Македонија
ФЗОМ: Подобрено финансиското работење во клиниките и болниците
Финансиските контроли на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ), за првото полугодие на 2014 година, констатираа подобрувања кај јавните здравствени установи, особено кај универзитетските клиники и болниците.
„Со извршените контроли се утврдиле следниве подобрувања во работење на ЈЗУ: зголемен степен на одговорност кај менаџментот на контролираните јавни здравствени институции, поефикасна сметководствена евиденција, полесен и транспарентен начин на фактурирање, минимизирање на грешките во фактурирањето, како резултат на воведување на електронска фактура, подобрување на механизмите за внатрешна контрола во делот на раководење со постапки за јавни набавки и реализација на договорите, исплата на обврски според датум на доспевање и без преферирање на добавувачи, се води поголема евиденција со цел домаќинско трошење на средствата, поефикасно и поефективно се раководат со расположливите ресурси“, се вели во соопштението на ФЗОМ.
Препораките и едукацијата на финансиската контрола на ФЗОМ, продолжува соопштението, резултираше со намалување на процентот на грешно фактурирани пресметки, од 32,30% во 2011 година, 16.92% во 2012 година, 4,68% во 2013 година на 2,19% во прво полугодие во 2014 година.
Тимовите на финансиска контрола на ФЗОМ извршија 286 финансиски контроли во сите 112 јавни здравствени установи во Република Македонија.
Целта на финансиската контрола, велат од ФЗОМ, е проверка на финансиското работење, согледување дали трошењето на средствата е домаќинско, се утврдува дали институциите во своето работење се ефикасни и економични.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ние како мнозинство немаме од што да бегаме, ќе се расчистат сите прашања поврзани со трагедијата во Кочани
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, изјави дека во периодот кога државата ја воделе СДСМ и ДУИ се закажувале анкетни комисии, но не се обезбедувал кворум. Стојаноски рече дека поради тоа била упатена покана до претседателот на Левица, како и до сите други пратенички групи, да се најде нов датум за седницата закажана за 9 декември.
Тој посочи дека целта е да се договори термин до крајот на годината во кој седницата би се одржала и на кој би можеле да присуствуваат сите поканети, меѓу кои и премиерот.
„Уште еднаш кажувам, ние како мнозинство и како политичка партија апсолутно немаме од што да бегаме“, изјави Стојаноски.
Тој додаде дека се подготвени да ги расчистат сите прашања што ги имаат родителите на загинатите во трагедијата во Кочани, како и прашањата поврзани со претходни трагедии. Според Стојаноски, преку една сеопфатна анкетна комисија може да се дојде до одговори на сите прашања што се поставуваат во општеството.
Додаде дека денеска на собраниска седница, со 84 гласа „за“, беше донесена одлука за формирање на анкетна комисија која ќе ги опфати сите немили случаи и трагедии во кои изгубија живот 138 лица. Комисијата ќе ги опфати случаите со модуларната клиника во Тетово, автобуските несреќи кај Ласкарци и во Бугарија, како и пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Од парламентарното мнозинство посочуваат дека со ваквата одлука покажуваат дека се први кои сакаат овие случаи да се расчистат и одговорноста — законска или политичка — да ја понесе секој што бил виновен за случувањето на трагедиите.
„Она кое што е важно и би сакал да го истакнам, е дека со ова, успеавме да ја прекинеме политичката игра на некрофилство во која што беа западнати СДСМ и Левица сакајќи да добијат политички поени од едни вакви трагедии“, се наведува во изјавата.
Македонија
(Видео) Спасовски: ВМРО-ДПМНЕ гласаше против Анкетна комисија за Кочани – ново разочарување за семејствата
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, изјави дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ гласале против формирање на Анкетна комисија за трагедијата во Кочани, иницијатива поднесена од пратеничките групи на СДСМ и Левица и поддржана од Европскиот фронт.
Спасовски посочи дека пратениците кои ја поддржале иницијативата направиле сè што можеле, но, како што рече, владеачкото мнозинство не покажало „ниту емпатија, ниту разбирање, ниту елементарно чувство“ за семејствата на загинатите и повредените.
„Очигледно ова е партиска директива“, изјави Спасовски, додавајќи дека повторно се враќа време на „протест и контрапротест, пленум и контрапленум“. Тој оцени дека мнозинството го вреднува само она што произлегува од нивните редови, без еднаков третман на иницијативите од другите претставници.
Според Спасовски, ваквата одлука претставува „уште едно понижување и разочарување“ за семејствата што ја изгубиле најголемата вредност. „Родителите и семејствата чекаат барем трошка надеж, барем трошка вистина, барем малку човечност“, рече тој.
Тој додаде дека Парламентот пропуштил можност да покаже единство и солидарност.
Македонија
Александар Николоски од денеска е во работна посета на Брисел
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски од денеска е во работна посета на Брисел.
Во рамки на посетата Николоски ќе учествува на настанот “Прашања за проширување: Новата геополитичка, безбедносна и еконoмска граница на Европа” организирана од страна на “Пријатели на Европа” каде ќе има и свое обраќање. На панел дискусијата посветена на проширување на Европската Унија, покрај вицепремиерот Николоски, свое обраќање ќе имаат и Еди Рама, премиер на Албанија, Ана Брнабиќ претседател на Националното Собрание на Србија, Кристина Герасимов вицепремиер за европска интеграција на Молдавија и Герт Јан Купман, Генерален директор за источно соседство и проширување на Европската Комисија.
Николоски во петок ќе учествува на Министерскиот совет на Транспортната заедница. На состанокот на кој ќе претседава Комесарот за одржлив транспорт на Европската Комисија, Апостолис Цицикостас, ќе се разговара за напредокот на земјите од Западен Балкан во делот на транспортната политика и реализација на инфраструктурни проекти.
На министерскиот совет, вицепремиерот Николоски ќе говори за транспортните политики на Македонија, напредокот и реализација на проектите на европските транспортни Коридор 8 и 10 и 10 -д, како и за мерките и активностите за олеснување на трговијата и транспортот во земјите од Западен Балкан.
На министерскиот совет ќе присуствуваат министри за транспорт и владини претставници од Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, Бугарија, Словенија, од Кипар, Романија, Ирска и од други европски земји.
Исто така предвидени се и значајни средби со претставници од Европската Комисија.

