Македонија
Во следниот извештај на ЕУ отсуството на опозицијата ќе биде нотирано како слабост
Комисијата за европски прашања во четвртокот одржа седница во Собранието на Република Македонија на чиј дневен ред беше поставен Извештајот за реализираните активности од Националната програма за усвојување на правото на Европската унија, за второто тромесечје од годинава.
Централни теми на разговор на Комисијата беа претстојниот Извештај на ЕК за напредокот на Република Македонија, како и Самитот на НАТО во Кардиф.
Усогласувањето на националното законодавство во македонското Собрание има секогаш приоритет и се гледа на што побрз начин да стане составен дел од домашниот правен систем, но, Собранието има и една слабост, што ќе биде забележана и од ЕК во Извештајот за земјата, а тоа е отсуството на опозицијата од пратеничките клупи, забележа пратеникот од редовите на владејачката ВМРО- ДПМНЕ, Антонио Милошоски, кој повторно ја повика опозијата да се врати во Собранието.
„Сметам дека во овој краток период пред да се затвори Извештајот на ЕК би било многу добар потег доколку опозицијата ги има евроинтеграциите како свој приоритет, и ги заземе своите места во Собранието“, нагласи Милошоски, поранешниот шеф на дипломатијата.
Во врска со најавите дека во новиот состав на ЕК нема да има класичен комесар за проширување ,туку комесар за соседство, Милошоски рече дека во портфолиото на тој еврокомесар ќе бидат и можните преговори за отворање и затворање поглавја со земјите кандидати за членство или потенцијални кандидати.
Милошоски го поздрави ангажманот на Берлин со неодамна одржаниот самит за отворање на перспективите на земјите од региониот за членство во ЕУ, бидејќи Германија, канцеларката Меркел и ЕК презеле јавна политичка и дипломатска обврска да го помогне тоа.
Пратеникот Антонио Милошоски очекува на претстојниот Европски совет добри заклучоци кои на Македонија ќе и’ ја отворат вратата за почеток на преговорите, бидејќи, како што вели, без тоа, земјата нема да може да го задржи темпото на реформи.
Вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими во образложувањето на завршените обврски од Националната програма за усвојување на правото на ЕУ за вториот квартал истакна дека е постигнат напредок во делот на реформите во повеќе области, како судството, во економските критериуми, во делот на борбата против криминалот и корупцијата.
„Реформите кои се реализирани се прават со предвидената динамика. Меѓутоа, битно е дека сме фокусирани на предизвиците пред нас кои влијаат директно на процесот на евроинтеграција. Останува област на интерес судството каде Македонија треба да забележи поголем напредок од аспект на неговото функционирање, имплементацијата на законите, неселективно судство, во слободата на изразување, во изборниот законик, меѓуетничките односи,и добрососедските односи. Ние продолжуваме да бидеме фокусирани на овие приоритени области со цел Македонија да премине во следната фаза на преговирте за интеграирање на земјата во ЕУ“, истакна Бесими.
Завршната нацрт верзија на Извештајот за Македонија ќе биде презентирана на 19 септември во Брисел, а финалната верзија ќе биде објавена на почетокот на месец октомври./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

