Македонија
„Од сон до сонце” – логото на одбележувањето на 2 Август – Илинден
„Од сон до сонце” е логото под кое оваа година ќе се одвива одбележувањето на големиот македонски државен празник 2 Август во кој се одбележува 70 годишнината од одржувањето на АСНОМ и 111 годишнината од Илинденското востание, соопшти во сабота портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.
„Она што нашите предци го изградиле во минатото, е нашиот најцврст темел врз кој што ја градиме нашата иднина. Сонот за кој што тие се бореле, е слободата во која што живееме денес. Да продолжиме да се движиме напред, кон сигурна иднина, затоа што секоја наша победа денес, е нов Илинден за идните поколенија”, е пораката која Република Македонија ја испраќа за овој празник, на тој начин правејќи симболично поврзување на минатото, сегашноста и иднината, промоција на вредностите и придобивките“, рече Ѓорѓиев.
Владата на Република Македонија на седница усвои програма за одбележување на празникот 2 Август – Илинден, Денот на Републиката што предвидува повеќедневно одбележување на празникот, односно одбележување во текот на целата следна недела, а во неа се содржат поголем број на активности од културен, образовен, спортски и државнички карактер.
Програмата започнува од 28-ми јули, кога ќе се организира планинарскиот илинденски марш, кој ќе започне во Скопје, на 2-риавгуст ќе помине во Крушево и ќе заврши во Охрид. Во рамките на спортските активности е предвидена и велосипедска тура, односно велосипедски караван кој симболично ќе започне во Крушево на 31-ви јули, ќе помине низ неколку градови, а ќе заврши на Пелинце на 2-ри август. Предвидено е и симболично освојување, односно искачување на највисокиот врв во Република Македонија, Кораб, и симболично искачување на Славеј Планина каде што е формиран првиот партизански баталјон кој е зачетник на денешната Армија на Република Македонија.
Во рамките на програмата од културен карактер, во музеите низ Македонија ќе бидат организирани историски поставки кои асоцираат и кореспондираат со Илинденското востание и со АСНОМ, а централната поставка е во организација на Државниот архив и ќе биде поставена во објектот на Македонската академија на науките и уметностите, со тематика на документи од овие периоди кои се одбележуваат. Воениот оркестар ќе одржи концерт, главниот одбор на Сојузот на борците ќе има свечена седница во Домот на АРМ во Скопје, а членовите на Сојузот на борците ќе бидат примени на средба кај претседателот на Републиката Ѓорге Иванов.
Во соработка со Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ ќе биде организирана научно-образовна трибина за вредностите и придобивките од Илинденското востание и од АСНОМ, и нивното значење за понатамошниот развој на државата.
Значајно учество во одбележувањето на празникот ќе земе и националниот сервис Македонската радио телевизија, со емитување на богата филмска и документарна програма со тематика од Илинденскиот период или пак Народноослободителната борба и АСНОМ, која ќе започне со реализација од 28-ми јули до 3-ти август. Во рамките на оваа програма ќе бидат емитувани филмовите Републиката во пламен, Мис Стон, Најдолгиот пат, Македонскиот дел од пеколот, Денови на искушението, Волчја ноќ и Пресуда, и ќе бидат реемитувани култните серии Волшебното самарче и Тврдокорните. Ќе бидат емитувани и серијалите Илинденска епопеја, АСНОМ, Македонски фронт и Јуначко колено.
Свечената академија ќе биде организирана од страна на Македонската академија на науките и уметностите, и на неа ќе присуствува државниот врв, а говорници ќе бидат претседателот на МАНУ, Владо Камбовски и претставник на Сојузот на борците.
Владата на Република Македонија им укажа и препорача на општините во Република Македонија, со активности по свој избор организирани на локално ниво во периодот од следната недела, да се вклучат во одбележувањето на празникот.
Централната прослава на празникот ќе се одвива на Пелинце, во Крушево и во Скопје. На Пелинце каде што ќе се одбележи 70 годишнината на АСНОМ ќе говори премиерот Никола Груевски, претседателот на македонското собрание Трајко Велјановски ќе говори на централната манифестација во Крушево каде што ќе се одбележи 111 годишнината од Илинденското востание, а претседателот на Републиката Ѓорге Иванов ќе се обрати на централната прослава во Скопје.
