Култура
Скен на транзициската апсурдност

Збирката стрип-новели „Забава„ е новиот проект на сликарот Александар Станкоски
Александар Станкоски, во овдешната (суб)културна јавност попознат како Ацо Рембрант, не би бил вистински гуру на македонската андерграунд сцена – што и да се подразбира под неа – ако повремено, а сепак навремено, не објави ново дело. Секако, во par lui meme духот, како што би рекле Французите, односно доследен на неговиот арт-хабитус.„Забава“ (издавач „Зона“, 2009, Скопје) е проект кој го работел последниве 15-тина години. Тоа е своевидна збирка стрип-новели, или, како што вели авторот во предговорот на изданието, „надреални андерграунд визуелни претстави во форма на цртеж, кои реферираат на гротескни настани и комични амбиенти. Можеби долгиот транзициски период во кој влезе нашето општество е централната мотивација за вака искомпонираните визулени и когнитивни контексти во овие стрип-нарации. Апсурдноста и залудноста, карикатуралноста и дегенеративноста, општата малициозност и егоизам, паранојата и дебаклот се димензиите на една динамичка, но бесполезна авантура низ која минуваат протагонистите на овие цртежи…“. Книгата-стрип е составена од пет новели-цртежи: „Забава“, „Циклус“, „Сон – Да“, „I’m not the One for Shure“ и „The Мachor, Fritz and Sqypo“. Може да се биде и лаик за сликарството, но не може а да не се примети расниот – и раскошниот – цртеж на Станкоски: тоа е белегот на неговата сликарска полнокрвност и во „заебантски“ пројави како овој проект. И, како што посветеноста на уметноста и занаетот го издвојувало од групните и, главно, бескорисни тажаленки по „златните андерграунд времиња“, така и неговиот бескомпромисен некомформизам е бескрајно оддалечен од штуриот академизам. Постојано и во секоја прилика. „Забава“ е само една од тие прилики на речената постојаност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Филмот Efterklang: Makedonium Band во продукција на МКЦ селектиран на 5 филмски фестивали

Филмот “Efterklang: Makedonium Band” во текот на 2025 година е селектиран на пет престижни европски филмски фестивали.
Проекциите, ќе бидат проследени со концерт на данскиот музички состав Efterklang, а на дел од нив, ќе се одржат и настапи на целосниот музички ансамбл “Efterklang: Makedonium Band”.
Фестивалите, во чии рамки ќе биде прикажан филмот се “Balkan Film Week” во Лајпциг, “Budapest Ritmo Festival” во Будимпешта, “Dokfest Munich” во Минхен со пет последователни проекции, фестивалот “Ethniesy” во Бидгошч, Полска и “Tromso World” во Тромсо, Норвешка.
Филмот, успеа да биде и дел од каталогот на филмови на престижната авиокомпанија “Fly Emirates”, како дел од понудата филмови за време на прекуокеанските летови.
Музичкиот документарен филм кој се снимаше во текот на април 2023 насловен “Efterklang: Makedonium band” во продукција на Rosforth и Rumraket (Данска) и ЈУ Младински културен центар, минатата година ја имаше својата светска премиера на престижниот европски фестивал за документарен филм “CPH:DOX” во Копенхаген.
Филмот претставува музичко патешествие на групата Ефтеркланг во потрага по македонски музичари, со цел составување на голем ансамбл и нивен заеднички перформанс пред споменикот “Македониум” во чест на симболот на архитектонскиот споменик за слобода и независност.
Ефтеркланг во рамките на својата европска турнеја ќе настапат на 1 мај во културниот центар Паблик Рум.
Култура
Премиера на претставата за деца „Жива досада“ на 8 мај во МНТ

На 8 мај во 18:00 часот, во Македонскиот народен театар ќе се одржи премиерата на претставата „Жива досада“, авторски проект на актерките Билјана Јовановска, Изабела Јакимова и Нина Деан, а режијата ја потпишува Билјана Јовановска.
Во претставата играат: Гоце Андонов, Нина Деан, Изабела Јакимова, Јана Вељановска и Билјана Јовановска – алтернација.
Темата на претставата е досадата на децата во денешното време, каде што авторите ги охрабруваат како децата така и родителите да остават да им биде досадно без да ги окупираат со разни обврски, само за да ја избегнат досадата. Ликовите на децата, Вања и Бојана, кои се претставници на децата на денешното време, во еден момент се среќаваат со дел од ликовите на Недојдија, каде што во одреден момент си ги менуваат местата, со цел да докажат во чие време е подосадно. Претставата поентира со тоа што ги охрабрува децата да веруваат во магијата на играта, како и да научат да комуницираат вербално помеѓу себе.
Сценографијата е на Мартин Манев, музиката е на Оливер Митковски, костимограф е Валентина Чонкова, а кореограф е Нина Деан.
Претставата е наменета за возрасна категорија 5+.
Следната изведба е на 9 мај во 18:00 часот, а билетите за претставата се веќе пуштени во продажба.
Претставата е во продукција на РСМ НУ Македонски народен театар и е финансирана од сопствени средства.
Култура
(Видео) Tри филма што Скорсезе ги смета за врв на кинематографијата

Мартин Скорсезе, еден од највлијателните американски режисери, со децении ги поместува границите на филмскиот израз. Неговата филмографија опфаќа широк опсег на жанрови – од насилни урбани приказни до сложени љубовни драми и духовни дилеми.
Иако неговите понови филмови, како „Ирецот“ и „Тишината“, сè уште се препознатливи по нивната визуелна раскош и длабока анализа на ликови, многумина сè уште сметаат дека неговите најголеми дела потекнуваат од поранешниот период – со насловите „Таксист“, „Добри момци“ и „Разјарениот бик“.
Во текот на својата кариера Скорсезе често ги издвојуваше режисерите што го инспирираа, меѓу кои и Акира Куросава, Ингмар Бергман и Џон Форд. Сепак, еден особено го допре – јапонскиот режисер Кенџи Мизогучи, познат по класичните филмови, кои прикажуваат емоции преку поетски ритам и внимателно изработени слики.
Како негов омилен го наведува филмот на Мизогучи, „Приказни под месечината и дождот“ (Ugetsu monogatari) од 1953 година, кој ја следи приказната за амбициите, љубовта и за војната во 16 век.
„Овој филм имаше најголемо влијание врз мене. Има моменти во тој филм што ги гледав одново и одново и кои секојпат ми го одземаат здивот“, рече Скорсезе, пренесе магазинот „Фар аут“.
Иако „Приказни под месечината и дождот“ често се смета за ремек-дело, Скорсезе ја цени целата трилогија, која ги вклучува и „Животот на Охару“ (Saikaku ichidai onna) и „Саншо судијата“ (Sanshô dayû), а за која вели дека е врвот на светската кинематографија.
Работата на Мизогучи го отелотворува она што многумина го сакаат во јапонскиот филм – суптилност, емоции и елеганција. Неговото влијание може да се види и кај современите режисери, како Хироказу Коре-еда, кој го комбинира секојдневниот живот со длабоки емотивни слоеви. Восхитувањето на Скорсезе кон Мизогучи е уште еден доказ за неговата длабока поврзаност со филмската историја – и неговата непоколеблива почит кон мајсторите на визуелното раскажување приказни.