Економија
Македонија ќе биде вклучена во `Јужен тек` како крак

Македонија ќе биде вклучена во Јужен тек, но како крак, а не како транзит земја, потврди во вторник министерот за финансии и вицепремиер, Зоран Ставрески.
„Ние добивме од руската Влада предлог договор за да потпишеме меѓудржавен договор меѓу Русија и Македонија и тоа е најголемата потврда дали Русија планира да ја вклучи Македонија во Јужен тек. Ние дадовме одговор со наши предлози во однос на делови од тој договор. Штом на руска страна биде завршен и финализиран ќе биде предложен за конечно потпишување“, рече Ставрески, прашан зошто Македонија ја нема на мапата на Јужен тек, ни со испрекинати линии.
Според него, влезот на Јужен тек во Македонија е голем успех за земјата, која за идните генерации ќе донесе стабилност во испораката на гас за стопанството, како и на цената на гасот што ќе се плажа во иднина.
„Како што покажуваат анализите на `Газпром` Македонија ќе биде приклучена со крак и некои други земји на идентичен начин ќе бидат приклучени, што значи дека потоа треба да се определи кој е економски најисплатлив начин, тој крак да се изведе“, рече Ставрески.
Појасни дека експертите треба да одлучат дали е најисплатливо да биде паралелен на постоечкиот гасоводен систем, или да се искористи постоечкиот и да се прошири капацитетот преку Бугарија, или тоа да се направи преку Србија за да се обезбеди од друга страна дополнителен влез на гас во Македонија.
„Кога се гради гасовод, се гради за следните 50 години, не се гради за актуелната состојба. Во тие разговори со Газпром ние дадовме податоци за тоа кои се потенцијалните капацитети и стопански и енергетски капацитети и енергетски проекти кои ќе се градат во следниот период, со цел да се направи проценка колкава е потребната количина на гас во Македонија и во тој дел влегуваат и нови енергетски капацитети, но и приклучувањето на стопанството и граѓаните преку дистрибутивната мрежа“, рече Ставрески.
За тоа зошто Македонија не е транзит земја, Ставрески рече дека тоа е прашање за кое одлучуваат инвеститорите, односно Газпром.
„Тие го конципираат коридорот врз основа на најекономичното решение за нив за да се однесе гасот до Европа. Тоа што го избрале како решение е нивно, на кое ние не можеме да влијаеме. Тоа што можевме да го направиме беше сè за Македонија да не биде надвор од овој значаен транспортен коридор на гас и тоа го направивме успешно“, рече Ставрески.
Нашиот северен сосед Србија доби статус на транзит земја за гасоводот Јужен тек и очекува од тоа годишно да заработува 200 милиони евра и да вработи околу 2.000 луѓе./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Одлука на Народната банка: Стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе изнесува 1,75% и во третото тримесечје од 2026 година

Извршниот одбор на Народната банка донесе одлука да се задржи висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките кон клиенти од земјава на 1,75% од активата пондерирана според ризиците и во третото тримесечје од 2026 година.
Ваквата одлука е заснована на повеќе клучни показатели коишто не упатуваат на остварување на позначителни системски ризици. Беше заклучено дека банкарскиот систем според сите показатели е стабилен, со добра солвентност и ликвидност, ниска стапка на нефункционални кредити и солидна профитабилност. Во исто време се забележува одредено повторно забрзување на растот на цените на недвижностите и на станбените кредити, а понагласени се и ризиците од надворешното окружување. При вакви ризици, но при добра подготвеност на банкарскиот сектор за справување со евентуални шокови, се оцени дека стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот од 1,75% засега е соодветна на макрофинансиските услови и на состојбите во банкарскиот сектор, велат од НБ.
Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи системските ризици и ќе ја оценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа. Макропрудентната политика на Народната банка, како и досега, ќе биде насочена кон зачувување на отпорноста на банкарскиот систем и спречување или намалување на системските ризици, се додава во соопштението на НБ.
Економија
„Распад на енергетскиот систем: управата со измислени саботажи за РЕК ја покрива сопствената неспособност!“, велат од СДСМ

