Култура
„Лесново 2009“ пред кумановчани
Вечерва во Изложбениот салон на Националната установа Центар за култура “Трајко Прокопиев“ – Куманово ќе биде отворена изложба на слики од 18-та Меѓународна ликовна колонија “Лесново 2009“, а ќе трае до 23-ти февруари
Изложбата е организирана во соработка со Домот на културата „Злетовски рудар“ од Пробиштип. Учесници на оваа колонија се следниве ликовни уметници: Владимир Темков, Маја Анастасова, Доротеј Нешевски, Горан Ѓорев, Ѓоко Антониев, Дејан Марков, Ивица Николов, Зоран Арсовски, Ана Милетиќ и Маја Крстева. Во освртот кон ликовната колонија “Лесново 2009“ д-р Владимир Величковски ќе запише: „Ликовната колонија ’Лесново’ е основана 1992 г. од Домот на култура ’Злетовски рудар’ во Пробиштип а се одржува во Лесново. Во Домот се чуваат над 300 дела од познати македонски уметници како и млади сликари, графичари и скулптори кои своите први самостојни обиди во ликовната уметност ги направиле токму на оваа колонија. Имајќи ја бројката, како и определениот квалитет на дела, главно насликани платна и слики објекти пред организаторите се поставува прашањето за нивно регистрирање, обработка и објавување. Посебен проблем е нивното повремено селектирано изложување.“Годинава ликовната колонија работеше со учество на млади ликовњаци, дипломирани главно на факултетот за ликовни уметности во Скопје. Сликарите и скулпторите, кои исто така сликаа со акрилни или маслени бои на платно беа сместени во реновираните простории на Основното училиште „Лесново” кое престанало да работи уште во 60- тите години на XX век. Што е тоа што овој амбиент го прави толку посебен? Тоа е просторијата за сликање, која била училница со ред сочувани стари клупи за учениците, како и постојаната поставка на етнографски предмети од тој крај која евоцира една впечатлива народна традиција. Учесниците на колонијата ги задржале белезите на својот ликовен приод внесувајќи во своите дела и елементи од околината и поднебјето. Владимир Темков од Кавадарци насликал пејсажи во прпознатливиот линеарен манир со внесување мотив на топчиња како момент на иреализам. Ѓоко Антониев од Пробиштип насликал мотив од манастирот Лесново (познат споменик на културата од 14 век со фрески кои се посебна вредност во византиската уметност) со хармоничен и суптилен колорит, како и жив потег на четката. Во графиката тој остварил серија графички листови во комбинирана техника на дигитален, сито отпечаток и акватинтна (што биле всушност негов магистарски труд одбранет во рудникот Добрево) со мотив на имагинарни предели со посебна текстура. Зоран Арсовски од Куманово (дипломирал во Софија) насликал три платна со експресивни ликовни маски. Ана Милетиќ од Ниш (студирала во Приштина и Скопје скулптура) насликала диптих со мотив на предел поврзувајќи нежни тонови и интезивен колорит. Горан Ѓорев од Кавадарци (вајар) насликал асоцијативни ликови на декоративен манир. Ивица Николов – Пиза од Пробиштип, вајар насликал три платна со правилни потези. Маја Крстева од Кавадарци насликала имагинарен предел и женски лик со надрелистичен призвук. Доротеј Нешовски од Скопје е различен во приодот, од сликарската апстракција, до слободна експресија или сосем академски насликан предел. Дејан Марков е графичар кој изработил прецизен цртеж на предмети. На ликовната колонија учествувала и Маја Анастасова од Кочани графичар, насликала две платна со акрил, мотив од Лесново.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Приказната за Силјан“ ја освои наградата од публиката на Cinema Eye Honors
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors, една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.
Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.
Audience Choice Prize е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех.
Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.
„Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.
Филмот, кој беше откупен од National Geographic Documentary Films и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да обединат публика ширум светот.
Со освојувањето на Audience Choice Prize, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.

