Економија
ЕК: Грција мора да реши уште некои прашања со „тројката“

Европската комисија во четврток соопшти дека останале да се решат уште неколку прашања за да се постигне договор меѓу Грција и доверителите, откако грчкото Министерство за финансии веќе објави дека е постигнат договор, според кој Атина добила уште две години пролонгирање за санација на состојбата.
„Овие денови е постигнат голем напредок во преговорите, но останаа уште неколку прашања кои треба да се решат“, изјави портпаролот на Комисијата Симон О’Конор.
Во средата грчкиот министер за финансии Јанис Стоурнарас објави дека е постигнат договор со „тројката“(ЕУ, ЕЦБ и ММФ) за новата програма за штедење што би требало да донесе дополнителни заштеди во висина од 13,5 милијарди евра во следните две години и дека Грција, според тој договор, добила две дополнителни години за санирање на јавните финансии.
Тврдењата на грчкиот министер за финансии засега никој не ги потврди. Претседателот на Европската централна банка(ЕЦБ) Марио Драги изјави во Берлин дека во преговорите меѓу грчката влада и „тројката“ е постигнат напредок, но дека „останале да се прецизираат некои елементи“.
Стоурнарас во четврток, по состанокот со премиерот Антонис Самарас, повтори дека новиот пакет мерки за штедење и реформи следната недела ќе биде упатен во Парламентот.
Извор од грчкото Министерство за финансии признава дека Грција сè уште формално не добила одложување.
„Не добивме формално одложување, но сите сценарија на кои работиме со тројката се однесуваат на четири години, што значи крај на програмата во 2016, наместо 2014 година“, рече изворот.
Грција мора да оствари дополнителни заштеди во следните две години за да ја добие следната транша помош од 31,5 милијарди евра, на која чека уште од јуни.
Новите мерки за штедење предвидуваат зголемување на старосната граница за заминување во пензија од 65 на 67 години, понатамошно намалување на платите и пензиите и дополнителни отпуштања во администрацијата.
Грчкиот премиер Самарас вели дека државната благајна на 16 ноември ќе биде целосно празна без новата транша помош. Дотогаш новите мерки би требало да бидат прифатени во грчкиот парламент, а министрите на еврозоната би требало најдоцна на состанокот закажан за 12 ноември да го одобрат новиот пакет помош. /крај/хн/ст
Copyright 2012 makfax. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со makfax.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
УЈП: Даночните обврзници имаат рок до петок да поднесат ДДВ – 04 пријави

Даночните обврзници имаат рок до петок да поднесат ДДВ – 04 пријави, потсетува Управата за јавни приходи.
„Со цел да се обезбеди непречено поднесување на ДДВ-04 пријавите за овој даночен период, ИТ тимовите на УЈП ќе работат и во попладневните часови. Процесот на поднесување на ДДВ – 04 пријавите се одвива непречено и заклучно со вчерашниот ден, 22 април 2025 година од очекуваните 40.885, вкупно 12.202 даночни обврзници поднеле ДДВ-04 пријави, што претставува близу 30% од вкупниот број на даночни обврзници кои треба да поднесат ДДВ-04 пријави“, влеат од УЈП.
Од таму апелираат даночните обврзници кои имаат обврска да поднесат ДДВ-04 пријави за овој даночен период, а сè уште не ги поднеле истите, уште денес да ја достават потребната документација до сметководителите со цел до законскиот рок 25 април 2025 година (петок) да ги исполнат своите даночни обврски.
„Навременото поднесување на ДДВ-04 пријавите не е само законска обврска, туку и клучен фактор за финансиска стабилност и градење на довербата во институциите“, велат од УЈП.
Економија
Извршена исплата од 224.748.332 денара кон 7.826 лица за остварено производство на овошје

Денеска се изврши исплата од 224.748.332,00 денари кон 7.826 лица.
Исплатата како што информираат од Министерството за земјоделство, се однесува на дополнителните директни плаќања за остварено производство на овошје, мерка 1.9 Дополнителни директни плаќања од подмерка 1.8. за остварено производство на овошје од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година.
Корисници на оваа подмерка се земјоделските стопанства кои имаат засадени површини со следните овошни видови: јаболка, слива, праска, вишна, цреша, кајсија, круша, јапонско јаболко, лешник, орев, бадем и калинка, а оствареното производство е предадено на регистриран откупувач, вклучително и произведените овошни култури за потребите на сопствениот преработувачки капацитет или е користено за домашни потреби или е продадено на пазар.
Грижата кон земјоделецот продолжуваме да ја покажуваме на дело, велат од МЗШВ.
Економија
Се намалува цената на мазутот, а на дизелот и на бензините не се менува

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,11 % во однос на одлуката од 14.04.2025 година.
Од 23.4.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 71,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 73,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,780 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,212 ден/кг и сега ќе изнесува 36,780 ден/кг.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 23.4.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 3,969%, кај дизелот за 3,456%, кај екстра лесното масло за 2,637% и кај мазутот зголемувањето е за 2,133%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 3,0273%.