Македонија
Над илјада повици на „Ало докторе“ за една недела

За само една недела на линијата „Ало докторе“ за бесплатен медицински совет се јавиле 1.203 граѓани, соопшти Здравствен дом Скопје.
Во последните два дена, 21-ви и 22-ри септември, на бесплатната линија 15123, вкупно 251 граѓанин побарал медицински совет.
Најголем број од нив се пожалиле на покачена телесна температура, распираторни и кардиоваскуларни тешкотии поврзани со променливите временски услови како и на симптомна болка, информираат од Здравствен дом.
„Сите граѓани имаат добиено соодветна здравствена услуга преку здравствен совет, а на оние граѓани на кои им било потребно и соодветна терапија. На сите на кои им била потребна итна медицинска помош поради здравствената состојба за која се јавиле им е укажано да ја повикаат истата на 194“, се вели во соопштението.
Во изминативе два дена на телефонската линија од 18 до 22 часот беа дежурни директорот на Клиниката за психијатрија Др. Антони Новотни и Др. Ирена Кафеџиска од Клиниката за ревматологија.
Денеска во кол центарот на 15123 дежурна ќе биде директорката на Клиниката за гинекологија Др. Марија Хаџи-Лега, а во среда директорот на Клиниката за очни болести Др.Илијаз Исмаили.
Линијата „Ало докторе“ почна да работи на 15-ти септември.крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Коњановски потрошил милиони без ниту еден капитален проект, рече Куновски од СДСМ

Кандидатот за градоначалник на Битола од редовите на СДСМ, Методија Куновски, на денешната прес-конференција изјави дека доаѓа крајот на, како што ја нарече, „четиригодишната ера на разочарувања и промашувања на актуелниот градоначалник Тони Коњановски“.
„Битола заслужува градоначалник кој нема да работи за тебе, за мене, за мала група луѓе или за партијата, туку за сите граѓани. Човекот мора да биде пред сè“, рече Куновски.
Тој го обвини Коњановски за недомаќинско и хаотично работење, со бројни раскопани и нефункционални улици, долгови на јавните претпријатија и нереализирани капитални проекти.
„Јавните претпријатија се во долг од над 3 милиони евра, а ниту една нова машина не е набавена. Укинати се бесплатните 15 минути паркинг, а нови паркинг-места нема. Наместо спортски комплекс, нови кружни текови или училишта, добивме импровизиран кружен тек кај Стрелиште и сообраќаен хаос“, нагласи Куновски.
Кандидатот од СДСМ истакна и дека сметките на училиштата должат скоро 50 милиони денари, а некои објекти се затворени поради прокиснување на крововите.
„Жителите на повисоките делови од Битола секој втор ден немаат вода, а цената за водоснабдување е зголемена. Градинки нема за Бистрица и околните села, а градот е преполн со бездомни кучиња“, додаде тој.
Куновски го обвини Коњановски и за расфрлање со јавни пари.
„Немаше средства за ранливите категории семејства, а потроши повеќе од 4 милиони денари за кафеани и 10 милиони денари за нови возила од фирма блиска на министерот за надворешни работи“, рече Куновски.
Во своето обраќање тој порача дека битолчани ќе стават крај на ваквото владеење.
„После четири години застој и скандали, Битола ќе избере одговорна, отчетна и транспарентна локална власт“, заклучи Куновски.
Скопје
Османи: Чаир ќе стане центар на технологија, култура и младински идеи

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, на средба со младите од општината ја претстави својата визија за „Новиот Чаир“, посветена на урбана преродба и создавање општина на иднината.
„Не можете да дизајнирате визија за Чаир без да ги вклучите младите кои сочинуваат речиси половина од населението. Тие се нашата најголема сила и највреден капитал“, истакна Османи.
Во рамки на својата програма, тој најави изградба на мултифункционален центар на плоштадот „Скендербег“, кој ќе вклучува дигитална и иновациска лабораторија, современа библиотека и културен центар за младинските уметнички и музички групи.
Според него, овој комплекс ќе биде „срцето на визијата за Новиот Чаир и симбол на урбаната преродба на општината“.
Програмата предвидува и општински стипендии за најдобрите студенти, создавање Фонд за иновации, како и Младински совет на Чаир, кој ќе управува со 5% од општинскиот буџет. Преку проектот „Таленти на Чаир“ најдобрите студенти ќе добијат можност за директно вработување во општинската администрација.
Османи вети и подобрување на јавните простори преку реновирање на парковите, воведување бесплатен интернет во јавните зони и организирање бесплатни обуки за дигитални вештини, програмирање и користење вештачка интелигенција.
„Чаир сакаме да го претвориме во центар на технологијата. Ако половина од жителите се млади, тогаш мораме да го искористиме овој капитал и да изградиме општина на иднината“, порача Османи.
Македонија
329 медиуми ќе им бидат на располагање на кандидатите за рекламирање

На претстојните локални избори, кандидатите ќе можат да се рекламираат на вкупно 329 медиуми во земјата, потврди Државната изборна комисија (ДИК).
Од пристигнатите 352 барања за упис во регистарот на радиодифузери, печатени медиуми, електронски медиуми и интернет портали, позитивен одговор добија 33 телевизии, 42 радиостаници, осум печатени медиуми и 246 интернет портали.
„Барањата на 22 правни лица, две телевизии, пет радиостаници, еден печатен медиум и 15 интернет портали, беа отфрлени како неуредни или ненавремено доставени. Дополнително, два ценовници беа доставени без соодветно барање и истите се отфрлени“, изјави членот на ДИК, Светлана Карапетрова, на 131 седница.
Во ДИК се доставени вкупно 399 ценовници за платено политичко рекламирање. Буџетот за локалните избори во 2025 година изнесува 9,76 милиони евра, од кои две третини се наменети токму за медиумите и политичките реклами.
Првиот круг на локалните избори ќе се одржи на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември. Граѓаните ќе избираат градоначалници и советници во 80 општини и во Град Скопје.