Економија
Груевски најавува скоро влез на уште најмалку две нови странски инвестиции
Најмалку уште две крупни компании очекуваме во наредните неколку недели да го објават своето влегување во Македонија, изјави во средата македонскиот премиер Никола Груевски, додавајќи дека таа бројка може да биде и поголема.
„Во наредните три-четири недели, очекуваме најмалку уште две крупни компании да го објават својот влегување во Македонија. Можеби и повеќе, но најмалку две компании, според сознанијата што ги имаме“, изјави Груевски.Тој нагласи дека не може да каже за кои компании станува збор, се’ додека самите компании не одлучат да ја објават својата намера, или не ја овластат македонската влада тоа да го стори во нивно име.Вообичаено не можам да зборувам за имиња додека самите не ги објават своите намери или пак не не’ овластат тоа да го направиме. Се додека не се случи тоа ние сме мошне внимателни, изјави Груевски, Тој оцени дека работите во поглед на странски инвестиции годинава почнале добро, со оглед дека една турска фармацевтска компанија веќе објави дека влегува во Македонија „Новата објавена инвестиција, како и тие што се во најава, ќе отворат компании во кои ќе се вработат голем број луѓе“, рече Груевски.Тој истакна и дека имало поголем број компании што планираат да отворат нови фабрики, а Македонија е влезена во потесен круг од три – четири држави меѓу кои треба да се одлучат каде ќе ја реализираат својата нова инвестицијаПремиерот Груевски најави дека владиниот тим ќе ги продолжи своите активности во насока на привлекување што повеќе инвеститори со крајна цел отворање нови работни места. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народната банка ги презентира макроекономските проекции пред дипломатскиот кор и меѓународните организации
Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска ги претстави најновите макроекономски проекции на Народната банка пред дипломатскиот кор и пред претставниците на меѓународните институции. На настанот, којшто се организира редовно, по секој нов циклус макроекономски проекции на Народната банка, присуствуваа претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Светската банка (СБ), Делегацијата на ЕУ (ДЕУ), Обединетите нации (ОН), Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), како и на дипломатските претставништва на Бугарија, Кина, Косово, САД, Словачка, Унгарија, Холандија, Швајцарија, Шпанија и Шведска.
Во презентацијата беше наведено дека се предвидува натамошно забавување на инфлацијата, којашто минатата година се сведе на едноцифрено ниво, во согласност со остварувањата во првиот квартал оваа година, со просечна годишна стапка од 3,4%, коишто се пониски од октомвриските проекции. Се предвидува дека просечната инфлација за 2024 година ќе забави сведувајќи се на 3,5%, од 9,4% минатата година, одразувајќи го натамошниот пад на цените на нафтата и храната на светските пазари, забавувањето на странската ефективна инфлација, како и затегнатите финансиски услови. На среден рок, се очекува натамошно забавување на инфлацијата и нејзино сведување на историскиот просек од околу 2%.
Сепак, ризиците околу инфлацијата сѐ уште постојат и се поврзани главно со цените на примарните производи, промените на регулираните цени, како и со политиките на страната на побарувачката. Притоа, гувернерката истакна дека засега е задржана определбата за претпазливост во монетарната политика, а идните промени ќе зависат од трендовите на девизниот пазар и движењето на инфлацијата и инфлациските очекувања, како и од поставеноста на ЕЦБ.
Осврнувајќи се на останатите макроекономски показатели, гувернерката посочи дека при раст на глобалната економија, а особено на нашите трговски партнери, се очекува дека македонската економија ќе расте со стапка од 2,6% оваа година и 3,6% во следната година, а потоа растот умерено ќе забрза на среден рок. При проектирани солидни нето-приливи на финансиската сметка, коишто би го надминале умерениот дефицит на тековната сметка, се очекува натамошен раст на девизните резерви, како гаранција за стабилноста на девизниот курс.
Глобалните услови и натаму се неизвесни и непредвидливи, што создава ризици за економскиот раст, инфлацијата и екстерната позиција, нагласувајќи ја потребата за водење претпазливи домашни макроекономски и структурни политики. Народната банка внимателно, на дневна основа, и натаму ќе ги следи макроекономските податоци и ризиците и како и досега, ќе ги презема сите неопходни мерки, користејќи ги сите расположливи инструменти, заради одржување на стабилноста на девизниот курс и стабилизирање на инфлацијата на среден рок.
