Култура
Идентитетот на поколенијата
Каква може да биде критичката дебата по однос на хемонистичките (националистички) модели на креирање на историските наративи и идентитети преку нивно критичко и полемичко промислување?
Каква може да биде критичката дебата по однос на хемонистичките (националистички) модели на креирање на историските наративи и идентитети преку нивно критичко и полемичко промислување и преку презентација на алтернативните историски и уметнички наративи кои им обезбедуваат демократски простор на сите маргинализирани и исклучени идентитети, однесувања, пракси и субјективитети…? Токму таа и таква дебата е централна точка на вчерашната петочна и денешната саботна (15 август) конференција „Архиви на идентитетот“, во делот на теоретизирање на темата „Поколенија“ на годинешниот Фестивал за современите уметности АКТО во Битола. Секако, како што посочената тема последниов период е присутна речиси во секоја пора од домашното општествено-политичко живеење, така дури ниту теоретските промислувања на десеттина културолози, теоретичари и историчари на уметноста, историчари и интелектуалци не беа можни (??!) без внесувањето на страста на дневно-политичкиот миг. Оттаму, барем првиот дел од конференцијата, намерно или не, влезе во какофонијата на толкуприсутното полемизирање за длабочината на корените на (македонските) поколенија. Директни поколенија на Александар Велики или не? Одговорот на ова прашање можеби ќе биде баран и на денешната попладневна сесија на конференцијата за архивите на идентитетот во битолскиот Завод и Музеј, веднаш до спомен-собата на Мустафа Кемал Паша Ататурк. Инаку, АКТО_4 и натаму се држи до неговите три основи параметри: просторот, темата и транасформацијата. Затоа синоќешната претставата „Леон“ (според истоимениот популарен филм на Лик Бесон од деведесеттите години; на фотографијата) во необичната изведба на панк-папет театарот „Дас Хелми“ од Берлин, Германија, во просторот на напуштениот клуб „Алхамбра“, е онаа „промислена“ забавна димензија која му ја дава душата на фестивал како АКТО. Наизглед приземен и „општонароден“, токму куклениот театар кој ја разбива инфантилната илузија за романтичното место и парче од вашето време – какви што се класичните куклени претстави за деца – го носи протестот. Без разлика што е прашање дали може да се нарече панкерски во изворната смисла на значењето… Во таа насока, или со таква енергија, беа и концертите на скопскиот бенд „Bei the fish“ и белградскиот „Репетитор“: млада, полнокрвна жанровска верзија на рокенрол. Новото поколение на стариот добар рок.Саботната програма на АКТО_4, освен споменатата конференција за архивирање на идентитетот, повторно ќе го претстави перформансот за Големиот брат и воајерот во скеој од нас, потоа современата танцова изведба „In&Out“ на трупата „Локомотива“ од Македонија и групната изложба на уметници од Словенија, Хрватска, Бугарија, Србија, Косово и Македонија. Финалето на вечерта е со сетот на диџеј Марупос од македонската формација „Фреш јунион“. Утре, в недела, на последниот ден од годинешниот АКТО_4, ќе биде презентирана берзата на уметнички проекти „Идеален проект“ и проекција на документарниот филм „Индустриски рај“ на Мартин Црталиќ (Хрватска). Затворањето на фестивалот ќе биде проследено со доделувањето на наградата за интердисциплинарност на АКТО, насловена според битолската андерграунд легенда Драгиша Наневски, мултимедијалниот перформанс „Fucked up dreamer“ од Јаша Мревље, во изведба на Лука Уршич (Словенија), и концертите на „The John“ и „Robotek (PMG Collective)“ во битолската Зоолошка градина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Триесет години музика и љубов: Фолтин со концерт во Македонската филхармонија
На 22 Ноемвриво салата на Македонска Филхармонија во оваа за нив јубилејна година 30 години постоење ќе настапи групата Фолтин.
Концертот е во организација на МГ Мјузик Продукција.
Билетите се во продажба на мрежата на Karti.com.mk
Групата “Фолтин” е основана во 1995 година во Битола. Нејзиниот изворен јазик е повеќе уметнички и експериментален, а текстовите се фонетска имитација на неколку природни јазици од медитеранскиот регион, што тие самите го нарекуваат “спонтан есперанто”. “Псевдо-емигрантско кабаре” е нивниот карактеристичен звуковен амалгам на жанрови, од традиционална музика преку електроника до рок, и визуелен израз што вклучува елементи на кабаре и на перформанс. Подоцна, со текстовите на македонски јазик, Фолтин отвора ново поглавје, притоа збогатувајќи ја звучната слика со влијанија од алтернативниот рок или од новиот бран, но сè уште одржувајќи ги врските со традиционалната музика и со концептот на кабаре.
Групата има десетина студиски изданија. Потпишува музика на триесетина театарски претстави и неколку филмови (“Плати и жени”, “Со љубов”, “Исцелител”, “Медена земја” и др.)
Фолтин се:
Пеце Николовски – кларинет, каос-пад, усна хармоника
Пеце Трајковски – електронски акордеон, електрична гитара
Гоце Јованоски – бас
Славчо Јовев – тапани
Бранислав Николов – вокал
Култура
(Видео) Објавен првиот трејлер за контроверзниот биографски филм за Мајкл Џексон
По бројните извештаи за проблематичната продукција, студиото „Лајонсгејт“ го објави првиот трејлер за биографскиот филм „Мајкл“, кој го режира Антоан Фукуа и го следи животот на кралот на поп-музиката, Мајкл Џексон.
