Македонија
ММФ и предвидува раст од 3,2 отсто на Македонија
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предвидува дека Македонија годинава ќе оствари раст од 3,2 отсто, што ќе биде еден од најдобрите економски резултати во регионот.
Главен двигател на економскиот раст на Македонија и натаму ќе бидат инвестициите во инфраструктурата, растот на извозот благодарение на странските директни инвестиции во зоните и високиот кредитен раст остануваат, се вели во соопштението на ММФ, по редовната посета на мисијата на Македонија.
Добрата бизнис клима придонела за привлекување странски директни инвестиции кои го зголемиле извозот и отвориле нови работни места, се заклучува во извештајот на ММФ.
Политичката неизвесност на домашната сцена и ситуацијата во Грција се ризиците кои реално може да се одразат на економскиот раст, истакнува ММФ.
Фондот констатира дека се постигнати повисоки буџетски приходи од планираните, особено данокот на добивка, додека приходите по основ на данок на додадена вредност и неданочни приходи се пониски од планираните. Заедно со повисоки трошоци за платите во полицијата и инвеастиции во безбедносна опрема, според ММФ може да резултира со буџетски дефицит од 4 отсто.
ММФ оценува дека финансискиот сектор останува здрав. Банките, вклучувајќи ги двете грчки банки во земјава, се добро капитализирани, високо ликвидни и обезбедени со домашни депозити. Зголемената претпазливост од страна на монетарната власт треба да одговори на евентуални ефекти од грчката криза, забележува Фондот.
Фондот истакнува дека Македонија во 2008 година влегла во светската економска криза со една од најниските стапки на јавен долг во Европа, која се зголемувала соодветно со растот на економијата и е поврзан со поддршка на економијата преку јавни инвестиции во инфраструктурни проекти. Како што продолжува процесот на закрепнување од кризата и фискалната консолидација, цел на Македонија треба да биде да постигне дефицит под 3 отсто до 2017 година, како што е и планирано од страна на Владата. Тие го поздравуваат и го оценуваат како вистински чекор законското утврдување на лимит на фискалните правила. /крај/мф/ап
Извор: ММФ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Без одржлива струја нема развој на вештачката интелигенција – градиме гасни интерконектори со две соседни држави
Македонија ги зајакнува преносните линии за електрична енергија и за гас, во однос на вештачката интелигенција. Се гради еден гасен интерконектор со Грција, а почнуваме да градиме гасен конектор што ќе ја поврзе нашата држава Србија, објасни премиерот Христијан Мицкоски на прашања поставени на панелот во Давос кои се однесуваа на вештачката интелигенција и потребните центри за гасови, како и тоа што прави Македонија да привлече странски директни инвестиции наспроти Хрватска и Словенија.
„Во однос на вештачката интелигенција ние ги зајакнуваме нашите преносни линии за електрична енергија но не само за електрична енергија, исто така ги зајакнуваме нашите преносни линии со преносните линии за гас. За центрите за податоци, ви е потребно одржливо би рекол, снабдување со електрична енергија. Значи некој мора да произведе одржливо и сигурно снабдување со електрична енергија за центрите за податоци, за да имаат добри, би рекол одлични перформанси на вештачката интелигенција. Во тој поглед градиме еден гасен интерконектор со Грција, а сега почнуваме да градиме гасен конектор што ќе ја поврзе мојата земја со Србија.
Што значи ова? Ќе го зголемуваме капацитетот на гас до осум милијарди кубни метри годишно. Досега трошиме половина милијарди кубни метри годишно, што значи дека илјадници и илјадници мегавати инсталиран капацитет електрани на гас да снабдуваат нови центри за податоци со електрична енергија. Ова е еден столб на еден пример и целиот институционален ризик го прифаќаме како Влада. Ова е нешто што можеме да им го обезбедиме на инвеститорите како поттик“, рече Мицкоски во Давос.
Во моментов се развиваат три важни проекти за производство на електрична енергија од хидроцентралите во вредност од 2 милијарди евра. Овие проекти, информираше премиерот, не се важни само за Македонија туку и за регионот.
