Економија
Во Србија заразена пченката
Српските производители на житарки во петокот порачаа дека нема причина за страв и паника пода заразеноста на годинешниот род на пченката со канцерогените афлатоксини, откако тамошните медиуми медиумите јавија дека најголемиот дел приносите на пченка од годинава се заразени.
Директорот за здружението Жито Србија, Вукосав Саковиќ за агенцијата Бета тврди дека негативните последици од заразата на пченката во најголем процент од годинешниот род ќе го почувствуваат самите производители, бидејќи поради тоа извозот ќе биде драстично намален.
Генералниот директор на компанијата за претпријатието за надзор на квалитетот „СГС Србија“, Маринко Укорпина изјавил дека во лабораториите на оваа компанија е утврдено дека најголем дел од родот на пченката од оваа година во Србија е контаминиран со афлатоксини, коишто наводно се најканцерогениот спој кој може да се најде во храната за луѓе и животни.
Тој за новосадскиот дневен весник весникот „Маѓар Со“ рекол дека контаминацијата на пченката во Србија е предизвикана од сушата и дека според испитаните мостри се заклучува оти само 32 отсто од годинешниот род е безбедно за консумирање од луѓето.
„Досега спроведените испитувања укажуваат на концентрации на афлатоксини кои се над дозволените и повикуваат на итна реакција на надлежните државни служби и сите субјекти во синџирот на производство, складирање, продажба и преработка на пченката“, вели Укорпина.
Додал дека сите показатели укажуваат оти развивањето на габата се случило на полињата и дека недостигала навремена реакција којашто би можела до некаде да го намали проблемот.
Директорот на „Жито Србија“, Вукосав Саковиќ, пак, смета дека пропустот за утврдување на афлатоксините е направен претходни, бидејќи стручните земјоделски служби и институтите коишто ја следат примената на хибридите не ги предупредиле навреме производителите.
Според неофицијални информации, уште на почетокот од октомври се знаело дека пченката од годинешниот род во Србија е заразена со афлатоксин, бидејќи системот за рано предупредување на Европската унија, RASFF (Rapid Alert System for Food and Feed), од италијанските власти добил информација за откриен токсин во пратката пченка од Србија која преку Хрватска била извезена во Италија.
Укорпина, пак, тврди дека годинава проблемот со афлатоксините добил пандемиски димензии, и дека во поголема или помала мера е присутен во сите земји коишто се занимаваат со одгледување пченка, како Унгарија, Романија и Бугарија, но дека степенот на контаминација кај нив е многу поповолен, бидејќи навреме биле преземени мерки, и во периодите и поред и по жнеењето.
Афлатоксините се отровен продукт од габите Aspergillus flavus, кои може да се најдат во храната за стоката, во сировините и полупроизводите за производство на храна за луѓето, како и во житарките, пченката, компирот, овошјето, зрнестите плодови и во храната од животинско потекло, особено во млекото доколку животните биле хранети со заразена сточна храна.
Оваа габа може да ги зафати сите процеси од одгледување и жетвата преку складирањето до преработката, а нејзината појава е условена од климатските прилики, географската позиција, агротехничките мерки што се применуваа и начинот на преработување на суровините. Експертите предупредуваат дека афлатоксините го оштетуваат црниот дроб и другите органи, и може да предизвикаат рак на црниот дроб.
Американската Агенција за безбедноста на храната и лековите (FDA) смета дека кога станува збор за афлатоксините, не е можно да се постигне апсолутна безбедност на храната, односно дека максимално дозволеното количество може да биде нула. Повременото консумирање на афлатоксини е неизбежно, но во FDA сметаат дека во овој случај опасноста од појава на болести е многу мала./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

