Македонија
Скопското муфтиство ја зазеде ИВЗ

Скопското муфтиство утрово ги зазеде просториите на Исламската верска заедница во Скопје и ги одзеде печатите на верската заедница.
Причина за упадот е разрешувањето на скопскиот муфтија Ибрахим Ефенди Шабани и генералниот секретар на ИВЗ, Африм Тахири. Нивни приврзаници влегле во зградата на ИВЗ незадоволни од, како што велат, самоволието на поглаварот Сулејман Реџепи, кој според нив, наместо да ги решава проблемите ги разрешува неистомислениците. При упадот имало и пукање, поради што биле оштетени неколку стакла од објектот, но овие информации се уште не се потврдени.Шабани и Тахири формирале привремено раководство, а од реисот Реџепи кој не бил во седиштето на ИВЗ сè уште нема коментар за инцидентот. „Раководството на ИВЗ го урна правниот систем, уставот и другите нормативни акти на заедницата. Имајќи го овој хаос и последниот инцидент создаден од реисот Реџепи, по кој следеле неуставни одлуки спротивно на сите норми, Муфтиството на ИВЗ – Скопје даде рок од 48 часа за подобрување на состојбата, но Сулејман Реџепи не даде извинување за навредите кон сопругите на имамите. Тој ги прекрши сите уставни принципи и не може да се толерира неговото однесување. Имајќи го предвид сето ова ИВЗ од денеска ќе биде раководена од привремено раководство водено од скопскиот муфтија Ибрахим Шабани“, изјави скопскиот муфтија.Несогласувањата меѓу ИВЗ и скопското муфтиство започнаа пред една недела кога на свеченост во близина на паркингот на Македонската опера и балет Реисот ги навредувал и си ја припишал само за себе заслугата за враќањето на имотите на скопското муфтиство преку денационализација.Скопскиот муфтија тогаш побара извинување од реисот. Инцидентот е пријавен во полиција како собирање на граѓани кои се незадоволни од смената на скопскиот муфтија, а полицијата го обезбедувала седиштето на една од најголемите верски заедници во Македонија./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Гаши засега ќе се воздржи од коментари за претседателката на Антикорупциска

Во врска со актуелните настани поврзани со претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, од кабинетот на Претседателот на Собранието, Африм Гаши, велат дека тој засега ќе се воздржи од коментари, а ако наводите се потврдат во судска постапка, тој ќе иницира постапка за разрешување.
„Почитувајќи го начелото на презумпција на невиност и независноста на судските органи, Претседателот на Собранието се воздржува од какви било прерани коментари. Основен приоритет е да им се овозможи на надлежните институции да ја завршат својата работа без било какви притисоци или влијанија. Сепак, доколку наводите бидат потврдени низ судска постапка, Претседателот на Собранието ќе постапи без двоумење и ќе иницира соодветна собраниска процедура за разрешување“, се наведува во соопштението од Кабинетот на Африм Гаши.
Одговорноста за зачувување на кредибилитетот и интегритетот на институциите, велат од таму, е врвен приоритет и обврска која не трпи компромис.
Претседателката на антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, е осомничена во дополнетата истрага за предметот „Адитив“. Таа се сомничи дека преку апликациите за пораки „Вибер“ и „Воцап“ му одавала службени тајни на друг обвинет за поведени постапки за отворање предмети и одлуки против сега обвинетите фирми и лица во предметот „Адитив“, како и податоци за проверка на имотот и на неговото семејство.
Покрај тоа што ѝ e одземен пасошот, Кривичниот суд определи и забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело, што подразбира дека осомничената не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на ДКСК, а воедно не може да гласа и да распределува предмети.
Македонија
Јаневска: Со буџет од 34 милиони евра, Владата ќе ја поддржи инфраструктурната модернизација на Универзитетот „Мајка Тереза“

Универзитетот „Мајка Тереза“ е нашиот најмлад државен универзитет. Владата е посветена кон обезбедување на ресурси потребни тој и натаму да се развива. Со буџет од 34 милиони евра кои ќе се обезбедуваат етапно, почнувајќи од оваа и во текот на следните пет години, ќе го поддржи градењето на модерен кампус кој ќе биде центар за академска извонредност, за наука и технологија. Студентите и наставниот кадар ќе добијат современи услови за работа и напредување.
Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на денешната церемонија организирана по повод примопредавањето на должноста ректор на оваа високообразовна установа.
Посакувајќи му добредојде на новата функција на проф. д-р Беким Фетаји, министерката Јаневска изрази очекување дека тој ќе продолжи со визијата за уште поголем раст на квалитетот на студиските програми и со својата стручност ќе придонесе универзитетот да се развива како модерна образовна и научна институција, достојна за поддршката што ја добива.
„Очекувам да внесе нова енергија и да ги мотивира универзитетските професори и истражувачи професионално да напредуваат и да ги инспирираат студентите да тежнеат не само за добивање на диплома, туку да станат вистински академски образувани граѓани, подготвени за меѓународно одмерување на знаењата“, рече Јаневска.
Министерката се заблагодари на досегашниот ректор проф. д-р Изет Зеќири, посочувајќи дека како прв човек на универзитетот и како професор, тој дал важен придонес во градењето на академски генерации кои се веќе интегрирани во општествените процеси и функционирањето на државата.
Македонија
Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ одбележува 33 години постоење

Првата детска амбасада во светот – Меѓаши годинава ја одбележува 33-годишната посветеност на заштитата на детските права, постојаната и активната улога во градењето мир и меѓусебно разбирање.
По тој повод, Меѓаши најави промоција на повеќе значајни активности и материјали и тоа нова веб-страница (https://www.childrensembassy.org.mk/pocetna.nspx) и документарен филм: ,,30 години Меѓаши” – Документирано сведоштво за развојот, достигнувањата и влијанието на Меѓаши низ годините“.
Исто така, достапни се уште два кратки видео-прилози поврзани со историјата и работата на организацијата „Како започна приказната на Меѓаши“ и „Како Меѓаши влијаеше на општеството“.
Објавена е и монографија „30 години Меѓаши” – Публикација која ја отсликува историјата на организацијата, активностите и резултатите во изминатите три децении.
„Преку овие промотивни материјали, Детската амбасада Меѓаши не само што го документира своето повеќедецениско активно дејствување, туку и ја засилува својата мисија за поттикнување на одговорноста, едукација и активирање на пошироката јавност во поддршката на децата, воедно потсетувајќи на важноста од мировното образование и градење култура на мирот од најмала возраст“, соопштија од таму.