Економија
Трговскиот дефицит за осум месеци достигнал 1,6 млрд. долари
Македонија во надворешно тровската размена во првите осум месеци од годината остварила дефицит од над 1,59 милијарди долари, објави во петокот Државниот завод за статистика.
Ова претставува намалување на трговскиот дефицит за околу 183 милиони долари во однос на истиот период лани, но евидентно е и намалување на вкупниот обем на трговската размена, кој годинава во периодот јануари-август изнесувал 6,75 милијарди долари, додека во првите осум месеци од 2011 година бил 7,47 милијарди долари.Намалување е регистрирано и кај извозот и кај увозот. Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија во периодот јануари-август изнесува 2,58 милијарди долари, наспроти минатогодишните 2,84 милијарди долари.Нешто поголемо намалување е забележано кај вредноста на увезените стоки, при што годинава е евидентиран вкупен увоз од 4,17 милијарди долари, додека лани увозот во првите осум месеци достигнал 4,62 милијарди долари.Покриеноста на увозот со извоз годинава изнесува 61,8 отсто, што е минимално подобрување во однос на лани, кога изнесувала 61,6 отсто. Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, преработките од нафта, производите од железо и челик (валани производи) и облеката. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, суровата нафта, рудите на никел и нивните концентрати и електричната енергија. Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Македонија најмногу тргува со Германија, Грција, Србија, Бугарија и Италија (47 отсто од вкупната надворешно – трговска размена се врши со овие пет земји). /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Битиќи до Кочоска: Криете трошоци за унагарскиот кредит, колку плативте за консултантни услуги
Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања упати прашања до министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска , кое се однесува на унгарскиот кредит.
„Од ветената распределба на првата транша од 250 милиони евра, која требаше да започне овој месец, нема ништо. Средствата не се доделени на стопанството, банките сè уште ги немаат критериумите за пласирање, а граѓаните веќе плаќаат камати за неповлечени средства. Почитувана министерке, зошто целата сума беше повлечена одеднаш, ако не постои јасен план и институционална подготвеност за нивна реализација? Јавноста заслужува да знае дали, можеби, поради грешки во договорот за задолжувањето со првите 500 милиони евра моравте да потпише Анекс на договорот затоа што парите, поради пропустот, не можете да ги префрлите кон Развојната банка и општините. Ако ова не е точно, дали тогаш парите ги немате префрлено на Развојната банка поради неликвидност на буџетот, односно ги ускратувате на стопанството за да ги потрошите за тековни буџетски расходи?“, праша Битиќи.
Обвини дека воедно, се кријат информации за трошоците на кредитот. Битиќи додаде дека годинава, 1 милион евра беа пренаменети за „договорни услуги“, но за што точно се трошат овие средства, дали за банкарски провизии или за консултантски услуги, нема одговори.
Економија
Руските компании сè повеќе користат биткоини поради западните санкции
Руските фирми сè повеќе користат биткоин и други дигитални валути за меѓународни плаќања како одговор на западните санкции, објави „Ројтерс“.
Кинеските банки, некогаш клучни посредници во руската трговија, значително ги намалија трансакциите поради стравувањата од губење на пристапот до американските финансиски пазари. До средината на 2024 година околу 80 % од руските плаќања во кинески јуани наводно биле одбиени или вратени.
Овој потег следува по законските измени во Русија, кои овозможуваат употреба на криптовалути во надворешната трговија за да се ублажи влијанието на санкциите. Москва ги прифати криптовалутите вклучувајќи го и легализирањето за рударење биткоин.
Рускиот министер за финансии Антон Силуанов за време на интервјуто за каналот „Русија-24“ потврди дека домашно рударење биткоини сега се користи во надворешната трговија како дел од експерименталната рамка.
„Вакви трансакции веќе се случуваат“, рече Силуанов нагласувајќи дека дигиталните валути може да станат клучна алатка во меѓународните плаќања.
Санкциите значително го ограничија пристапот на Русија до традиционалните финансиски пазари. И САД и ЕУ го забранија извозот на долари и евра во Русија во март 2022 година намалувајќи ја нивната употреба во трговијата.
