Македонија
Груевски: Студентите што ќе завршат студии по старотурски јазик имаат загарантирана работа
Студентите што ќе се пријават на конкурсот за доделување стипендии за изучување на старотурскиот јазик и кои ќе ги завршат студиите имаат загарантирана работа во три институции во Македонија, соопшти премиерот Никола Груевски во среда и додаде дека конкурсот сé уште трае.
На почетокот на годината Министерството за образование и наука распиша конкурс за 20 стипендии за додипломски и постдипломски студии за изучување на старотурскиот јазик. Рокот за пријавување е до 15-ти август.
Идејата за овој проект, рече Груевски, доаѓа поради недоволниот број на луѓе во Македонија кои го познаваат овој јазик, а на кој се запишани голем број на документи, записи и архивски податоци на територијата на Македонија.
„Во Македонија недостасуваат луѓе што го познаваат старотурскиот јазик. Некои велат дека има само двајца луѓе во поодминати години што го знаат јазикот. Има многу неистражени архивски материјали во Македонија, затоа што нема кој да ги преведе“, рече Груевски.
Лицата кои ќе добијат стипендија ќе се школуваат во различни европски универзитети, а нив ќе им биде загарантирана работа во три македонски институции.
„Сакам да потенцирам дека студентите што ќе ги завршат додипломските и постдипломските студии за изучување на старотурскиот јазик имаат загарантирана работа во Државниот Архив на Република Македонија, Институтот за национална историја и во Македонската академија на науки и уметности“, рече премиерот.
Секој кандидат на којшто ќе му биде доделена стипендија, потпишува договор со МОН, со којшто се обврзува по завршување на студиите, да работи најмалку 10 години во Република Македонија.
Ова е првпат Министерството за образование и наука да додели ваков вид стипендии за додипломски и постдипломски студии за старотурски јазик на универзитети во Турција или во други земји кои имаат катедри за ориенталистика.
Старотурскиот е меѓу најстарите документирани јазици на ова подрачје, од 7 до 12 век, голем број документи, записи, архивски податоци на територијата на Република Македонија се напишани на старотурски јазик. Тој е различен од актуелниот турски јазик и е мешавина од турскиот, персискиот и некои арабиски елементи. Република Македонија има потреба за превод на сите тие историски документи, но и катастарски документи затоа што меѓу нив има и голем број тапии.крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

