Култура
Контроверзната претстава за монструмот Фрицл вечерва на „МОТ“

Претставата „Пансион Ф“ за австрискиот монструм Јозеф Фрицл, кој ја заробил и ја силувал својата ќерка 24 години и има 7 деца со неа, ќе се игра вечерва, на сцената на Младинскиот културен центар, со почеток во 20 часот
Гостувањето на Шовинистен-3-раум-Анатоми Театар од Австрија и режисерот Хурберт Крамер беа најавени како најголемиот спектакл на годинешното издание на „МОТ“. „Пансион Ф“ (Ф на германски значи пансион на база, полупансион) претставува ултимативна сатира за медиумите и жртвите кои ги произведува жолтиот печат, медиумската порнографија. „’Жртвите прават профит’ е реалниот интерес на жолтиот печат. Во овие медиуми и нивните потресни приказни за случаи како Фрицл, жртвите се повторно силувани и злоупотребувани и така сe додека нивните приказни се продаваат. Еден вид медиумска порнографија со скриените желби на невротичната публика, која се идентификува со бруталноста на злоупотребувачите.Вистинскиот скандал е патријархалниот систем на ѕид на тишина околу жртвите на сексуалното насилство. Тоа е болка на секое општество. Многу често член на семејството е оној што злоупотребува. Членовите што најчесто треба да се столбови на фамилијата. Но ова патолошко насилство се смета за ‘нормално’. Дури се смета и за одговорен систем на функционирање на денешното патријархално општество, перманентно насилство врз оние на кои најмногу им треба грижа“, пишува на сајтот на виенскиот театар. Уште на почетокот претставата предизвикала контроверзни реакции. Првичниот наслов и бил „Пансион Фрицл“, но откако режисерот почнал да добива смртни закани, го променил во „Пансион Ф“. Плакатите за претставата постојани биле симнувани, а на премиерата, на 23 февруари, имало полициско обезбедување, а еден период била забранета да се изведува. Играат: Тигрите од Есчнапур, Луси Мекивл, Хубси Крамар, Бернд Чарабара, Хејди Грос, Рената Данингер, Рајнер Фузгангер, Јулија Карнел, Сандра Крчински, Ханес Ленгауер, Петер Матејка, Ева Счустер, Кристијан Штрасер, Ирис Мариа Штромбергер, Сиги Вејн, Клаус Виндбичлер.
Покрај „Пансион Ф“ вечерва во МКЦ ќе се изведе и премиерата на „Другата страна“ од Дејан Дуковски, во режија на Андреј Цветановски, со почеток во 22 часот. Играат: Арџенд Хасани и Берат Салиу.
Во организација на „МОТ“ и Буден театар во клубот МОТ во 23 часот се организира вечер посветена на актерот Бошко Бозаџиевски кој почина минатата година и ќе се изведе поетско кабаре „Јас и Он“, инспирирано од неговата поезија. Режијата е на Милиана Ленак, музиката на Виктор Гајтановски, а настапуваат: Слаѓана Вујошевиќ, Мирослав Петковиќ, Атанас Атанасовски, Милиана Ленак. Ќе бидат отворени и изложбите „Мојот личен фотограф“ – изложба на фотографии од Маја Симовска и изложба на акварели инспирирани од Бошко Бозаџиевски од Бојана Артинова-Трпческа.
Потоа следува настапот на „Вуди Ален и Хана џез трио“, џез-состав, чиј репертоар опфаќа и боса нова, француски шансони, кабаре музика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.