Култура
„Македонија!“ на Камениот мост во Скопје
Во среда, 2 септември, на Камениот мост во Скопје, со почеток во 19:16 часот, ќе се одржи партиципативниот настан „Македонија!“ на италијанскиот уметник Силвио Паладино
Во италијанскиот јазик, зборот македонија се користи за да се опише овошна салата – типичен италијански летен десерт направен од различни видови мешано овошје.Со овој настан, во обидот да ги спои различните етнички заедници коишто живеат во Македонија, уметникот се одлучува да игра со различното значење и сфаќање на зборот македонија. Граѓани од различни етнички групи (Македонци, Албанци, Роми, Турци, Срби и Босанци) коишто живеат во различни делови на градот, ќе бидат поканети да присуствуваат на овој настан и да донесат некаков вид овошје и на тој начин ќе учествуваат во процесот. Салатата Македонија е можно да се направи само со мешање на различни видови овошје. Конечниот производ – салатата ќе им биде понудена на сите присутни како и на случајните минувачи со цел да се презентираат различните култури коишто егзистираат во Скопје. Граѓаните на Скопје ќе бидат информирани за овој настан со флаери коишто им се обраќаат на секој од јазиците на етничките заедници.
Локацијата на којашто ќе се случи овој настан е Камениот мост, место коешто ги спојува и раздвојува двете страни на градот.
За Силвио Паладино од Габриеле Този:„Уметничката работа на Паладино повикува на конструктивна дебата на актуелни теми, со природна тенденција кон скриените механизми врз коишто се базираат луѓето, врските и структурите. Неговите перформанси се вистинска и соодветна понуда на врски коишто го водат гледачот до местата, ментално и физички одвоени од реалноста. Учеството во перформансот е право на избор, можност, но не и обврска. Токму врз оваа основа, Паладино предлага форма на знаење базирана на изложување на нашите верувања и на нас самите. Неговите дела може да изгледаат утописки надвор од уметничкиот свет, но тие ја искористуваат естетиката со цел да се адаптираат на области на конфронтација во коишто конзумерите можат да ги опфатат нивните социјални и индивидуални идентитети во димензија којашто инаку не би ја земале во предвид. Паладино не им обрнува внимание само на карактеристиките на експресијата на медиумот, но и на контекстот во којшто работи. Тој го искористува ‘олабавениот’ карактер на уметничкиот контекст за да се придвижи од минлива забава кон корисна и пријатна едукативнасатисфакција“.Проектот е реализиран во соработка со Line иницијатива и движење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Факултетот за музичка уметност го најави годишниот концерт „ОРИОН – каде што се раѓаат ѕвездите“
Факултетот за музичка уметност – Скопје го најави годишниот концерт насловен „ОРИОН – каде што се раѓаат ѕвездите“, кој ќе се одржи во петок, 5 декември, со почеток во 20:00 часот во Големата концертна сала на Македонската филхармонија. Настанот е дел од одбележувањето на 59-годишнината од постоењето на институцијата.
ФМУ – Скопје истакнува дека како алма матер на голем број уметници од земјата и регионот, останува централниот столб на музичкото и балетското образование, создавајќи генерации изведувачи, педагози и творци кои го обликуваат уметничкиот живот во Македонија.
На концертната програма ќе настапат Симфонискиот оркестар на ФМУ, Мешаниот хор „Драган Шуплевски“, Камерниот гудачки оркестар „ФМУ Солисти“, Оркестарот од народни инструменти со солисти, студенти од Катедрата за балетска педагогија, од Катедрата за џез и популарна музика, како и дувачкиот ансамбл на ФМУ, под водство на проф. м-р Цанев, проф. м-р Татарчевски и доц. м-р Спироски.
Публиката ќе има можност да слушне дела од Пурсел, Сен-Санс, Прокофјев, Тиле/Вајс, Коен, Сусато, Горецки, Гершвин, македонска традиционална музика, како и нови композиции од студентите А. Голчева и М. Цветановска.
