Македонија
Чавков: Македонската полиција е посветена на меѓународната соработка
Еден од важните приоритети за македонската полиција е нашата целосна посветеност кон продлабочувањето на меѓународната полициска соработка, истакна, меѓу другото, во директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков при неговата посета во петокот на седиштето на Интерпол во францускиот град Лион, каде што оствари работна средба со генералниот секретар на оваа меѓународна полициска асоцијација Роналд Нобл.
На средба, којашто всушност претставува континуитет на меѓусебна соработка со Интерпол којашто во македонското Министерство за внатрешни работи ја оценуваат како извонредна, Чавков и Нобл, меѓу другото разговарале и за најновите и надградени глобални алатки и услуги достапни до институциите за спроведување на законот во борбата против криминалните закани со посебен фокус на управување со границите, трговија со нелегална стока и организираниот криминал Според Чавков, транснационалните кривични дела коишто се закана за глобалниот мир и безбедност ниту една земја не може сама да ги решава. Имајќи го ова предвид, обврска на националните служби и органи е натамошното зајакнување на соработката со Интерпол, притоа идентификувајќи ги областите каде што можеме да работиме уште повеќе а во заеднички интерес.
Поздравувајќи ја посветеноста на Република Македонија во меѓународната полициска соработка, што има позитивен ефект како за националната, така и за регионалната и глобална безбедност, Нобл од своја страна ја акцентираше таа важна улога што Република Македонија ја има во борбата против недозволената трговија.
Во тој контекст, Нобл посочи на учеството на македонската полиција во операцијата на Интерпол „Бел Меркур“ во борбата против трговијата со нелегална стока и фалсификати во Источна Европа, потоа во заедничката акција на Интерпол и Европол – операцијата „Опсон“ насочена против организирани криминални мрежи кои стојат зад нелегалната трговија со фалсификувани и нерегулиран храна и пијалаци. Исто така, челникот на Интерпол ја истакна и соработката на македонската полиција во проектот на меѓународната полициска служба – „Пинк Пантер“, за централизирање на информациите за криминални мрежи инволвирани во крупни грабежи на продавници за накит, и во иницијативата на Интерпол за спречување и откривање на фалсификувани документи.
Според Нобл демонстрирајќи ја постојана определба на земјата за ефикасно справува со криминалот, Република Македонија, односно македонската полиција продолжува да ги надградува своите техничка капацитети, како што е во делот на граничната безбедност овозможувајќи им на своите служби директен пристап до глобалните бази на податоци на Интерпол.
Генералниот секретар на Интерпол нагласи дека е очигледна експанзијата и диверзификацијата на транснационалниот организиран криминал. Физичките граници веќе не се доволни за да се спречат криминалците во извршување на нелегални активности, па во тој смисла од клучно значење за земјите е правовремената и континуирана размена на информации во реално време преку Интерпол канали.
Чавков при посетата на седиштето на Интерпол, исто така, беше запознаен и со новата иницијатива на Интерпол – Глобален комплекс за иновации (IGCI) наменет за поддршка на земјите членки во борбата против компјутерскиот криминал./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВЛЕН: Ѓоко Ристов заедно со судијата Енвер Беџети го отворија патот за слобода за Сашо Мијалков
Веста дека кај судијата Ѓоко Ристов се најдени 350 илјади евра пари осомничени за корупција не е само индивидуален скандал. Оваа вест уништува дури и последната доверба што граѓаните ја имаа во правосудниот систем, изјави портпаролот на ВЛЕН, Дритон Сулејмани.
„ВЛЕН е убеден дека ова не е изолиран случај, туку врв на ледениот брег на еден скапан систем, кој со години ги штити силните, а ги угнетува обичните граѓани. Она што ја прави ситуацијата уште поалармантна е фактот дека Ѓоко Ристов не е непознато име за правдата. Напротив. Тој, заедно со судијата Енвер Беџети, сега прогласен за нон грата, беа и дел од судските одлуки што го отворија патот за слобода за Сашо Мијалков, симболот на заробената држава, кој денес слободно вози Ферари во Монако“, рече Сулејмани.
Тој потсети дека Енвер Беџети бил санкциониран како нон грата заедно со бегалецот од правдата, исто така нон грата Артан Груби, токму врз основа на сомневања дека влијаеле врз одлуките што му овозможиле на Сашо Мијалков да ужива во слободата и да го троши своето богатство.
„Ако некој мисли дека ова се случајности, тогаш не разбира зошто граѓаните се револтирани. Затоа, денес поставуваме неколку конкретни прашања: во колку други случаи биле вклучени Ѓоко Ристов и Енвер Беџети? Во колку случаи биле дел од одлуки за притвор, финансиски гаранции или одложувања на постапките? Кои конкретни одлуки доведоа до ослободителни пресуди и избегнување на одговорност за моќници? Главното прашање што останува е кој ги држел овие луѓе на овие позиции толку години и зошто?“, рече Сулејмани.
