Економија
Субрата Рој доаѓа во Охрид да ги финализира деталите за неговата инвестиција во Љубаништа
Индискиот бизнисмен Субрата Рој во среда ќе допатува во Охрид. Тој ќе слета на аеродромот „Св. Апостол Павле“, каде ќе го дочека министерот за финансии и вицепремиер Зоран Ставрески, кој ќе го придружува гостинот за време на дводневната посета на Охрид, јавува Охридњус.
Со претставници на владата делегацијата предводена од Субрата Рој ќе разговара околу деталите за изградба на туристичкиот комплекс во Љубаништа, како и за намерата за изградба на објектот посветен на Мајка Тереза на скопскиот плоштад.
Неодамна индиската компанија „Сахара Индија Паривар“, чиј сопственик е милијардерот Субрата Рој, до Владата достави предлог за изградба на суперлуксузен туристички комплекс „Сахаријан Македонија“, кој е предвидено да се протега на површина од 240 хектари. Според најавите тој ќе има три одделни ресорти. Најголемиот е предвидено да се гради во Љубаништа, вториот на Галичица, а третиот во Преспа. Комплексот во Љубаништа, кој според најавите ќе биде изграден најпрво, содржи хотел на вода и апартмани од највисока класа, вили, бунгалови, марина, приватни плажи, казина и голф терени. Проектиран е од светски познатата проектантска куќа „Аткинс“, според највисоки еколошки стандарди.
„Сахара Индија Паривар“ е индиска конгломерат-компанија со седиште во Лакнау, во индиската сојузна држава Утар Прадеш. Компанијата е основана 1978 година од страна на Субрата Рој Сахара во Горакпур, исто така во Индија.
Тие своите бизниси ги насочуваат кон финансискиот сектор, инфраструктурата и станбеното прашање, медиумите и забавниот живот како и производство и информатичка технологија. Компанијата во март 2011 година имаше финансиска состојба од 26 милијарди долари.
„Сахара“ како компанија е голем промотор на спортот во Индија, па и во светот. Сопственици се на 42,5 отсто од акциите во Формула 1 Индија, а прогласени се за едни од 100те најдоверливи компании во Индија од страна на Советот за доверба и истражување на Индија.
Сопственикот на компанијата, Субрата Рој е именуван за еден од десетте највлијателни личности во Индија, заедно со неговата компанија.
Општина Охрид најави дека ќе ја оспори на суд најавената инвестиција на индискиот милијардер Субрата Рој, доколку локалната самоуправа не биде детално запознаена со проектот и не добие цврсти гаранции дека предвидената градба нема да го загрози статусот на Охридското Езеро како светско природно наследство заштитено од УНЕСКО./крај/охридњус
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

