Економија
Македонија ќе користи словенечките искуства за евиденција на туристи
Македонија планира да ги искористи искуствата кои Словенија ги применува за регистрација на туристите, со цел да се добие точна евиденција за бројот на туристи кои годишно ја посетуваат државата.
Ваков заклучок е донесен на редовната седница на Комитетот за туризам, која се одржа во четвртокот во просториите на македонската влада.На седницата, со која претседаваше премиерот Никола Груевски, се разгледуваа можностите за измена и дополнување на Законот за странци и на Законот за пријавување на живеалиште и престојувалиште на граѓаните, во насока на обезбедување на точна евиденција за бројот на туристи, соопшти владината прес служба.Притоа било предложено Министерството за внатрешни работи, согласно законите и процедурите, да изработи нови формулари за евиденција на туристите, и да се воспостави систем на размена на податоци со Државниот завод за статистика преку кои Заводот би можел попрецизно и посеопфатно да ги обработува информациите во врска со туристичката дејност.На седницата било акцентирано и почитувањето на обврската за пријавување на туристи од страна на туристичките работници во земјата, за што во идниот период ќе бидат спроведени мерки за информирање на јавноста.Дополнително се разгледуваа и акциските планови на Националната стратегија за развој на туризмот и Стратегијата за рурален развој на туризмот за што се донесоа заклучоци за реализација на конкретните активности и проекти содржани во нив.Комитетот за туризам расправаше и за можноста за зголемување на соработката со Ауринкоматкат Сантурс, која претставува најголема туристичка агенција во Република Финска која носи туристи во Република Македонија. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Хонда“ и „Нисан“ се во преговори за спојување за да станат третиот најголем светски производител на автомобили
Хонда и Нисан се во преговори за спојување до 2026 година, историски потег за јапонската автомобилска индустрија што ја нагласува заканата што сега ја претставуваат кинеските производители на електрични возила, пишува Ројтерс.
Спојувањето ќе ја создаде третата по големина автомобилска групација во светот по продажба на возила по Тојота и Фолксваген.
Тоа, исто така, ќе им даде на двете компании размер и можност да ги споделат ресурсите во услови на интензивна конкуренција од Tesla и кинеските ривали како што е BYD.
Спојувањето на Хонда, вториот по големина јапонски производител на автомобили, со Нисан, број три, ќе биде најголемото преобликување на глобалната автомобилска индустрија откако Fiat Chrysler Automobiles и PSA се споија во 2021 година за да го создадат Stellantis во зделка вредна 52 милијарди долари.
Помалиот Mitsubishi Motors, во кој Nissan е најголем акционер, исто така размислуваше за приклучување и ќе донесе одлука до крајот на јануари, соопштија компаниите.
Извршните директори на сите три компании одржаа заедничка прес-конференција во Токио.
„Подемот на кинеските производители на автомобили и новите играчи многу ја променија автомобилската индустрија. Треба да изградиме способности за да се бориме со нив до 2030 година или ќе бидеме поразени“, рече извршниот директор на Honda, Тошихиро Мибе, наведувајќи ги технолошките трендови на електрификација и автономно возење.
Двете компании ќе имаат за цел комбинирана продажба од 191 милијарда долари и оперативен профит од повеќе од 19 милијарди долари преку потенцијално спојување, велат тие.
Економија
Мицкоски најави робусна акција и за покачените цени: Апелирам големите трговски синџири да се преиспитаат, срамота е ова што го прават пред празниците
Вонредни инспекции и робусна акција ќе има во следниот период против девијантното однесување на маркетите, кои на сметка на новогодишната кошничка со намалени цени ги зголемија цените на маслото, лебот, млекото, млечните производи, шеќерот, јајцата… Премиерот Христијан Мицкоски, денес, на седница на Владата најави дека ќе бара од Министерството за економија и труд и од Државниот пазарен инспекторат да се преземат конкретни мерки за да се спречат триковите за зголемување на цените што ги користат трговците оти и тој добил информации дека некои од маркетите шпекулираат и се служат со трикови.