Економија
Македонците лани потрошиле најмногу пари онлајн во Холандија
Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ ги анализира објавените податоци од Народната Банка на Република Северна Македонија за 2023 во согласност со кои Македонците со своите платежни картички во странство потрошиле 573,4 милиони евра, а од тие дури 34 %, односно 195,6 милиони евра ги потрошиле онлајн купувајќи производи и услуги, особено поврзани со патувања и трансакции за авиобилети и резервации на хотели онлајн. Во однос на 2022 година, Македонците за купување производи и услуги со платежни картички кон странски е-трговци во 2023 година потрошиле 25,3 % повеќе. Бројот на е-трансакциите кон странските земји изнесува 4,6 милиони, а просечната трансакција 43 евра. 72 % од вредноста и 80 % од бројот на направените трансакции се во Холандија, Обединето Кралство, Унгарија, Ирска, САД, Луксембург, Грција и во Германија.
Mакедонците во 2023 година потрошиле најмногу пари во Холандија (27,5 милиони евра), а во Луксембург направиле најголем број трансакции (890 илјади). Највисока просечна вредност на е-трансакција Македонците оставриле во Унгарија, односно 144,3 евра, а во Луксембург, Македонците направиле најниска просечна трансакција и таа изнесува 11,7 евра.
Најмногу Македонците направиле трансакции кон Холандија, Обединето Кралство и Унгарија и оствариле вредност од 77 милиони евра, што преставува 39 % од вкупно остварената вредност онлајн во странство. Ова е очекувано ако се има предвид дека од овие земји потекнуваат Booking.com (Холандија), Amazon UK, ASOS (Велика Британија) и WizzAir (Унгарија), а највисокиот оставерн број трансакции од Македонци во Луксембург се должи на тоа што во Луксембург се регистрирани европските филијали на Amazon и АliExpress преку кои се одвиваат трансакциите за најголемиот дел од европските земји, без Велика Британија.
„Растот остварен во 2023 година во однос на минатата година изнесува 25 % наспроти 46 % во 2022 година спрема претходната. Притоа минатата година спрема земјите од каде што се букираат патувања и хотели имаше висок пораст, на пример, кон Холандија (114 %) и Унгарија (82,4 %), а во 2023 година тој е забавен и изнесува 41,5 % и 21,6 % соодветно во однос на 2022 година. Најголем пораст во 2023 година од земјите што сочинуваат 72 % од вкупната вредност остварена со македонски картички кон странски е-трговци е остварен кон Грција (81,6 %). Онлајн-купувањето кон странски платформи, без разлика дали е тоа за производи или за резеравции во хотели, може да влијае позитивно и за домашните е-трговци, со оглед дека се работи за менување навики и зголемено користење на онлјан-купувањето воопшто. Од друга страна, зголемената побарувачка ќе ги стимулира домашните трговци да ги зголемуваат и унапредуваат понудата и целокупното онлајн-искуство за купувачите“, вели претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Нина Ангеловска.
ОД КАДЕ И КОЛКУ КУПУВААТ ОНЛАЈН СТРАНСКИТЕ ИМАТЕЛИ НА ПЛАТЕЖНИ КАРТИЧКИ ОД МАКЕДОНСКИТЕ Е-ТРГОВЦИ?
Во согласност со објавените податоци од НБРСМ, странските иматели на платежни картички за купување производи и услуги од македонски е-трговци во 2023 година потрошиле 26,8 милиони евра, што во однос на минатата година претставува пораст од речиси 23 %. Остварената вредност странските онлајн-купувачи ја направиле во 852,3 илјади трансакции или просечно потрошиле 31,4 евро од трансакција. Од вредноста на вкупно направените трансакции од странци кон македонски е-трговци во 2023 година, 50 % припаѓаат на иматели на платежни картички од 8 земји. Речиси 4 милиони евра или 18,5 % од вредноста на трансакциите се направени од иматели на платежни картички издадени во САД, потоа 2,6 милиони евра или 9,7 % од Швајцарија и 1,7 милион евра или 6,2 % од Обединетото Кралство. Потоа следуваат германските иматели на картички, кои направиле 5,6 % од онлајн-трансакциите, Турција со 4 % и Ирска и Бугарија со 3 % од вредноста на онлајн-трансакциите.