„После 10 дена од испаѓањето на РЕК Осломеј од мрежа, и најавите на неспособното раководство на ЕСМ дека истиот во рок од 48 часа ќе биде вратен на мрежа, сведоци сме дека РЕК Осломеј сеуште не произведува струја, а неспособното раководство прави неуспешни обиди од неуспешните обиди“, велат од СДСМ.
„Денес, сведоци сме дека после нецела година, неспособното раководство на ЕСМ, секојдневно го упропастува енергетскиот систем со несоодветно управување, цела РЕК Битола не е на мрежа, поради пожар во командниот ормар од нередовно чистење и не одржување, и за да го оправдаат своето неспособно раководење, прават сензации со наводни саботажи и заплашување на вработените.
Може слободно да заклучиме дека токму поради неспособноста на раководството на ЕСМ, оставка си даде и претседателот на надзорниот одбор на ЕСМ и директорот на правниот сектор, не сакаат да бидат дел од бродот што тоне.
Ги повикуваме и останатите членови на Управниот Одбор на чело со Лазо Узунчев да бидат совесни и разумни и навремено да си поднесат оставки, да не го упропастуваат ЕСМ, бидејќи за истото ќе одговараат“, соопшти СДСМ.
Економија
Објавен огласот за обука кај конкретен работодавец за месечен надомест од 12.000 денари

Во Штип денеска се одржа информативен ден за запознавање на јавноста со мерките од Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година.
Пред претставниците од стопанските комори, здруженија на млади и голем број на заинтересирани граѓани, пратеници и претставници на локалните самоуправи од Штип и регионот, мерките од планот ги презентираа заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, градоначалникот на Свети Николе, Дејан Владев, директорката на Агенцијата за поддршка на претприемништво, Даниела Димовска и заменик-директорката на Агенцијата за вработување, Весна Пешова.
Заменик-министерот Ристески покрај за трите јавни повици кои беа објавени во текот на вчерашниот ден поврзани со мерката – Поддршка за самовработување (претприемништво), се осврна и за јавниот повик за третата мерка Обука на работно место кај конкретен работодавач.
„Вчера Агенцијата за вработување го распиша и четвртиот јавен оглас за мерки од Оперативниот план за вработување, а тоа е дел од обуките кои се реализираат со планот. Станува збор за подмерката „Обука на работно место кај конкретен работодавач“ со која на невработените лица им се овозможува обука во времетраење до (3) месеци во работните простории на работодавачите согласно Програма за обука. Во овој период на невработеното лице ќе му биде исплатен месечен паричен надомест од 12.000 денари месечно со вклучено осигурување и данок на личен доход за времетраењето на обуката до 3 месеци, додека работодавачот има обврска да вработи најмалку 50% од вклучените лица во обуката со полно работно време во траење од најмалку 3 месеци. На работодавачот ќе му биде исплатен еднократен износ од 25.000 денари по обучено лице позавршена обука“, кажа Ристески.
Тој додаде дека целта на оваа мерка од Оперативниот план е невработените лица да се стекнат со вештини за извршување на работните задачи во согласност со потребите на работодавачот,а со тоа и да се овозможи нивно вработување во истите компании. Оваа мерка ќе опфати 245 невработени лица, со фокус на корисници на гарантиранаминималнапомош, жени, Роми, млади до 29 години, лица со попреченост и долгорочно невработени.
Градоначалниците на Штип и Свети Николе Јорданов и Владев ги поздравија мерките од Оперативниот план за вработување и ги повикаа сите заинтересирани невработени лица – активни баратели на работа да аплицираат и да ги искористат поволностите од мерките од Оперативниот план.
Јавните повици за мерката самовработување (претприемништво) траат до 20 јуни (петок), додека повикот за Обука на работно место кај конкретен работодавач трае до 30.11.2025 година.