Економија
Инфлацијата во септември достигнала 5,3 отсто
Трошоците на живот, кој што е клучниот показател за движењето на инфлацијата, во септември во Македонија се зголемиле за 5,3 отсто во однос на истиот месец лани.
Според податоците на Државниот завод за статистика, на месечно ниво индексот на трошоците на животот пораснал за 1,4 отсто, додека цените на мало се зголемиле за 1,1 отсто, во однос на претходниот месец, односно 4,7 отсто на годишно ниво.Пораст на трошоците на животот во септември е резултат на повисоките индекси во однос на претходниот месец на зеленчукот за 11,1 отсто, јајцата за 10,8 отсто, мастите за 10,4 отсто, месото и преработките од риба за 2,7 отсто, додека цената на неколку други прехранбени продукти се зголемиле за помалку од еден процент.Во септември забележано е зголемување на цените и кај услугите за образование за 5,2 отсто, течните горива и гасот за 4,8 отсто, нафтените деривати за 4,3 отсто, сообраќајните средства за 2,8 отсто, обувките за 2,2 отсто и лековите за 0,5 отсто.Намалување на индексот на трошоците на животот во септември 2012 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај овошјето за 2,1 отсто и преработките од месо за 0,5 отсто. Во септември, намалување на цените имало и кај туристичките аранжмани за 6,5 отсто и авионскиот превоз на патници за 2,3 отсто. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Отворено писмо до јавноста од небанкарските друштва: Проверката и верификацијата на барателите на кредит се засилени и ги сведуваат на минимум можностите за измама
По објавата на документарниот филм „Украдени животи“ на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на македонија до медиумите испрати отворено писмо до јавноста. Писмото го пренесуваме во целост.
“Со внимание ја следиме јавната дискусија иницирана од истражувачката сторија и документарниот филм „Украдени животи” на Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ). Групацијата на небанкарски финансиски друштва, како и досега, со должна почит пристапува кон сите новинарски извештаи и ја почитува професионалноста и независноста на новинарите во земјата. Во поддршка на истражувањата, меѓу кои е и последното на ИРЛ, финансиските друштва се на иста линија со медиумите кои придонесуваат за зголемување на транспарентноста во финансискиот систем, но и за подигнување на јавната свест за одговорното кредитирање.
Од друга страна, а во таа смисла, Групацијата е во тесна соработка и со Министерството за финансии со кое, во изминатите две години се работеше и со воведоа клучни законски измени и Правилници кои значително ја подобрија регулацијата на секторот, ја намалија можноста за презадолженост на граѓаните, се зголеми прагот за основање на финансиско друштво, а проверката и верификацијата на барателите на кредит се засилени и ги сведуваат на минимум можностите за измама. Секако, во духот на новото време, со вложување во нови технологии, секторот прерасна во модерен, високо-дигитализиран дел на финансискиот систем на земјата.
Со донесувањето на измените во Законот за финансиски друштва во јули 2023 година, минималниот влог за основање финансиско друштво се зголеми од 100.000 на 500.000 евра со што се гарантира поголема стабилност. Со новата регулатива се ограничија трошоците за кредит, секако со цел да се заштитат корисниците, а беше воведена и забрана за рефинансирање на доспеани кредити во исто финансиско друштво.
Со воведувањето на Правилникот за кредитен ризик од април годинава, се ограничија месечните кредитни обврски до 70% од приходите, со што се дејствуваше во насока на спречување на евентуална презадолженост на поединци и на семејства. Исто така, по стапувањето во сила на овој Закон и Правилникот, од 36 финансиски друштва, на пазарот продолжија да работат 27.
Во меѓувреме, со инвестиции во технологија се овозможи засилена проверка на клиентите, но и автоматска верификација на документите, со цел спречување на можни измами преку регистрирани шеми за електронска идентификација.
Инаку, статистиката покажува дека од преку 220.000 одобрени кредити годишно, само 0,045% се случаи во кои е утврдено сомневање за некаков вид на измама, а по воведување на новите законски регулативи за задолжително физичко присуство или поседување на регистрирана безбедносна шема за идентификација, измами речиси и да нема.
Кредитниот раст во небанкарските финансиски друштва за првото полугодие од тековната година изнесува 4%, што е на ниво на банкарскиот сектор во земјата, додека во вкупната актива на финансискиот систем во земјава, финансиските друштва учествуваат со само 2%.
Дополнително, близу 40% од корисниците на услугите на финансиските друштва се со најмалку високо ниво на образование, според независно истражување од 2021.
Земјава денес ја има една од најстрогите регулативи во Европа, која успешно ги комбинира технолошките иновации со заштитата на корисниците.