Тој кажа дека потребни се целосни и независни истраги, конкретна одговорност, со имиња и презимиња и радикално чистење на систем скапан до срж.
Македонија
ТИТАН Усје: Работиме согласно законот, неоснованите обвинувања се тенденциозни и не придонесуваат кон изнаоѓање на одржливи решенија
ТИТАН Усје е одговорна компанија која, во сите сегменти од своето работење, работи согласно домашната регулатива. Kомпанијата ги применува најдобрите достапни практики во производството и применува технологија идентична со најдобрите компании од цементната индустрија во Европската Унија, велат од компанијата.
„Како конструктивен дел на заедницата, ТИТАН Усје целосно ја разбира загриженоста за квалитетот на воздухот во Скопје, но смета дека нападите кон нејзиното работење, кои не се темелат на аргументи и податоци, се некоректни и тенденциозни, и воедно не придонесуваат за изнаоѓање на вистински одржливи решенија за ваквата состојба. Во интерес на вистината би сакале повторно да ги истакнеме фактите дека ТИТАН Усје целосно ја почитува законската регулатива во сите области од своето работење, ги применува светските добри практики во производство на цемент и на јасен и транспарентен начин комуницира со сите засегнати страни. Имено, согласно домашната регулатива, која во овој сегмент е идентична со онаа на Европската унија, ТИТАН Усје како компанија носител на А-интегрирана дозвола, е под континуиран 24-часовен независен мониторинг на излезните гасови од оџаците, а резултатите од мерењата се јавно достапни. Граничните вредности на емисиите утврдени во дозволата која ја поседува ТИТАН Усје се построги од оние пропишани со Законот. И покрај тоа, компанијата, во своето работење, не ги надминува вака дефинираните дозволени гранични вредности. Тоа е овозможено со високоефикасен, комплексен систем на современи филтри кои фабриката ги има инсталирано и задолжително работат секогаш кога работат и производните линии. Покрај тоа компанијата континуирано инвестира во модернизација на технолошките процеси. Имено, во изминатите шест години инвестициите надминаа 36 милиони евра, од кои 4,5 милиони евра беа наменети за унапредување на заштитата на животната средина“, се наведува во соопштението.
Во него се додава дека бројките недвосмислено покажуваат дека и кога ТИТАН Усје не работи, амбиенталниот воздух е со истиот квалитет, што, како што се наведува, е јасна потврда за тоа дека компанијата не е причина за состојбите со квалитетот на воздухот во Скопје.
„Сите независни студии укажуваат дека индустријата има помало влијание на квалитетот на амбиенталниот воздух споредено со загревањето на домовите и јавните објекти, сообраќајот, градежните активности и горењето на отворено. Како компанија која во целост работи согласно утврдените законски рамки, секогаш ќе настојуваме на почитување на принципите на владеење на правото. Како активен член на заедницата во изминатите 70 години, подготвени сме да помогнеме во сеопфатно решавање на системскиот проблем, со цел да се надминат состојбите со лошиот квалитет на воздухот во градот, што е во интерес на сите нас. Притоа секогаш ќе инсистираме на соработка и дебата базирана на факти и докази, а не на паушални заклучоци и ќе бидеме јасни и прецизни во нашиот став – изворите да се бараат на вистинските места“, велат од комшанијата.
Македонија
МВР алармира: Граѓаните да не отвораат лажни пораки, наводно испратени од „Безбеден град“, и да не споделуваат лични податоци
Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека изминатиов период е забележана појава на фишинг напади кои се изведуваат преку лажни СМС пораки, електронски пораки, веб-страници и пораки на социјалните мрежи.
Лажните пораки наводно пристигнуваат од Оддел за моторни возила како известување од системот „Безбеден град“ и во истите е наведен лажен линк преку кој се пренасочуваат граѓаните да извршат уплата за наводен сообраќаен прекршок.
„Апелираме до граѓаните да бидат внимателни при користењето на интернет, да не се отвораат сомнителни линкови и пораки, никогаш да не споделуваат лични податоци, како што се броеви на банкарски картички, лозинки или лични идентификатори преку неовластени канали, да ја проверат адресата на испраќачот – официјалните институции и компании користат службени домени, да користат двофакторска автентикација (2FA) за дополнителна заштита на нивните сметки и да пријават сомнителни пораки кај надлежните институции или во надлежната банка“, велат од МВР.
СМС известувањата за направен прекршок треба да бидат од испраќач “MVR-SC”. Во текстот задолжително треба да содржи регистарска ознака од возилото кое направило прекршок, и линк од следниот формат “https://safecountry.mvr.gov.mk…”
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи продолжува со активни истраги и преземање мерки за откривање и санкционирање на сторителите на ваков вид измами.

