Македонија
Собранието ќе расправа за ребаланс на Буџетот
Дополнителниот предлог за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2014 година во четврток ќе се најде на дневен ред пред пратениците на 14 седница на македонското Собрание.
Во предложениот ребаланс на Буџетот се предвидува интензивирање на изградбата на Коридорот 10, реалокација на средства меѓу буџетските корисници во рамки на обезбедената маса на плата, обезбедување дополнителен износ во Фондот на ПИОМ, надминување на последиците од елементарните непогоди во општините, а истовремено незагрозување на исплатата на обврските.
Вицепремиерот и министер за Финансии, Зоран Ставрески, на расправата на собраниската Комисија за финансирање буџет образложи дека станува збор за мини – ребаланс со кој се предвидува намалување на приходната и расходната страна за два проценти.
„Со измените и дополнувањата на Буџетот се задржува определбата за ниско даночно оптоварување, без промени во даночната политика и ревидирање на оние позиции кои што заради динамиката во првите шест месеци тоа беше неопходно“, истакна вицепремиерот.
Ставрески појасни дека на расходната страна измените од околу 1 милијарда денари се однесуваат на проектите во инфраструктурата, како што е изградбата на Коридорот 10 и во тие рамки, како што рече, Владата очекува интензивирање на градбата во преостанатиот период од 2014 година како и во следната година.
На приходната страна измените се резултат на зголемување на сопствените приходи на буџетските корисници, средства од ИПА во износ од 706 милиони, донација од Советот за Европа за реконструкција на ЈЗУ – Институт за белодробни заболувања во Министерството за здравство, за донација од УНХЦР и ИПА во Министерството за труд и социјална политика за изградба на станови за бегалци, прифатни центри, стратегија за Роми, за хидросистемот Злетовица донација од 25 милиони денари во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
За придонесите посочи дека се реализирани на ниво на планираното со незначително отстапување од околу 1 процент.
Ставрески потенцира дека заштедите беа направени соодветно кај буџетските корисници, кај кои се оставени доволно средства за реализација на предвидените проекти до крајот на годината.
Со предложениот ребаланс предвидено е дефицитот да изнесува 3,9 проценти од БДП, кој ќе овозможи Македонија да остане земја со ниска задолженост, а се ревидира и стапката на раст на македонската економија од 3,2 проценти која се предвидува да изнесува меѓу 3,5 и 3,7 проценти.
На дневниот ред на 14-та седница се и Предлог законите за имени и дополнувања на Законот за основно образование и на Законот за средно образование, и двата по скратена постапка./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите за загинатите деца во Пулс со порака: Пред Нова година и Божиќ кога сите се радуваат, ние живееме во болка
Со солзи и голема болка денеска маршираа низ кочанските улиците семејствата на загинатите млади луѓе во кочанската дискотека „Пулс“. Во емотивните говори на последниот Марш на ангелите оваа година порачаа дека ова не е само марширање, туку одење со срце што е скршено засекогаш.
-Ние сме родителите што нема да дочекаат матура. Нема да стојат гордо на дипломирање. Нема да облечат свечена облека за свадба. Нема да ги земат во раце своите внучиња. Сè што требаше да дојде — ни беше одземено – рече Васка Стојанова мајка на загинато момче пред зградата на Основниот суд во Кочани и Јавното обвинителство.
-Болка од последниот повик, од последната прегратка, од сознанието дека нашите деца умирале во ужас, во чад, во страв -оставени без заштита, без одговорност, без спас. Нашите домови се полни со тишина, со нивните соби што останаа исти, со облека што уште го носи нивниот мирис, со подароци што нема кому да се подарат. Пред Нова година и Божиќ, кога светот се радува, кај нас празниците болат најмногу. Ние ги броиме празните столчиња. Палиме свеќи таму каде што требаше да светат елки. Кај нас нема честитки — има солзи. Нема желби — има прашања без одговор. И не тагуваме само за нашите деца. Тагуваме и за нашите внучиња, деца што останаа без родители – порача Стојанова.
