Култура
Културна недела со Стопанска банка
По повод 65-годишниот јубилеј на Стопанска банка во периодот од 21 до 25 декември во Скопје банката ќе ја промовира културната недела во неколку културни институции низ градот
Во Кинотеката на Македонија секој ден од 20 часот ќе се случуваат кино-проекции на филмски хитови: „Ден на мрмотот“, режија Харолд Рамис (понеделник, 21 декември); „Животот е убав“ на Роберто Бенини (вторник, 22 декември); „Волшебната судбина на Амели Пулен“ на Жан Пјер Жонет (среда, 23 декември); „Гладијатор“ (четврток, 24 декември), режија Ридли Скот и „Кодот на Да Винчи“ на Рон Хауард (петок, 25 декември). Во Македонскиот народен театар ќе бидат изведени претставите: „Госпоѓа министерка“, режија Наташа Поплавска (понеделник, 21 декември); „Мара Сад“, режија Васил Христов (вторник, 22 декември); „Лет во три глави“, режија Загорка Поп Антоска-Андовска (среда, 23 декември); „Фигаро се разведува“, режија Куштрим Бектеши (четврток, 24 декември) и „Сомнително лице“, режија Синиша Ефтимов (петок, 25 декември).За најмладата публика, во Театарот за деца и младинци во терминот од 19 часот ќе бидат изведени претставите: „Убавицата и ѕверот“, режија Димитар Христов; „Снежана и седумте џуџиња“, режија Петар Пасов; „Црвенкапа“, режија Димитар Христов; „Лакомата меца“, режија Дарин Петков и „Попот и неговиот селски слуга Будал“, режија Боњо Лунгов. Стопанска Банка овие 5 дена ги откупи влезниците за театарските претстави и кино-проекциите и истите ќе им ги подари на сите заинтересирани граѓани кои сакаат да уживаат во некоја од понудените претстави.Граѓаните ќе можат да ги подигнат влезниците од 5 експозитури на банката во Скопје: Младина на Кеј, ГТЦ, Мајка Тереза, Веро 2 и Јане Сандански и да ги посетат настаните кои ги привлекуваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Јон Вардар“ повторно во Бразил
После Јужноамериканската премиера на Јон Вардар против Галаксијата на еден од најголемите филмски фестивали во Латинска Америка, престижниот Мостра до Сао Паоло, првиот македонски долгометражен анимиран филм повторно патува за Бразил.
Овојпат, Јон Вардар ќе биде прикажан во „бразилското Сен Тропе“ на 6. декември, на 14тото издание на меѓународниот филмски фестивал Балнеарио Камбориу.
Режисерот Цветановски изјави дека поканата за учество ја добил од директорот на фестивалот веднаш после проекцијата во Сао Паоло.
„Се‘ уште сум воодушевен од реакцијата на бразилската публика. После првата проекција се сликав со група весели ученици со кои разговаравме за филмот, а потоа следеше и интервјуто за бразилскиот сервис на ‘Си-ен-ен’. Драго ми е што филмот наиде на интерес во Бразил и повторно ќе биде прикажан таму“, изјави Цветановски.
Ова е четврта фестивалска презентација на Јон Вардар против Галаксијата, а Цветановски најави возбудливи новости во текот на 2025.
Култура
Македонскиот филм М со ново гран при, овој пат во Шведска
Македонскиот филм М, во режија на Вардан Тозија, а во продукција на „Фокус покус“, ја освои главната награда за најдобар филм на интернационалниот фестивал на жанровски филм Light Till Dark во Оребро, Шведска.
„Овој филм носи нова перспектива на еден познат жанр. Филм со силни актерски изведби и сензитивна режија. Тоа е прекрасен филм, еднакво визуелно и тематски. Филм кој нè остава со надеж, но и скршено срце“, беше образложението на интернационалното жири.
Фестивалот Light Till Dark е фестивал чија селекција обединува нови и класични филмски дела од областа на фантастиката, научната фантастика и хоророт. „Целта на овој фетивал е да се промовираат жанровски филмови, но и да се откриваат нови дела, кои не стигнуваат во широка дистрбуција“, изјави Даниел Лундстен, директорот на фестивалот.
М не запира со својата фестивалска турнеја. Следни проекции ќе се одржат на почетокот на декември, каде што М ќе ги има својата холандска и финска премиера во рамките на официјалните селекции на фестивалот Eastern Neighbors во Хаг и Интернационалниот скандинавски филмски фестивал во Хелсинки.
Култура
Прва читачка проба на претставата „Народен пратеник“
Првата читачка проба на претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во адаптација и режија на Егон Савин започна денес, а асистент на режија е Шенај Мандак.
Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов и Тања Кочовска. Како сценограф се потпишува Весна Поповиќ, костимограф е Роза Трајческа – Ристовска, а преводот е на Загорка Поп-Антоска Андовска.
Овој „Народен пратеник“ е трета постановка на познатата драма на Бранислав Нушиќ. Првата постановка премиерно е изведена на 8 мај 1945 година, во режија на Тодор Николовски, и таа е втората поставена драма на сцената на МНТ. Поставена е уште еднаш – 24 април 1993 година, во режија на Димитрие Османли. Таа е една од најпосетените и најдолговечни претстави: се игра до 2008 година, со вкупно 188 изведби. Режисерот Савин и авторот Нушиќ се неминовен и неизоставен дел од МНТ. Егон Савин се враќа во МНТ по подолг период – ова е негова трета претстава во театарот, претходно ги има поставено „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996). Бранислав Нушиќ, пак, е еден од најпоставуваните автори на сцената на МНТ.
Во 80 години постоење, од 1945 година до денес, поставени се осум негови дела со вкупно шеснаесет постановки од повеќе режисери и во различни верзии.