Забава
Светецот со кучешка глава
Непозната Македонија
Галеријата на икони на градскиот музеј во Прилеп е едно од најубавите места во Македонија во кои се изложени “прозорци кон вечноста”, како што во една пригода ги нарече иконите професорот на Богословскиот факултет во Скопје отец Стефан Санџакоски – раскошна збирка на ремек-дела, и една загадочна, ретка икона меѓу нив – иконата на Свети Христифор, светецот со кучешка главаПишува: Васко МАРКОВСКИФото: Андон ДАВЧЕВБи можеле да најдеме дузина начини како да ја почнеме оваа епизода на Непозната Македонија, но некако најзгодна и најсоодветна ни се виде реченицата со која Орхан Памук го почнува популарниот роман Нов живот:“Прочитав една книга и од тој ден животот ми се измени”.Но, во нашиот случај тоа не беше некаква мистична книга, што нагло почнува да се шири меѓу прогресивната, реакционерна младина, менувајќи им го од корен погледот на светот и живеењето. Ова е приказна за книгата од писмото што едно утро го најдовме на бирото во редакцијата – книга што го смени нашиот поглед на работите што го прават Прилеп интересен да се види, книга што ни го прошири хоризонтот, што нè научи и потсети дека Прилеп не е само Градот херој, Пиво-фест, Градот под Маркови кули, или град во кој се одржува театарски фестивал. Колку и да звучи претенциозно нејзиниот наслов, брошурата Прилеп – лулка на културата, издание на Центарот за визуелна уметност Визант од Прилеп, е книга што ќе ви покаже или ќе ве потсети дека Прилеп е град во кој со векови се негувала драгоцена духовна култура, чии траги останале и до денеска и оти не само Охрид, туку и прилепски Варош може да се пофали дека има толку многу цркви, безмалку по една за секој ден во годината.Одиме во Прилеп, по трагата на мистичната икона од страницата 28 – иконата на светецот со животинска глава, за која прочитавме дека е изложена во Галеријата на икони кај црквата Свето Благовештение.“ПРОЗОРЦИ КОН ВЕЧНОСТА”На договореното место нè чекаше Златко Крстевски, стрип-артистот од Визант што ни ја испратил книгата. По кусата кафе-консултација се упатуваме кон црквата Свето Благовештение. Галеријата е на дваесетина чекори од неа, во зградата на некогашното училиште, првото женско училиште во Прилеп, изградено во 1871/72 г. Нè пречека Илија Велкоски, советник-кустос по историја на уметност во прилепскиот Завод и Музеј.Од кусиот вовед дознавме дека Галеријата е сопственост на Заводот за заштита на спомениците и Музеј – Прилеп. За посетителите била отворена во во 2002 г. И самите можевме да забележиме дека е така, но посакавме да чуеме и од кустосот – што е тоа што ја прави “една од најубавите во Македонија”, како што ни рече во кусиот вовед.“Пред сè, таква ја прави начинот на кој се претставени иконите, но и самите експонати. Сите се оригинали, на ниедна не е интервенирано, освен на првата, која е комплетно ретуширана. Презентирани се околу 66 икони, од поствизантискиот период, по пропаѓањето на Империјата, по 15 век. Речиси сите се од црквите на територијата на Општина Прилеп, една е од Полошкиот манастир кај Тиквешко Езеро, неколку се од Свети Јован Бигорски и Трескавец, насликани од Дичо Зограф. Велам дека галеријата е една од најубавите, според начнот на презентирањето, но иконите во Охридската галерија на икони се далеку поквалитетни”, ни рече кустосот.Тргнуваме низ просторот, ѕиркајќи низ “прозорците кон вечноста”. Беше лесно да се забележи дека ќе добиеме многу повеќе од тоа за што сме дојдени – иконата од книгата што нè донесе во Прилеп.“МОЈ СИ, СКРЖАВЕ”Разгледувањето го почнуваме од почетокот. Ескпонатите се наредени хронолошки, а прв меѓу нив е дел од фреска (!), ангел од црквата Свети Архангел Михаил во Варош, насликана во 12 век, изложувана во Њујорк, Лондон, Стокхолм и во Токио.Иако не соодветствува на основниот концепт на Галеријата, решивме да ја претставиме, пред сè, поради нејзината вредност. “Погледнете, еден од најубавите ангели што некогаш биле насликани во нашите цркви и манастири – еден прекрасен, преубав лик. Го доживуваме како да е жив. Тоа е класичен тип на византискиот период, од времето на Комнените. За мене тоа е најубавиот ангел што некогаш бил насликан на територијата на Република Македонија”, ни рече Велковски.Следни во поставката се иконите Богородица Одигитрија од 16 век и Исус Христос од 17 век, за кои дознавме дека се единствените икони на кои била направена позначајна конзерваторска интервенција.“Ова е единствената икона што е ретуширана. На истата штица, некогаш била насликана Богородица. Еден век подоцна, друг зограф решил да ја искористи истата штица за да наслика икона на Исус Христос. Нашите конзерватори открија дека под неа има и друг слој, ги одвоија и во Галеријата ги имаме претставени двете икони засебно”, објасни кустосот.