Регион
Грција одбила барање за азил на седум од осумте турски офицери по обидот за пуч
Грчките власти ги одбиле барањата за азил на шест турски воени лица коишто по неуспешниот обид за воен преврат од 15-ти јули од Турција со хеликоптер пребегнаа во соседна Грција, објавија во вторникот грчките медиуми, додавајќи дека претходно во септември беше одбиено барањето за азил на еден офицер, додека одлуката за судбината на осмиот пребегнат војник сé уште се чека.
Хеликоптерот на турските вооружени сили со осум припадници на војската ноќта кон 16-ти јули се спушти во Грција, при што тие изјавија дека не биле вклучени во обидот за државен удар, но дека во татковината ги очекува смрт.
Комисијата за одобрување азил во Атина досега одбила седум од осумте барања за азил на припадниците на турската армија кои ден по неуспешниот пуч од фракција на војската да ја собори владата, дојдоа во соседната земја.
Станува збор за два мајора, четири капетани и двајца подофицери кои со воен хеликоптер слетаа во грчкото пристаниште Александрополис во близина на турската граница.
Вкупно веќе се одбиени седум од осумте барање за азил на турските воени лица на основа дека учествувале во обидот за преврат, што „претставува терористички акт“, пишува порталот enikos.gr. Офицерите се изненадени и навредени од таквите обвинувања.
По одлуката на грчката комисија, пребеганите офицери соопштија дека се жртви на „билатералната политика“ и дека комисијата при разгледувањето на нивните барања не ги земала предвид меѓународното и европското право, туку исклучиво се поведувала од билатералната политика.
„Дојдовме во Грција да ги спасиме сопствените животи, не сакаме да станеме инструмент на политиката на надворешните работи или на билатералните договори“, соопштија турските офицери. Анкара официјално во август го побара нивното предавање, обвинувајќи ги за учество во пропаднатиот пуч.
„Изненадени сме од решението на службата за издавање азил, којашто покрај тоа што ги одбива нашите праведни барања за азил, уште нé квалификува како терористи. Но за таквиот заклучок не само што нема никакви факти и докази, туку и во нашата татковина нé обвинуваат за тероризам“, се истакнува во соопштението што го објавија турските офицери преку нивниот застапник.
„Се надеваме дека грчката влада сериозно ќе ја заземе позицијата на другите пет земји членки на ЕУ коишто им овозможија меѓународна заштита на турски воени лица, кои побараа засолниште на териториите на нивните земји по пучот“, се додава во соопштението.
Адвокатката Ставрула Томара смета дека не постојат правни основи нејзините клиенти да бидат обвинети со сериозни обвинувања, како што се тероризам и учество во обид за убиство на турскиот претседател и стравува дека тоа не е случајно. Додала дека ќе ги преземе сите мерки за на турските офицери да им биде доделен политички азил./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Дачиќ на респиратор, состојбата е сè уште многу сериозна: „Прерано е за било какви прогнози“
Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ беше хоспитализиран вчера поради пневмонија и неговата состојба е оценета како многу сериозна.
Дачиќ беше хоспитализиран на Клиниката за пулмологија на Клиничкиот центар на Србија поради тешка пневмонија и е на респиратор.
Заменик-директорот за пулмологија Спасоје Попевиќ денес изјави дека неговата здравствена состојба останува сериозна, но дека ситуацијата е постабилна отколку во среда навечер.
„Тој е сè уште во сериозна здравствена состојба. Борбата продолжува, тој е на механичка вентилација и во овој момент успеавме да ја стабилизираме неговата состојба“, рече Попевиќ.
Тој додаде дека е прерано да се даваат какви било прогнози.
Српскиот претседател Александар Вучиќ утрово, на пат кон Казахстан, објави дека го посетил министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ и дека неговата здравствена состојба е нешто подобра. Вучиќ ја даде изјавата од авионот, пренесува РТС.
Регион
(Видео) Вучиќ утрово го посети Дачиќ: Неговата состојба е нешто подобра
Српскиот претседател Александар Вучиќ утрово, на пат кон Казахстан, објави дека го посетил министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ и дека неговата здравствена состојба е малку подобра. Вучиќ го објави ова од авионот, пренесува РТС.
„Го посетив Ивица утрово. Лекарите велат дека неговата состојба е малку подобра. Верувам во него, а сега на пат кон Казахстан за одлични резултати за нашата Србија“, напиша Вучиќ на својот профил на Инстаграм.
Тој додаде дека закрепнувањето на Дачиќ е во тек, но дека претпазливоста е сè уште неопходна.
„Секако, претпазливоста е сè уште неопходна и ништо не е сигурно, но е подобро, на радост на неговото семејство и на сите луѓе што го сакаат“, рече Вучиќ.
Регион
„Следните 72 часа се клучни“: Се огласи доктор од клиниката каде што се лекува Дачиќ
Српскиот вицепремиер и претседател на Социјалистичката партија на Србија, Ивица Дачиќ, вчера беше хоспитализиран на Клиниката за пулмологија на Клиничкиот центар на Србија поради тешка пневмонија.
Заменик-директорот за пулмологија, Спасоје Попевиќ, вчера вечер за Танјуг изјави дека ситуацијата е многу тешка и дека министерот Дачиќ има тешка пневмонија и дека следните 72 часа ќе бидат клучни.
– Тој моментално е на механичка вентилација – респиратор, прима сè што му е потребно, сите лекови, терапија, со тој респиратор, што е метод на лекување, купуваме време потребно тие лекови да дејствуваат и се бориме за неговиот живот. Тешка пневмонија и борба за неговиот живот – рече д-р Попевиќ.
Докторот прецизираше дека министерот Дачиќ е хоспитализиран во 16:30 часот на Клиниката за пулмологија.
Попевиќ додаде дека засега не може да даде никаква прогноза.
– Прерано е, но се обидуваме и мислам дека успеваме до одреден степен да ја стабилизираме неговата состојба. Следните неколку дена ќе ни дадат одговори како да продолжиме. Постојано сме околу него и тоа е сè што можам да кажам во овој момент – рече Попевиќ.
Дачиќ вчера беше посетен и од српскиот претседател Александар Вучиќ и членови на владата.