Трејлерот започнува со сцена во студио каде Џексон снима со Квинси Џонс (го игра Кендрик Семпсон), кој вели:
„Знам дека долго го чекавте ова. Песните се снимени, подготвени се. Да почнеме од почеток.“
Следуваат кадри од детството на Џексон, неговите легендарни настапи и видеа, меѓу кои и „Трилер“, додека во позадина свири хитот „Вана би стартин самтинг’“ од 1982 година.
Филмот го прикажува патот на Џексон од детска ѕвезда до светска икона, со „интимен поглед во животот и наследството на еден од највлијателните уметници на сите времиња“, стои во синопсисот.
Снимањето завршило во мај 2024 година, но поради дополнителни снимања во јуни, премиерата беше одложена за 24 април 2026 година.
Иако се шпекулираше дека проектот ќе биде поделен на два дела, трејлерот покажува дека сепак станува збор за еден филм.
Режисер е Антоан Фукуа, познат по акциските хитови „Training Day“, „The Equalizer“ и „Olympus Has Fallen“. Сценариото го напиша Џон Логан, автор на „Gladiator“, „The Aviator“ и „Hugo“.
Главната улога ја толкува Џафар Џексон, вистинскиот внук на Мајкл Џексон.
Продуцентот Греам Кинг изјави дека филмот ќе го прикаже Џексон со човечка страна, без да се „исчисти“ неговата биографија:
„Мајкл имаше сложен живот. Сакам да ја прикажам највозбудливата и најнепристрасна приказна што можам, а публиката сама нека одлучи како ќе се чувствува по филмот.“
Контроверзии повторно се појавија поради обвинувањата за сексуално злоупотребување на деца, кои беа обновени во документарецот „Leaving Neverland“ (2019) на Ден Рид.
Рид изјави дека сценариото за „Michael“ било „изненадувачки неискрено“ бидејќи, според него, ги игнорирало обвиненијата и тужителите.
Филмот ќе добие ново финале, бидејќи режисерот Фукуа мора повторно да сними делови поврзани со контроверзните обвинувања за злоупотреба на деца.
Како што пренесува „Анадолија“, првичната верзија на филмот прикажувала Џексон како се грижи за болни деца, што предизвикало реакции и притисок врз продукцијата да направи измени.
Култура
Во македонскиот КИЦ во Загреб отворено првото издание на Фестивалот на современа македонска книжевност
Пред бројна публика во македонскиот Културно информативен центар во Загреб беше отворено првото издание на Фестивалот на современа македонска книжевност којшто македонскиот КИЦ го реализира во соработка со издавачката куќа ,,Македоника литера“ .
Фестивалот го отвори директорката на Македонскиот културно-информативен центар во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска која истакна дека, целта на Фестивалот е да ја покаже важноста на книжевниот превод како уметнички и творечки чин и како поттик за книжевна размена и културен дијалог. Фестивалот е осмислен како простор за разговор, соработка и нови инспирации на авторите, преведувачите, издавачите и читателите. Тој е отворена културна прилика да им оддадеме признание на оние кои ја создаваат книжевноста, на оние кои ја преведуваат и на оние кои ја читаат и ја сакаат.
Пред присутната публика се обрати македонскиот амбасадор во Хрватска Н.Е. Драган Ѓурчевски кој ја истакна важноста на македонскиот КИЦ за културната македонско-хрватска соработка.

Директорот на издавачката куќа “Македоника литера” , Нове Цветаноски, ги претстави изданијата од хрватски автори преведени на македонски јазик, а од името на хрватските автори се обрати Драго Гламузина, писател и уредник.
Во присуство на авторите беа промовирани и хрватските изданија на книгите „Сезона на глуварките“ од Блаже Миневски и „Чувар на тајната“ од Ранко Младеноски кои неодамна беа публикувани на хрватски јазик. На промоцијата покрај авторите учествуваа и Дијана Бахтијари од издавачката куќа „Тим прес“, Томислав Ровичанац, преведувач, како и Жарко Милениќ, издавач и преведувач. Модератор на промоциите беше Владимир Илиевски.
Книжевниот фестивал треба да придонесе за афирмација на совремната македоснка книжвност и за продлабочувањето на македонско-хрватските културни врски, посебно во полето на книжевноста.
Во рамките на годинашната фестивалска програма беше отворена изложба на книги од хрватски автори преведени на македонски јазик, објавени од Друштвото за издавачка дејност ,,Македоника литера“, која досега има публикувано близу 50 наслови од хрватската книжевност.
На отворањето на првото издание на Фестивалот присуствуваа еминентни хрватски автори, преведувачи и издавачи, истакнати претставници на македонските и хрватските институции и организации во Загреб, бројни загрепчани, Македонци кои живеат, работат или се школуваат во Загреб, студенти на Филозофскиот факултет во Загреб, како и претставници на државната и локалната самоуправа во Република Хрватска.
Вториот ден од Фестивалот продолжува со трибина ,,Хрватско-македонските културни врски низ призмата на книжевниот превод и промоции на академик Горан Калоѓера, проф. д-р Борјана Прошев Оливер и фототипното издание на ,,Бели мугри” од Кочо Рацин.