„Оние што мислат дека ќе прават трикови се лажат. Не може тоа што ним им беше дадено како право и можност за едни производи сега да го дополнуваат со драматично зголемување на некои други производи што ги користат граѓаните, како што е маслото, лебот, млекото, млечните производи, шеќерот, солта, јајцата и слично. Трикови не може, тоа оваа Влада нема да го толерира и жестоко има да се справиме со сите што мислат дека нè надмудриле“, рече премиерот Мицкоски.
Само неколку дена откога почнаа да важат ограничени и пониски цени на над 1.000 производи, во многу маркети се појавија повисоки цени на производите што се не новогодишната кошничка, која ќе важи еден месец, односно до 15 јануари.
„Апелирам до големите трговски синџири да си го преиспитаат однесувањето и ќе побарам од Пазарниот инспекторат детаљна анализа како изминативе 30 дена е покачена цената на овие производи. Срамота е ова што го прават пред празниците. Сакавме да покажеме добра волја, сакавме да се договориме, видете како враќаат. Ова не е коректно и јас денеска од страна на Владата, од министерот за економија и труд, под чии ингеренции спаѓа Пазарниот инспекторат, ќе побарам вонредна инспекција, робусна акција и ова девијантно однесување со трикови да престане“, најави премиерот Мицкоски, кој робусна акција најави и во судството.
Тој не сакаше да зборува дали ќе следуваат казни за маркетите што имаат драстично зголемени цени и порача дека првин треба инспекциите да излезат на терен за да се одлучи што ќе се преземе понатаму.
Опозицијата уште минатата недела предупреди дека зејтинот е поскап отколку што беше во октомври, а вчера на списокот со производи со зголемени цени ги додадоа јајцата, кашкавалот и јогуртот и обвинија за измама со новогодишната кошничка.
Економија
„Високите сметки за струја – предизвик и за УКИМ“ – средба на министерката Сања Божиновска и ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова. На средбата беа отворени повеќе теми од заеднички интерес, со фокус на енергетската ефикасност, соработката меѓу Министерството и Универзитетот и можностите за поддршка на младите кадри, извести Министерството.
Ректорката Ангелова ја истакна важноста на енергетската стабилност за редовното функционирање на универзитетот, наведувајќи дека високите сметки за електрична енергија претставуваат значителен финансиски товар. Таа посочи дека Универзитетот бара начини за оптимизација на трошоците за електрична енергија, како и долгорочно и одржливо решение.
Иако Македонија повеќе од година и половина успешно ја менаџира својата берза за електрична енергија, која функционира преку националниот Оператор за пазар на електрична енергија (МЕМО), повеќето државни и јавни институции, вклучувајќи ги училиштата, болниците и комуналните претпријатија, се соочуваат со сериозни предизвици. Овие институции се обврзани да купуваат електрична енергија на слободниот пазар, плаќајќи по цените што се формираат на берзата ХУПЕКС во Унгарија.
Иако се работи за некомерцијални субјекти, над 200 јавни установи моментално плаќаат просечна дневна берзанска цена за струја, што значително ги оптоварува нивните буџети.
Министерката Божиновска ја истакна подготвеноста на Министерството да ги разгледа можностите за олеснување на оваа ситуација, Министерката потенцираше дека решавањето на овој проблем е од суштинско значење за подобрување на енергетската одржливост на јавниот сектор и за ослободување на средства кои би можеле да се инвестираат во други развојни проекти.
Министерката и ректорката разговараа и за важноста од стимулирање на студентите и создавање услови кои ќе ги мотивираат младите и перспективни кадри. Министерката Божиновска истакна дека развојот и поддршката на младите се меѓу клучните приоритети на Министерството, при што е подготвена да иницира и поддржи заеднички проекти со Универзитетот кои ќе придонесат за развој на нови таленти и обезбедување стручни кадри во енергетскиот сектор, соопшти Министерството за енергетика.