновлив извор на енергија; воведување обврска инвеститорите да докажат дека имаат средства во износ од 100.000 евра на сметка или во основни средства при издавање на лиценца за вршење на енергетските дејности трговија и снабдување со електрична енергија; допрецизирани се одредбите за именување и разрешување на членовите на Регулаторната комисија за енергетика; исклучокот за друштвото кое врши дејност дистрибуција на гас да може да врши и дејности снабдување со гас, снабдување со гас со обврска за јавна услуга и снабдување со гас во краен случај, доколку има приклучени помалку од 100 000 потршувачи; делот за дополнителен приход за операторот на електродистрибутивниот систем кој го продава вишокот на електрична енергија за секоја продажба да има обврска да ја извести Регулаторната комисија за енергетика; во делот на одвоено сметководство додадена е обврска на носителите на лиценци за вршење енергетски дејности во годишната сметка доставена до Централниот регистар одделно по шифра на дејност да го прикажат приходот од секоја енергетска дејност за која поседуваат лиценца; допишани се преодни одредби за постојните одлуки за сертификација за МЕПСО и НОМАГАС како и преодни одредби за вршителите на енергетски дејност кои за прв пат ги воведуваме како енергетски дејности со овој закон за кои е потребно лиценца за вршење на дејноста“, појаснуваат од Министерството.
Главните придобивки од новиот закон, според Министерството, се либерализиран, транспарентен и конкурентен пазар за електрична енергија, што ќе значи поголем избор и пофер цени за потрошувачите, воведување на паметни броила, што овозможува прецизно мерење на реалната потрошувачка на електрична енергија и увид на крајниот потрошувач во својата потрошувачка на електрична енергија на дневна основа; поддршка за нови концепти како граѓански енергетски заедници и модели на активно управување со побарувачката; зголемена пазарна ликвидност и пристап до повеќе извори на снабдување за стопанството и подеднаква можност за инвестиции на сите и инфраструктурна стабилност, преку инвестиции во системи за складирање и дигитализација на системите.
Во рамките на новопредложената енергетска реформа, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини согласно своите надлежности законски го реализира и преносот на сопственичката структура на друштвото оператор на електропреносниот систем МЕПСО, како дел од напорите за подобра контрола, координација и управување со преносната мрежа.
„Стабилен и професионално управуван преносен систем е предуслов за раст на обновливите извори и сигурно снабдување на домаќинствата и индустријата. Со оваа одлука, го јакнеме капацитетот на државата да одговори на предизвиците на енергетската транзиција“, додаде министерката Божиновска.
Економија
Димитриеска-Кочоска се сретна со турскиот министер за трезор и финансии Шимшек: договорено интензивирање на соработката меѓу двете министерства

Интензивна соработка помеѓу двете министерства во областа на даночната политика и борбата со финансискиот криминал е договорена на средбата на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска со турскиот министер за трезор и финансии Мехмет Шимшек, на која присуствуваа и директорите на УЈП Елена Петрова и на Управата за финансиска полиција Слободан Ивановски.
Даночните управи, како што е договорено на состанокот во Министерството за финансии на Турција, ќе работат на директна размена на информации за даночни ризици, заеднички даночни контроли и слични заеднички активности за мониторирање на активностите на поврзани даночни обврзници што може да влијаат врз плаќањето на даноците во двете земји.
Министерката потенцира дека Управата за јавни приходи игра значајна улога во прибирање на приходите во Буџетот и дека се многу значајни сите активности и мерки што се преземаат, а се во насока на зголемување на ефикасноста во прибирањето на даночните приходи, како и примена на меѓународни искуства.
Во таа насока е утврдена и потребата за идна соработка на Управата за финансиска полиција со Одделот за истраги на финансиски криминал преку споделување знаења и искуства за добри пракси. Воедно беше потенцирана и важноста на брза и ефикасна размена на податоци и информации, како и градење на институционалните капацитети преку размена на знаења и искуства.
Двајцата министри разменија мислења во однос на актуелните состојби на глобално ниво и мерките што се преземаат за справување со предизвиците.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во рамки на работната посета на Турција, вчера оствари средба во Министерството за трговија, со министерот Омер Болат, а утре ќе учествува на Евроазискиот економски форум. Во составот на делегацијата којашто ја предводи министерката се државниот секретар во МФ Андриана Матлиоска, Катерина Антовска, шеф на кабинет и посебен советник во МФ, како и директорите на Управата за јавни приходи Елена Петрова, на Царинската управа Бобан Николовски и на Управата за финансиска полиција Слободан Ивановски.