Благодарение на добрите практики за работа, случајот што детално се анализира во прилогот на ИРЛ е разрешен уште во 2023 година. Друштвата по сопствена иницијатива го стопирале процесот за наплата на кредитните побарувања, за кои од институциите добиле сигнал дека се можен резултат на измамничко дејствување. Во презентираниот случај на оштетената, се потврдува дека сите финансиски друштва во кои имала кредит ѝ излегле во пресрет и истите биле отпишани во целост или бил стопиран процесот на наплата. Ова укажува дека финансиските друштва се можеби и единствени кои на сопствена материјална штета веднаш реагираат за да им излезат во пресрет на луѓето кои пријавиле украден идентитет.
Небанкарските финансиски друштва се посветени на постојано унапредување на своите услуги и заштита на корисниците. Нашата цел е да придонесеме за развојот на модерен, безбеден и праведен финансиски систем во државата, базиран на доверба и транспарентност. Групацијата останува отворена за конструктивен дијалог со институциите и медиумите за градење доверба во секторот“, стои во писмото од Групацијата небанкарски друштва.
Економија
„Хонда“ и „Нисан“ се во преговори за спојување за да станат третиот најголем светски производител на автомобили
Хонда и Нисан се во преговори за спојување до 2026 година, историски потег за јапонската автомобилска индустрија што ја нагласува заканата што сега ја претставуваат кинеските производители на електрични возила, пишува Ројтерс.
Спојувањето ќе ја создаде третата по големина автомобилска групација во светот по продажба на возила по Тојота и Фолксваген.
Тоа, исто така, ќе им даде на двете компании размер и можност да ги споделат ресурсите во услови на интензивна конкуренција од Tesla и кинеските ривали како што е BYD.
Спојувањето на Хонда, вториот по големина јапонски производител на автомобили, со Нисан, број три, ќе биде најголемото преобликување на глобалната автомобилска индустрија откако Fiat Chrysler Automobiles и PSA се споија во 2021 година за да го создадат Stellantis во зделка вредна 52 милијарди долари.
Помалиот Mitsubishi Motors, во кој Nissan е најголем акционер, исто така размислуваше за приклучување и ќе донесе одлука до крајот на јануари, соопштија компаниите.
Извршните директори на сите три компании одржаа заедничка прес-конференција во Токио.
„Подемот на кинеските производители на автомобили и новите играчи многу ја променија автомобилската индустрија. Треба да изградиме способности за да се бориме со нив до 2030 година или ќе бидеме поразени“, рече извршниот директор на Honda, Тошихиро Мибе, наведувајќи ги технолошките трендови на електрификација и автономно возење.
Двете компании ќе имаат за цел комбинирана продажба од 191 милијарда долари и оперативен профит од повеќе од 19 милијарди долари преку потенцијално спојување, велат тие.
Економија
Мицкоски најави робусна акција и за покачените цени: Апелирам големите трговски синџири да се преиспитаат, срамота е ова што го прават пред празниците
Вонредни инспекции и робусна акција ќе има во следниот период против девијантното однесување на маркетите, кои на сметка на новогодишната кошничка со намалени цени ги зголемија цените на маслото, лебот, млекото, млечните производи, шеќерот, јајцата… Премиерот Христијан Мицкоски, денес, на седница на Владата најави дека ќе бара од Министерството за економија и труд и од Државниот пазарен инспекторат да се преземат конкретни мерки за да се спречат триковите за зголемување на цените што ги користат трговците оти и тој добил информации дека некои од маркетите шпекулираат и се служат со трикови.
„Оние што мислат дека ќе прават трикови се лажат. Не може тоа што ним им беше дадено како право и можност за едни производи сега да го дополнуваат со драматично зголемување на некои други производи што ги користат граѓаните, како што е маслото, лебот, млекото, млечните производи, шеќерот, солта, јајцата и слично. Трикови не може, тоа оваа Влада нема да го толерира и жестоко има да се справиме со сите што мислат дека нè надмудриле“, рече премиерот Мицкоски.
Само неколку дена откога почнаа да важат ограничени и пониски цени на над 1.000 производи, во многу маркети се појавија повисоки цени на производите што се не новогодишната кошничка, која ќе важи еден месец, односно до 15 јануари.
„Апелирам до големите трговски синџири да си го преиспитаат однесувањето и ќе побарам од Пазарниот инспекторат детаљна анализа како изминативе 30 дена е покачена цената на овие производи. Срамота е ова што го прават пред празниците. Сакавме да покажеме добра волја, сакавме да се договориме, видете како враќаат. Ова не е коректно и јас денеска од страна на Владата, од министерот за економија и труд, под чии ингеренции спаѓа Пазарниот инспекторат, ќе побарам вонредна инспекција, робусна акција и ова девијантно однесување со трикови да престане“, најави премиерот Мицкоски, кој робусна акција најави и во судството.
Тој не сакаше да зборува дали ќе следуваат казни за маркетите што имаат драстично зголемени цени и порача дека првин треба инспекциите да излезат на терен за да се одлучи што ќе се преземе понатаму.
Опозицијата уште минатата недела предупреди дека зејтинот е поскап отколку што беше во октомври, а вчера на списокот со производи со зголемени цени ги додадоа јајцата, кашкавалот и јогуртот и обвинија за измама со новогодишната кошничка.