Култура
„Мода за носење“ – базар на млади дизајнери во ЦК
Културниот центар ЦК, во соработка со Културен фронт од Белград го поставува проектот „Мода за носење“ – базар на млади модни дизајнери, како дел од иницијативата за поддршка и промоција на млади домашни автори
Базарот на млади модни дизајнери ќе биде отворен утревечер, во 18:30, како дел од манифестацијата „Бела ноќ“ и има продажен карактер. Посетителите ќе можат да погледнат и купат иновативни креации и модни додатоци, како брошеви, шалови, чанти, накит…Овој проект е инициран од страна на Људмила Стратимировиќ, чијашто изложба „Зимски накит“ беше поставена во ЦК во декември минатата година.Водејќи се од потребата за поддршка на младите независни модни креатори, кои во напливот од странски брендови на пазарот немаат многу шанси да ги претстават своите дела, Стратимировиќ во 2007 година го создава проектот „Базар Мода“, кој преку својата креативност, свежина и оригиналност успева да се наметне на белградската сцена под насловот „Мода за понети“. Во мај оваа година во овој проект првпат беа вклучени и македонски дизајнери. Инаку, Стратимировиќ се вбројува меѓу најдобрите светски дизајнери на современ накит. Домашната публика за првпат ја запозна во 2000 година кога во рамки на проектот „Споени садови“ во МКЦ се претстави со дизајн на оригиналната колекција на шапки, како и со перформансот „Позориште шешира“. Досега има реализирано повеќе самостојни и групни изложби во Србија, Словенија, Хрватска, Холандија, Велика Британија, Данска и Шведска. Нејзините трудови ќе бидат публикувани во ексклузивно издание посветено на современиот накит, а наменето за галериите и музеите.Од пријавените на конкурсот за овој базар се пријавуваа домашни автори, од кои се избрани седуммина, кои утревечер ќе се претстават заедно со гостите од Белград. Во ЦК ќе можат да се погледнат креациите на нашите Елена Тодоровска, Биби Клекачкоска, Бранка Данчевска, Александра Шекутовска, Андреј Бартлинг, Мима Пејоска и Маја Кикириткова, а од Србија Миња Тарле, Марија Бањац, Милутин Поповиќ, Весна Крцкановиќ, Ненад Стаменковиќ, Ивана Рацков и Људмила Стратимировиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денес е Ден на македонскиот јазик
Петти мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“. На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и Правописот на македонскиот јазик.
Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со делата на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.