ВО 2023 СПРЕМА 2022 ГОДИНА ВРЕДНОСТА НА Е-ТРАНСКАЦИИТЕ ОД СТРАНСТВО КОН МАКЕДОНСКИ Е-ПРОДАВНИЦИ Е ЗГОЛЕМЕНА 23 %, А БРОЈОТ РЕЧИСИ 37,7 %
Понатамошната анализа на бројот и вредноста на направените трансакции од странство кон македонските е-трговци е направена подетаљно за земјите што остваруваат 50 % од вкупно направената вредност. На фотографијата во продолжение прикажани се бројот, вредноста, просечната вредност од трансакција и остварениот пораст во 2023 година во однос на претходната на овие 7 земји и остатокот од светот. Најголем пораст на бројот, како и на вредноста на направените онлајн-трансакции од странски иматели на платежни картички во 2023 година во однос на претходната година е остварен од Ирска, а највисока просечна трансакција е направена од Бугарија во износ од 43 евра.
Економија
ЕУ со позитивни оцени за придонесот на Народната банка во намалувањето на инфлацијата и задржаната стабилност на банкарскиот сектор
Инфлацијата се намали од 19,8% на 4%, како резулат на монетарното затегнување и нормализацијата на цените на храната и енергијата, се наведува во заклучоците од овогодишниот економски и финансиски дијалог на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, Турција, Грузија, Молдавија и Украина. Европската комисија ги нотира мерките кои Народната банка ги превзема во изминатиот период, со цел да ја стабилизира инфлацијата, инфлациските очекувања и да ја поттикне денаризацијата. Во заклучоците се наведува дека банкарскиот сектор остана стабилен, со поволни показатели за адекватноста на капиталот и ликвидноста, како и ниски нивоа на нефункционални кредити. Европската комисија препорачува монетарната политика да остане затегната, онолку колку што е потребно, за да се закотват инфлациските очекувања на ниво кое ќе осигура стабилност на цените и на девизниот курс. Се наведува и дека е неопходно да се заштити независноста на централната банка во извршувањето на нејзините клучни законски задачи.
Во рамките на економскиот и финансискиот дијалог на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, Турција, Грузија, Молдавија и Украина, којшто се води врз основа на поднесената Програма за економски реформи 2024 ‒ 2026 година од страна на земјите кандидатки, институциите на ЕУ даваат осврт и оцена на политиките и реформите во различни сфери на економијата и финансискиот систем, додека носителите на политиките даваат свој осврт и очекувања за идниот период.
Вицегувернерката Емилија Нацевска ја претставуваше Народната банка на дијалогот со ЕУ. Во своето излагање, таа истакна дека Народната банка ќе продолжи да води претпазлива монетарна политика, се додека со сигурност може да се каже дека процесот на дезинфлацијата е одржлив и дека на среден рок ќе се осигура ценовната стабилност. Таа посочи и дека Народната банка ќе продолжи преку мерки и регулаторни барања да ја зајакнува отпорноста на банкарскиот систем и да ги унапредува сопствените институционални капацитети за подобро справување со светските трендови и предизвици.
Вицегувернерката Нацевска ја истакна и заложбата на Народната банка во изминатиот период за спроведување на реформскиот процес за зајакнување на регулаторната рамка и приближување до стандардите на ЕУ. Таа посочи дека Планот за раст за Западен Балкан, дава можност за побрза интеграција на регионот во Единствената платежна област во евра (СЕПА). Народната банка веќе поднесе пред-апликација за влез во СЕПА и е подготвена да работи на затворање на евентуалните регулаторни јазови како предуслов за влез во СЕПА, што би донело повеќекратни предности за потрошувачите, компаниите и финансиските институции. Во своето излагање вицегувернерката се осврна и на придонесот на Народната банка кон зелената транзиција и подготвките на банкарскиот систем за овој процес. Народната банка го усвои првиот Среднорочен план во областа на управувањето со климатските промени за периодот 2023 ‒ 2025 година, кој предвидува активности за регулирање и надзор на климатските ризици, вклучително и стрес-тестирања на банките поврзани со климатски промени, а беа усвоени и Насоки за управување со климатските ризици за банките. Во согласност со светските трендови, Народната банка веќе ги направи и првите чекори за „зазеленување“ на своето инвестициско портфолио во рамки на управувањето со девизните резерви.