Македонија
Градските корисници во Охрид, Струга и Дебар добија струја, повеќе села низ Македонија без електрична енергија
Корисниците од градовите Охрид, Струга и Дебар во понеделник (29.12) добија нормално снабдување со електрична енергија, додека без струја останаа повеќе села низ Македонија. ОД ЕВН велат дека работат на отстранување на дефектите предизвикани од врнежите од снег што ја зафатија државата во неделата.
„Поради големото невреме проследено со обилни врнежи од снег и ветер, дистрибутивната мрeжа на ЕВН Македонија во регионот на Дебар, Струга и Охрид претрпе големи штети. Најчестите дефекти се на 35 и 10 киловолтни (кВ) далекуводи, кај кои заради големите наноси на снег, столбовите се паднати или искривени. И покрај тешко пристапните терени, екипите вложуваат големи напори и постојано работат на отстранување на дефектите“, велат од ЕВН.
Од таму соопштија дека корисниците од градовите Охрид, Струга и Дебар добија нормално снабдување со електрична енергија, откако АД МЕПСО, го отстранил дефектот на 110кВ врска од Ресен до Охрид. Се уште има прекин на 110 кВ врска на АД МЕПСО од Вруток кон Шпиље, тоа е втората врска за Охрид и Струга. Во моментов екипите на ЕВН работат на отстранување на дефектите на улиците во Охрид каде што има искинати кабли и урнати столбови, а голем проблем за екипите на ЕВН е непроодноста на патот од Струга до Дебар, па затоа дополнителни екипи не се во можост да стигнат на отстранување на дефектите во дистрибутивната мрежа.
Во соопштението на ЕВН се наведува дека поодалечените места, Јанче, Центар Жупа, Лабуништа, Луково, Суво Поле, Косел, Градиште, Мешеиша и Песочани се без снабдување со електрична енергија.
Регионот на Сарај, Кондово, Матка и Тополчани исто така се без снабдување со електрична енергија, а екипите на ЕВН работат на отстранување на дефектите.
Во Тополчани голема пречка претставуваат непроодните патишта, па затоа ЕВН апелира до надлежните институции да се направат напори за оспособување на патиштата за да се намали времето на отстранување на дефектите.
Во моментов прекини во снабдувањето има и се очекува истите да бидат санирани во најбрз можен рок:
Општините Струга, Дебар, Центар Жупа Маврово- Ростуша на 110 кв врска
Општина Дебарца, 110кв
Кумановско – Вишница, Никуштак на 20 кв врска
Скопско – Тисовица, Гумалево, Добрино, Страхојадица на 10 кв
Скопско – Кондово, Сарај, Матка на 35кв врска
Кичевско – Староец, Карабуница, Вранештица, Цер, Прострање 10кв
Ресенско – населени места околу преспанско езеро, Отешево, Стење, Љубојно, Брајчино, Јанкоец, Крушје, Златари 10 кв
Прилепско – Тополчани, Канатларци, Ивањевци 35 кв
Велешко – Дреново, Лисиче, Горно врановци 10 кв
Битолско – молика, детско одмаралиште, Трново, Магарево..10кв.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.
Македонија
Бугарија го ратификуваше договорот за тунелот на Коридор 8 – отворање на нова железничка врска Скопје-Софија
Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„Денес Народното Собрание на Република Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8.
Овој Договор во декември беше ратификуван и во Македонското Собрание.
Со ова се исполнети сите услови за доиадбзгра на железничкото поврзување помеѓу Скопје и Софија и Бургас.
Горд сум што овој Договор кој го потпишавме на 6ти Ноември со заменик претседателот на Владата на Бугарија Гроздан Караџов ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народи, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридор 8 кој е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери.
Паралелно го развиваме и Коридор 10 и Македонија ја правиме вистинска раскрсница на Балканот за добробит на сите македонски граѓани.
Продолжуваме да работиме“, напиша Николоски.