Како и секоја година, Владата на Република Македонија ќе организира бесплатен автобуски превоз од целата територија на државата за оние граѓани кои имаат желба да присуствуваат на централните прослави во Пелинце и Крушево, а распоредот на автобусите, времето и локациите за нивно тргнување и враќање ќе бидат објавени во текот на следните денови.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за камиони на патните правци Маврово – Дебар и Гостивар – Стража – Кичево
Од 06:50 ч., воведена e забрана за тешки товарни возила на патните правци Маврово – Дебар и Гостивар – Стража – Кичево поради обилни врнежи од снег, информира АМСМ.
Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Слаб снег провејува на П.Шапка кој во мометов не се задржува на коловозот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Денеска врнежи од дожд и од снег на планините
Под влијание на циклонска активност, денеска ќе има врнежи од дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места, а на планините од снег, информира УХМР.
Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови каде се очекува да наврнат над 15 l/m² воден талог. На планините висината на снежната покривка ќе се зголеми од 10 до 15 см.
Потоа во следните денови времето ќе биде претежно стабилно со ниски утрински температури. За време на викендот ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во сабота наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.
Во Скопје, денеска ќе има повремени врнежи од дожд. Потоа ќе биде стабилно со пониска утринска температура.
Македонија
По 100 дена мандат, Ѓорѓиевски порача: „Скопје повторно почна да дише“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави отчет за првите 100 дена од мандатот, наведувајќи дека ја презел функцијата во услови на, како што рече, „град на раб на финансиски колапс – празна каса, блокирани сметки, јавни претпријатија со неисплатени плати, систем без дисциплина и долг од речиси 300 милиони евра“.
„Тотален колапс! Институции што одамна престанале да работат во служба на граѓаните“, наведува градоначалникот, додавајќи дека добил доверба од граѓаните и дека „таа доверба нема да биде изневерена“.
Според него, за три месеци се намалени обврските за повеќе од 40 милиони евра преку кратење на непродуктивни трошоци и воведување финансиска дисциплина, а стабилизирана е и исплатата на платите во јавните претпријатија.
Ѓоргиевски информира дека биле отстранети над 600 фиктивно вработени кои со години земале плата без да доаѓаат на работа, како и дека е спроведена акција за чистење во која, како што наведува, учествувале над 2.500 луѓе, стотина возила и биле отстранети повеќе од 4.500 тони отпад за 72 часа.
„Скопје повторно почна да дише“, наведува тој.

Градоначалникот посочува дека се деблокирани клучни инфраструктурни проекти, меѓу кои клучката кај „Момин Поток“, булеварот „Македонија“ со подземната сообраќајница, улиците „Љубљанска“ и „Перо Наков“, како и реконструкцијата на „Фрањо Клуз“.
Почнува изградба на нови кружни текови, булевари и монтажни катни гаражи, како и доизградба на булеварот „Борис Трајковски“.
Во делот на јавниот превоз, наведува дека со поддршка од Владата се работи на модернизација со нови еколошки автобуси и проекти за современ транспорт.
Ѓоргиевски информира и за уредување нови зелени површини, расчистување на Вардариште, изградба на Луна парк, како и за набавка на нов мебел, компјутери, интерактивни табли и прочистувачи на воздух за средните училишта. Посочува дека Скопје останува Европска престолнина на културата 2028.
Во обраќањето тој наведува дека буџетот за 2026 година е повисок и развоен, со рекордни капитални инвестиции во образование, култура, инфраструктура и животна средина.
„Наследивме долгови, но градиме стабилна иднина. Наследивме хаос, но воспоставуваме систем и ред. Наследивме разочараност, но ја враќаме надежта и достоинството“, наведува градоначалникот.
Ѓоргиевски упати благодарност до Советот на Град Скопје, до својот тим и до премиерот Христијан Мицкоски, наведувајќи дека „со дела, како никој во минатото покажа што значи вистинска грижа за граѓаните и вистинска поддршка за Скопје“.