„Сега развиваме три големи проект во однос на производство на електрична енергија од хидроцентрали. Зборуваме за проекти од 2 милијарди евра. Тие проекти се многу важни за нас, не само за производство на електрична енергија, туку тие три проекти се и стратешки важни за нас. Но не само за нас, туку и за регионот во целост.
Зборуваме за три големи брани кои ќе создадат три големи резервоари со многу чиста вода за пиење. Имајќи ги предвид климатските промени, мислам дека регионот ќе има потреба од тие резерви со вода за пиење, со чиста вода за пиење. И двата проекта се дел од каскада што се потпира на една голема река, наречена Црна Река. Низводно од таа каскада имаме најдоброто земјоделско земјиште во Европа, а тој регионот е познат како Тиквешки регион.
Практично сме фокусирани на енергијата, а во исто време имаме и други приоритети. Но веројатно сакате повеќе да зборувате за вештачката интелигенција. Исто сакате да се зборувате за електричната енергија и сите оние проекти кои се поврзани некако со тие две многу важни прашања, не само во мојата земја туку и овде во Давос. Многу пати слушаме од политичарите како зборуваат за вештачката интелигенција. Се прашувам дали сите тие можат да ја разберат суштината на вештачката интелигенција или ја користат вештачката интелигенција како популарен збор, како два популарни збора. Го завршив мојот докторат пред 16,17 години и користев алгоритам на фази логика за контрола на манипулативни роботи. Значи, практично тоа беше почетокот на вештачката интелигенција“, подвлече премиерот на панел дискусијата во Давос.
Економија
(Видео) Мицкоски од Давос: „Бошков Мост“, „Чебрен“ и „Галиште“ ги привлекоа инвеститорите
Премиерот Христијан Мицкоски од Давос соопшти дека имал уште еден успешен ден со бројни билатерални средби и настапи, во рамки на престојот на Светски економски форум.
„Уште еден успешен ден со многу билатерални средби“, изјави Мицкоски, посочувајќи дека денот започнал со средба со Борјана Кришто, по што следеле средби со мултинационални компании кои, како што рече, имаат значајна улога во глобалниот бизнис.
Мицкоски информираше дека имал и успешен панел на кој повторно се разговарало за клучните теми на овогодишниот самит во Давос – вештачката интелигенција, дата-центрите и потребата од зголемено производство на електрична енергија.
„Разговаравме со луѓе кои навистина значат во светот на вештачката интелигенција, фирми кои се водечки во управувањето со дата-центри, но и за предизвиците поврзани со потребата од зголемување на производството на електрична енергија“, изјави премиерот.
Тој додаде дека пред соговорниците ги презентирал и проектите кои за Владата се значајни, а кои опфаќаат производство на електрична енергија, подобрување на преносните капацитети и интерконекторите за електрична енергија и гас.
Мицкоски соопшти дека за прв пат на панелот ги презентирал и клучните проекти кои Владата планира да ги објави во периодот што следи – Бошков Мост, Чебрен и Галиште.
Според него, проектите привлекле големо внимание кај инвеститорите, кои по завршувањето на панелот му пристапиле за размена на контакти и биле поканети да ја посетат земјата. „Убеден сум дека овие проекти ќе бидат успешни, ќе додадат вредност во економијата на Македонија и во квалитетот на живот на македонските граѓани“, изјави Мицкоски.
Тој најави дека престојот во Давос продолжува со уште еден панел и презентација на инвестициските можности на Македонија пред нова група инвеститори, а враќањето во Скопје е планирано за утре.
Економија
НБРМ: Годишен раст од 10,1 отсто на вкупните депозити и од 13,0 проценти на вкупната кредитна поддршка
Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 10,1%, во поголем дел поради растот на депозитите на секторот „домаќинства“, при раст и на депозитите на корпоративниот сектор, соопшти НБРМ.
На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 13,0%, како резултат на растот на кредитите кај двата сектора, со малку поизразен придонес на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на: https://www.nbrm.mk/content/statistika/Soopstenija/%D0%9CD/2025/Soopstenie_za_pecat_monetarni_dvizenja_2025_dekemvri_mk.pdf