Разгледувањето на иконите не ве остава рамнодушни, особено не откако ќе ја чуете приказната на секоја од нив и кога ќе сфатите колку се сите различни една од друга и колку истовремено се блиски една на друга, следејќи една иста идеја, низ различни естетски видувања, секоја направена со своја уникатна мајсторија. Движејќи се низ вековите ќе научите за разновидноста на иконите според намената и материјалот од кој биле изработени, но и според нивните стилски особености и пораката што ја носат. Ако не сте знаеле, ќе научите што е икона со житие, што е литиска икона, која се носи на чело на групата верници за време на празничните поворки низ улиците, или – како да препознаете икона од доцновизантискиот период. Движејќи се низ вековите пред вас се откриваат ремек-дела што сето тоа ќе ви го доближат, а оние што веруваат со секој следен ‘прозорец’ ќе ја откриваат радоста што со себе ги носи секое следно прикажување на сцени од Светото писмо и житијата на светците.Бевме љубопитни за фаворитите на кустосот.“Мои фаворити се иконата на свети Ѓорѓи од Полошкиот манастир и Епистилот од црквата Свети Никола во село Зрзе. Свети Ѓорѓи, зашто е уникатна икона што пренесува сцени од житието на светителот, за кој малку се знае дека бил историска личност, и – Епистилот, насликан од архимандрит Јован, човек што имал огромна смисла за перспектива, за анатомија на ликовите, за колоритност и извонредна техника на нанесување на злато на иконите”, ни рече кустосот, додавајќи го и Ерусалимското платно, за кое вели дека би можел да напише книга од 500 страници.Пред да го завршиме разгледувањето и нашата последна станица, иконата што нè доведе во Прилеп, ги разгледуваме иконите на прилепските мајстори Адамче Зограф и неговите ученици Коста Атанасов и Јон Прилепчанин (Јован Атанасов), во делот со икони од 19 век. Од нив научивме дека 19 век е време кога прилепскиот еснаф бил толку моќен, што не штедел пари за да изгради конаци во манастирот Трескавец, или да порачува икони за прилепските цркви, за Божји благослов и успех во работата. Погледот ни го задржува иконата Архангел Михаил, изработена од Коста Атанасов. Претстава што ќе ви го задржи вниманието и ќе ве подзамисли – Ѓаволот му ја зема на Архангел Михаил од раце душата на покојникот, велејќи: Мој си скржаве! Поука за народот и за богатите – дар од Јован Кантарџија.СВЕТИ ХРИСТИФОРСе враќаме кај иконата што нè донесе во Галеријата, иконата на светецот со животинска глава, обележана со плочка на која накусо е напишано: Свети Христоносец, 19 век, Завод и музеј – Прилеп.Држејќи се до професионалноста, кустосот не беше многу расположен да зборува до неа, но сепак, реши да одговори на нашата љубопитност, онолку колку што знае, одбивајќи да шпекулира.“Светецот се вика Христофорос или – Христоносец. Според една легенда што се раскажува, Исус Христос некогаш поминувал покрај некоја река, но не можел да ја помине реката. Во близината живеело некое канибално племе, со кучешки глави, некој од селото го пренесол и – бил наречен Христоносец. Се работи за единствена таква икона до сега – друга таква нема на територијата на Македонија. До сега е спомната во две-три публикации, но немаме комплетни податоци за иконата – кој ја работел, како ја работел, зошто ја работел, од која црква е, од каде е..”, ни рече кустосот, негодувајќи што сме запнале да дознаеме повеќе токму за неа.Барајќи повеќе податоци за свети Христифор, најдовме само кус опис на неговото житие во календарот на Македонската православна црква. Во листата на празниците, на 22 мај е запишан празникот во чест на Светиот маченик Христифор, кој е опишан како голем чудотворец, особено почитуван во Шпанија, кој настрадал за Христос во 249 г. Народот најмногу му се моли за заштита од заразни болести и помори.Откако имавме време материјалот да ни одлежи, сфаќаме дека во голема мера кустосот е во право. Во Галеријата се претставени 66 икони, која од која поинтересна, секоја приказна за себе, секоја со своја уметничка вредност. Но, не можевме да одолееме на љубопитноста за уникатното. Никогаш и никаде претходно не сме виделе светител со животинска глава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Каков прв состанок сака секој хороскопски знак
Некои сонуваат за вечера со свеќи, други би побегнале на патување, а трети најмногу се вљубуваат додека се забавуваат на исто место во исто време. Идеалниот состанок не изгледа исто за секого – бидејќи ниту романтиката не е универзална. Каков состанок одговара на секој хороскопски знак, открива „Индекс“.
♈ Овен
Најлошо му е кога е сè пребавно и „премногу тивко“. Идеалниот состанок започнува спонтано: краток пијалок, па некаква активност – билијард, картинг, пикадо, видео игри – што било каде што нешто се случува и каде што може да се натпреварува (па макар и на шега).
