Македонија
Груевски потврди дека ќе има екстерно и на факултетите
Надворешна проверка на знаењето на студентите ќе има, а моделот за тестирање се уште не е утврден, изјави премиерот Никола Груевски.
„Во овој момент размислуваме повеќе за државен испит, но се уште сме отворени да ги слушнеме размислувањата на сите кои имаат интерес да се вклучат во јавна дебата. Решението не е конечно, но дефинитивно е дека нешто мора да се промени, затоа што имаме факултети, па и цели универзитети каде проодноста на студентите е без знаење или без доволно знаење, каде што се ставаат деветки и десетки на секој, независно кој колку научил. Тоа е нездраво за едно општество. Тоа е правење штета на самите студенти. Тие стануваат, на некој начин, инвалиди во своето знаење. Добиваат диплома без знаење и понатаму не можат да просперираат, каде и да одат да работат. Можеби првиот впечаток дека имаат диплома ќе им помогне, но веднаш потоа ќе наидат на пречки“, изјави Груевски.Тој вели дека ова се применува во многу земји, Данска, Британија, Австралија, каде има екстерна евалуација, а државен испит во земјите од Вишеградската група.„Не можеме да дозволиме пред очи да поминува нешто што сите го знаат. Јавна тајна е дека во Македонија значаен дел универзитети или одделни факултети го прават тоа, особено приватни. Не сите, но кај дел од нив владее девизата: ако плати, не смее да падне на испит и дека треба да има висока оценка. И кај самите студенти или кај дел од нив што одат на приватно образование, исто така владее девизата: сум платил и не треба да учам или не сум платил за да учам. Тоа е многу нездраво и е штета за тие луѓе. Тие се сé уште млади и тоа можеби сега го гледаат како благодат – дека без потрошено време за учење ќе добијат високи оценки и диплома, но кога ќе влезат во реалниот живот, кога ќе треба да работат и заработат и да го обезбедат своето семејство, тогаш ќе сфатат каква штета им направиле тие што на таков начин им ги дале оценките“, рече Груевски.Министерството за образование и наука неодамна најави државен испит за студентите по втора и по четврта година./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрани за камиони на планинските превои Ѓавато, Пресека, Маврово – Дебар и Струга – ГП Ќафасан
Забрани за тешки товарни возила на планинските превои Ѓавато, Пресека, Маврово – Дебар и Струга – ГП Ќафасан, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Сопиште и Илинден денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани два прекини и тоа:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците на дел од село Добри Дол. (општина Сопиште)
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците во село Кадино кон црквата Св.Илија, улица 6. (општина Илинден)
Македонија
Облачно со повремени локални врнежи од снег
Времето денеска ќе биде облачно со повремени локални врнежи од снег. Пообилни врнежи ќе има во западните делови и се очекува висината на снежната покривка на планините и на некои од повисоките места да се зголеми до 25 cm. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до -2, а максималната ќе достигне од 0 до 6 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 2 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе се задржи претежно стабилно време, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, а на планините и на некои повисоки места од снег.