Економија
Отворено писмо до јавноста од небанкарските друштва: Проверката и верификацијата на барателите на кредит се засилени и ги сведуваат на минимум можностите за измама
По објавата на документарниот филм „Украдени животи“ на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на македонија до медиумите испрати отворено писмо до јавноста. Писмото го пренесуваме во целост.
“Со внимание ја следиме јавната дискусија иницирана од истражувачката сторија и документарниот филм „Украдени животи” на Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ). Групацијата на небанкарски финансиски друштва, како и досега, со должна почит пристапува кон сите новинарски извештаи и ја почитува професионалноста и независноста на новинарите во земјата. Во поддршка на истражувањата, меѓу кои е и последното на ИРЛ, финансиските друштва се на иста линија со медиумите кои придонесуваат за зголемување на транспарентноста во финансискиот систем, но и за подигнување на јавната свест за одговорното кредитирање.
Од друга страна, а во таа смисла, Групацијата е во тесна соработка и со Министерството за финансии со кое, во изминатите две години се работеше и со воведоа клучни законски измени и Правилници кои значително ја подобрија регулацијата на секторот, ја намалија можноста за презадолженост на граѓаните, се зголеми прагот за основање на финансиско друштво, а проверката и верификацијата на барателите на кредит се засилени и ги сведуваат на минимум можностите за измама. Секако, во духот на новото време, со вложување во нови технологии, секторот прерасна во модерен, високо-дигитализиран дел на финансискиот систем на земјата.
Со донесувањето на измените во Законот за финансиски друштва во јули 2023 година, минималниот влог за основање финансиско друштво се зголеми од 100.000 на 500.000 евра со што се гарантира поголема стабилност. Со новата регулатива се ограничија трошоците за кредит, секако со цел да се заштитат корисниците, а беше воведена и забрана за рефинансирање на доспеани кредити во исто финансиско друштво.
Со воведувањето на Правилникот за кредитен ризик од април годинава, се ограничија месечните кредитни обврски до 70% од приходите, со што се дејствуваше во насока на спречување на евентуална презадолженост на поединци и на семејства. Исто така, по стапувањето во сила на овој Закон и Правилникот, од 36 финансиски друштва, на пазарот продолжија да работат 27.
Во меѓувреме, со инвестиции во технологија се овозможи засилена проверка на клиентите, но и автоматска верификација на документите, со цел спречување на можни измами преку регистрирани шеми за електронска идентификација.
Инаку, статистиката покажува дека од преку 220.000 одобрени кредити годишно, само 0,045% се случаи во кои е утврдено сомневање за некаков вид на измама, а по воведување на новите законски регулативи за задолжително физичко присуство или поседување на регистрирана безбедносна шема за идентификација, измами речиси и да нема.
Кредитниот раст во небанкарските финансиски друштва за првото полугодие од тековната година изнесува 4%, што е на ниво на банкарскиот сектор во земјата, додека во вкупната актива на финансискиот систем во земјава, финансиските друштва учествуваат со само 2%.
Дополнително, близу 40% од корисниците на услугите на финансиските друштва се со најмалку високо ниво на образование, според независно истражување од 2021.
Земјава денес ја има една од најстрогите регулативи во Европа, која успешно ги комбинира технолошките иновации со заштитата на корисниците.
Благодарение на добрите практики за работа, случајот што детално се анализира во прилогот на ИРЛ е разрешен уште во 2023 година. Друштвата по сопствена иницијатива го стопирале процесот за наплата на кредитните побарувања, за кои од институциите добиле сигнал дека се можен резултат на измамничко дејствување. Во презентираниот случај на оштетената, се потврдува дека сите финансиски друштва во кои имала кредит ѝ излегле во пресрет и истите биле отпишани во целост или бил стопиран процесот на наплата. Ова укажува дека финансиските друштва се можеби и единствени кои на сопствена материјална штета веднаш реагираат за да им излезат во пресрет на луѓето кои пријавиле украден идентитет.
Небанкарските финансиски друштва се посветени на постојано унапредување на своите услуги и заштита на корисниците. Нашата цел е да придонесеме за развојот на модерен, безбеден и праведен финансиски систем во државата, базиран на доверба и транспарентност. Групацијата останува отворена за конструктивен дијалог со институциите и медиумите за градење доверба во секторот“, стои во писмото од Групацијата небанкарски друштва.