♉ Бик
За него романтиката е во уживањето. Вечера во проверен добар ресторан, десертот не се прескокнува, па мирна прошетка – тоа е неговиот јазик на љубов.
♊ Близнаци
Не поднесуваат состаноци кои изгледаат како долга пауза. Им треба динамика: кафе, па изложба или паб квиз, па „ајде уште тука“ – идеално кога вечерта има неколку станици, а разговорот секогаш оди во нов правец.
♋ Рак
Бара чувство на сигурност и топлина. Пријатно бистро, домашна вечера или филмска вечер, со акцент на „ние“ – без врева, без глумење, со разговор што останува во срцето.
♌ Лав
Сака сè да изгледа како настан. Коктели на убаво место, добра светлина, малку гламур и чувство дека вечерта е посебна – дури и ако трае само неколку часа.
♍ Девица
Не поднесува хаос, но го вреднува трудот. Идеалниот состанок е организиран и смислен: кафе, па прошетка или мал излет – деталите се важни, но на тивок, прецизен начин.
♎ Вага
Ја сака естетиката и атмосферата. Вино, убава околина, галерија или некој културен настан, па вечера на место каде што не мора да се викаш за да се слушнеш – сè треба да биде „по мерка“.
♏ Шкорпија
Не се пали на генерички сценарија: сака нешто интимно, малку мрачно, со доза на напнатост. Добар бар, музика, долг разговор и чувство дека „нешто се случува“, и без многу зборови.
♐ Стрелец
Најсреќен е кога состанокот е мини авантура. Роуд трип до блиско место, улична храна, нешто ново и смешно, план кој се менува во движење – за него романтиката е во слободата.
♑ Јарец
Вреднува квалитет без драма. Сериозна, добра вечера, добро вино и разговор со смисла. Без потреба од спектакл, но мора да се почувствува почит и намера.
♒ Водолија
Бега од клишеа. Идеалниот состанок е неконвенционален: стендап, паб квиз, алтернативен концерт или нешто сосема случајно – што подоцна ќе стане добра приказна.
♓ Риби
Најнежни од сите. Прошетка покрај вода, топло вино или чоколадо, мирна атмосфера и романтика што повеќе се чувствува отколку што се планира.
Естрада
По нападите врз Чолиќ и Кајмакоски, Хари Мата Хари не стравува: „Нема што да земат од мене, не станав богаташ од оваа работа“
Познатиот пејач Хари Мата Хари наскоро ќе одржи концерт во Белград, а особено се радува што по 10 години објави нова песна. На прес-конференција, тој отворено зборуваше за својата кариера, за колегите од естрадата, но и за актуелната клима на страв по неодамнешните инциденти.
По нападот врз домот на Здравко Чолиќ, кога беше фрлена бомба, и по киднапирањето на Даниел Кајмакоски, дел од музичката сцена изрази загриженост. Но, Хари тврди дека нема причина да се плаши.
„Мислам дека не сум толку важен. Немам обезбедување. Немам што да им дадам, немаат што да земат од мене“, изјави Хари, додавајќи дека е убеден дека не се замерил со никого, пренесе „Пинк“.
„Не станав богаташ од оваа работа, ниту некого премногу го иритирав. Не сум се дружел со погрешни луѓе“, додаде тој.
Забава
(Видео) Нова мисија на „Спејс икс“ и НАСА: Четворица астронаути заминаа во Вселената
Во петок наутро, во 5:17 по локално време од Cape Canaveral, беше успешно лансирана мисијата Crew-12 со четворица астронаути на бродот на капсулата на SpaceX, која треба да пристигне на Меѓународната вселенска станица (ISS) во сабота попладне, јави „Си-ен-ен“.
Лансирањето доаѓа поради намалениот број на членови на станицата, која од средината на јануари функционираше со само тројца астронаути. НАСА го забрза терминот поради предвремено враќање на претходната мисија Crew-11, предизвикано од здравствен проблем кај еден член.
Liftoff of Crew-12! pic.twitter.com/jQ804lyjkm
— SpaceX (@SpaceX) February 13, 2026
Новиот екипаж го сочинуваат: Џесика Мир и Џек Хатавеј од НАСА, Софи Адено од Европската вселенска агенција, Андреј Феѓаев од Роскосмос.
За време на нивниот отприлика осуммесечен престој на станицата, астронаутите од мисијата Crew-12 планираат да спроведат низа истражувачки проекти. Меѓу нив се: ултразвучни прегледи на крвните садови за проучување на промените во циркулацијата, фармацевтски истражувања поврзани со бактериите што предизвикуваат воспаление на белите дробови, како и симулирано слетување на Месечината за да се процени како наглите промени во гравитацијата влијаат врз човечкото тело и когнитивните способности.
НАСА смета дека полната екипираност на станицата е клучна за максимално искористување на нејзиниот потенцијал. Според администраторот Џаред Ајзакман, досегашната практика и тековните мисии се клучни за иднината на комерцијалните вселенски станици.