Влезот на настанот е слободен.
Култура
Сè што ни е заедничко“ – во МСУ изложба што го иницира прашањето „Дали навистина го дишеме истиот воздух?“
Сè што ни е заедничко (Институција во дишење) – нова изложба во МСУ-Скопје од 27 ноември
Во Музејот на современата уметност – Скопје на 27 ноември 2025 година, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Сè што ни е заедничко (Институција во дишење)“, кураторски проект на Мира Гаќина и Јованка Попова.
Во изложбата учествуваат Forensic Architecture, Денис Фереира да Силва и Арџуна Неуман, Дурмиш Ќазим, Џумана Мана, Зорица Зафировска и Палестинскиот музеј.
Проектот тргнува од прашањето дали навистина го дишеме истиот воздух. Изложбата го поставува воздухот како ресурс што формално го делиме, но не и еднакво, укажувајќи на токсичните атмосфери – буквални и политички – и на позицијата на маргинализираните заедници.
Инспирирана од концептот на Фанон за „борбено дишење“, поставката ги истражува уметничките практики што откриваат колонијални, империјални и капиталистички структури впишани во воздухот што го дишеме. Авторите визуелизираат токсични облаци, архиви на насилство и невидливи атмосфери што влијаат врз секојдневието.
Паралелно со изложбата, која ќе трае до крајот на февруари, ќе се одржат јавни програми. Во рамките на проектот „Институционални градини“ на Зорица Зафировска ќе има детски работилници за садење и изработка на семенски топчиња, активности за чистење и обновување на просторот околу МСУ, поставување компостна кутија и прикажување едукативни видеа.
Со оваа поставка МСУ-Скопје се претставува како „институција во дишење“ – отворена, инклузивна и ориентирана кон заедницата, со повик за заедничко размислување и акција. Визуелниот идентитет на проектот е дело на Албана Бектеши.
Култура
Промоција на монографијата „Рисима“ од Јасна Франговска
Во среда, 3 декември, со почеток од 19:00 часот во „Јавна соба“, Скопје, ќе се одржи промоцијата на монографијата „Рисима“ од Јасна Франговска, посветена на најпознатата и најуспешна македонска кореографка за современ танц ‒ Рисима Рисимкин. Изданието е на „ПНВ Публикации“ и објавено е со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Монографијата низ разговор со Јасна Франговска и Рисима Рисимкин ќе ја претстави Јулијана Величковска, главен и одговорен уредник на „ПНВ Публикации“.
Во ова обемно и луксузно издание, на 180 страници, опфатени се сите значајни аспекти од 45-годишната кариера на Рисима Рисимкин ‒ од самите почетоци како балерина, со сите предизвици со кои се соочувала, до големите успеси што ја дефинираа како истакната кореографка од областа на современиот танц, којашто со нејзината едукациска работа зад себе остава нови генерации танчари и кореографи. Рисима Рисимкин е клучна фигура во македонската култура, а нејзиниот труд годинава беше крунисан и со високото признание ‒ Витез на францускиот ред на уметностите и книжевностите што го доделува државата Франција.
Покрај извонредно питкото писмо на Франговска, што на многу топол и непосреден начин го доближува животниот и професионалниот пат на Рисимкин, извадоците од позначајните рецензии за нејзините дела и обраќањата до читателот од самата Рисима, изданието е збогатено и со неверојатни фотографии од личната архива на Рисимкин и од архивата на „Интерарт културниот центар“, чиишто автори се: Андреј Гиновски, Драган Перковски, Сашо Димоски, Сердар Ајдин, Aнтонио Пиштолов, Ивана Тасев, Олга Ибатулина, Зоран Велјаноски ‒ Летра, Емил Петров и Борис Грдановски.
„Би ја опишала како македонската Пина Бауш, потпрена на белиот балет, којашто во еден момент посакува да излезе од таа рамка и да оди во слободата на движењето…“, ќе изјави Мирјана Радочевиќ за „Политика“, Белград во 2003 г.