На 35. Марш на ангелите со емотивна порака се обрати и Мита Тасева мајка на диџејот, кој таа вечер пуштал музика и работел во дискотеката „Пулс“. Розета Блажева сестра на загинато момче ја прочита песната „Нова година без ѕвона“ посветена на 63-те жртви. Семејствата на загинатите млади луѓе денеска маршираа од Паркот на револуцијата, поминувајќи низ Трговскиот центар, Полициската станица и завршувајќи кај зградата на судот во Кочани. Порачаа дека бараат правда за предвреме згаснатите животи на нивните деца, браќа и сестри, а со Маршевите на ангелите продолжуваат наредната година по Божиќните празници.
За понеделник е закажано и ново судско рочиште за загинатите во дискотеката „Пулс“.
Македонија
Пешак тешко повреден во сообраќајна несреќа кај Брвеница
На 26 декември 2025 година околу 06:45 часот на регионалниот пат Тетово – село Брвеница, патничко возило „пежо“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од 20-годишниот Б.Н. од Тетово, удрило во 35-годишниот пешак Б.С. од село Брвеница.
Пешакот се здобил со тешки телесни повреди, кои му биле констатирани во Клиничка болница Тетово. За настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово, а увид на местото на несреќата извршила екипа од СВР Тетово.
Македонија
Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ ги објави заедничките усогласени барања
Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ ги објави заедничките усогласени барања, кои, како што велат оттаму, се направени во отворена координација со сите граѓани кои се вклучија во иницијативата. Барањата ќе бидат официјално доставени до сите надлежни институции за понатамошно постапување.
Барањата ги пренесуваме во целост:
1. Мерната станица кај Усје, поставена од Општина Кисела Вода во 2023 г., да започне со континуирано 24/7 мерење и јавно прикажување на податоците во реално време. Истата да биде интегрирана со сите јавни апликации за квалитет на воздухот (пр. AirCare), наместо досегашното парцијално објавување резултати преку ПДФ документи на веб-страницата на општината. Дополнително, да се постават повеќе мерни станици во поширокиот простор околу Усје, со цел јавноста транспарентно и во реално време да го следи нивото на загадување.
2.Усје да инсталира автоматски CEMS (Continuous Emissions Monitoring System), директно поврзан со МЖСПП, кој ќе обезбедува континуирано следење и автоматски аларм ако мерната станица поставена во oџаците на УСЈЕ покаже загадување над дозволеното. При секое прекршување, веднаш да се изрекува казна по принципот „Safe city“, како и времена забрана за работа. Податоците од CEMS мерењата да бидат јавно и транспарентно достапни 24/7 за сите граѓани.
3.Да се ревидираат постојните мерки за прогласување вонредна еко-состојба, така што при температурна инверзија и надминување на граничните вредности на загадување, автоматски да стапува на сила мерка за целосен стоп на работата на Усје, вклучително и рудниците. Истата мерка да важи за сите иматели на интегрирана А-дозвола.
4.Важечките гранични вредности за ПМ10, ПМ2.5, NO₂ и други загадувачи да се усогласат со препораките на СЗО (Светска здравствена организација), односно да се намалат и заострат во однос на сегашните стандарди.
5.Целосно елиминирање на употребата на високо-загадувачки горива во производниот процес на Усје и премин кон почисти енергенси, како природен гас или водород.
6.Акредитација на државната лабораторија за мерење на аерозагадувањето.
7.Запирање на активностите на рудникот за лапорец.
8.Најстрого и целосно почитување на сите мерки предвидени во интегрираната А-дозвола за спречување на фугитивната прашина.
9.Поништување на одредбата за „деловна тајна“ од Законот за контрола на индустриски емисии, со цел целосна транспарентност кон јавноста

