Македонија
Забрана за движење на тешки товарни возила во Скопје
Град Скопје од понеделник, 16-ти јуни, воведува забрана за движење на тешки товарни возила што ќе трае до 1-ви септември.
Како што информира Град Скопје, забраната ќе важи во текот на денот и тоа од 10 до 20 часот, а мерката се воведува со цел да се заштити коловозот од оштетувањaта предизвикани од големите оптоварувања на тешки товарни моторни возила, во услови на високи дневни температури во текот на летото.
Оваа забрана не важи за возилата кои превезуваат жива стока, лесно расиплива стока, хуманитарна помош, медицински препарати, комунални возила, возилата на ЈГП, превоз на експлозивни, запаливи и отровни материи, возила за превоз на градежни материјали (сиров бетон), како и градежна оператива кои вршат градежни работи на градилиштата за Општините во Скопје, Град Скопје и Владата.
АМСМ информира дека во понеделник изутрина на граничниот премин Богородица возилата за влез во Македонија се задржуваат половина час. Нa останатите гранични премини нема подолготрајни задржувања за влез и за излез од државата.
Што се однесува до другите патни правци во државата, состојбата е следна: на регионалниот пат Пробиштип – Кратово поради појава на свлечиште, на влез во Кратово, воведена е забрана за движење на автобуси и товарни моторни возила со тежина над 7,5 тони.
Потоа, на патниот правец Радовиш – Конче поради свлечиште сообраќајот се одвива по една коловозна лента, за што е поставена соодветна сообраќајна сигнализација. На овој патен правец е воведена забрана за движење на тешки товарни возила.
Сообраќајот на сите останати државни патишта во Македонија се одвива без забрани, по наместа влажни коловози.
Од АМСМ препорачуваат внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево и Берово – Виница, каде е можна почеста појава на одрони.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен./крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на ГП „Богородица“ е нормализиран
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ (ГП Евзони) од 21 часот е нормализиран, информира АМСМ.
Поради блокада на границата за влез и за излез во текот на целиот ден, колони возила чекаа на граничниот премин „Дојран“ за влез во земјава. Претходно од АМСМ информираа дека од 11:00 часот сообраќајот на ГП „Евзони“ (Богородица) е блокиран за влез и излез поради штрајк на земјоделците.

На ГП „Дојран“ сообраќајот се одвива непречено, но поради зголемен интензитет има задржувања за влез во државата.
Македонија
Алијанса за Албанците на 27 декември ќе одржи собрание за реогранизација на партијата
На последниот состанок на Претседателството на Алијансата за Албанците, каде што се дискутираше за политичките случувања во земјата и понатамошните чекори кон структурирање на органите, членовите на Претседателството едногласно гласаа за одлуката за свикување на партиското Собрание, соопштија од партијата.
Според најавата, Собранието ќе се одржи на 27 декември и ќе се дискутира за реорганизација на структурите и органите на партијата, партиските политики и важните стратешки документи.
„Алијансата за Албанците продолжува да останува во одбрана на националната кауза, гласот на артикулирање на уставните и законските права на Албанците и зачувување на евроатлантската ориентација на земјата како единствен пат за перспективата на граѓаните“, пишува во соопштението.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.

