Култура
„Скулптури на новото време 2009“ во Прилеп

Во Изложбениот салон на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп во петок, 4 септември, со почеток во 20:30 часот, ќе биде отворена биеналната изложба „Скулптури на новото време 2009“. Оваа изложба по петти пат ќе промовира збирка скулптури работени во периодот 2000 – 2009 година
Учество на изложбата зедоа 22 академски едуцирани скулптори со по едно дело на различна тема и индивидуален пристап на самите автори. На изложбата ќе може да се погледнат делата на: Беди Ибрахим, Ангел Димовски – Чауш, Дарко Дуковски, Александар Јанкуловски Цане, Елена Дуковска, Александра Богоеска, Љупчо Камењаров, Маја Стојанова, Марија Стојаноска, Марјан Стојаноски, Мирослав Величковски, Никола Смилков, Ристо Станковски, Сашо Саздовски, Сергеј Дамовски, Софија Грабулоска, Стојмир Петров, Валентина Конеска, Васил Николовски, Влатко Зафирковски, Габриела Ацеска и Томе Бундовски.„Дијапазонот на делата што се вклучени во оваа изложба е доста широк со оглед на специфичните пристапи на самите автори, но генерално видување е дека истите се темелат на концептите на скулпторските трудови од 60-тите до 80-тите години на минатиот век со минимални влијанија од современите скулпторски тенденции. Тој континуитет станува сосема разбирлив ако се земат во обзир околностите и можностите на скулпторите во Македонија, иако во светот актуелните движења во скулптурата се врзуваат со употребата на современите технологии, како што се високо електронските технологии, холограми, биотехнологии, композитни материјали и нанотехнологии споени во интерактивни електронски софистицирани објекти, со неколку збора: потполно ново дефинирање на уметноста“ – Роберт Цветковски, историчар на уметноста.
„Скулптури на новото време 2009“ премиерно беше претставена во Куманово во месец јули.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.