Култура
Позитивни критики во САД за „Резервен живот“ на Лидија Димковска
По успешно завршената тринеделна американска турнеја на македонската авторка, Лидија Димковска на која таа во десет градови во САД го претстави наградуваниот роман „Резервен живот“ на англиски јазик во превод на Кристина Крамер, позитивните критики за романот не стивнуваат.
Издавачот на романот „Ту лајнс прес“(Two Lines Press) од Сан Франциско изјави дека во само три седмици од излегувањето на романот тој веќе доживува извонредно позитивни критички одгласи.
Њујоршкиот неделник „Паблишерс викли“ го нарече „Резервен живот“ – „калеидоскопски роман со големо срце“, уредникот за критика на ревијата за светска книжевност „Зборови без граници“ (Words Without Borders) М. Бартли Сигел, во својот избор на најдобри книги за месец октомври напиша: „оваа книга е необична, необично великодушна и великодушно убава – што според моето искрено мислење, е најдобрата комбинација, и изгледа е моето омилено четиво за месец октомври“.
Книжевната блогерка Ребека Опенхајмер го нарече романот „книга на денот“ нагласувајќи дека „Понекогаш станува кристално јасно колку од светската литература пропуштаме ние во САД, како на пример маестралната сага на Лидија Димковска ‘Резервен живот’, која беше објавена во 2012 година и ја доби наградата на Европската унија за литература во 2013 година, а дури годинава се појави и во САД. Треба да се каже: подобро подоцна отколку никогаш! Резервен живот е ремек-дело што не прави да се надеваме дека ќе читаме уште многу од Лидија Димковска!“
Едно од најреномираните списанија за светска книжевност во САД, „Светската книжевност денес“ (World Literature Today) во својот најнов број и посвети на Димковска најголем простор од сите застапени автори: големо интервју што со авторката го водеше уредничката на списанието Мишел Џонсон, објава на две песни од стихозбирката „Црно на бело“ во препев на Љубица Арсовска и Патриша Марш, како и критички осврт за романот „Резервен живот“ од врвната американска критичарка Лори Фитерс која е член на жирито за наградата „Најдобар роман во превод на англиски јазик“ за 2017 год. Таа за Резервен живот напиша: „Злата и Сребра, сијамски близначки со споени глави се неверојатни ликови од извонредниот роман на македонската писателка Лидија Димковска. Преку јавните и личните трагедии, Резервен живот потресно ја открива универзалната вистина за неможноста да се остане целосно отсечен од околностите на нашето раѓање. Димковска ги истражува овие кошмарни бремиња со чувствителност и со убаво артикулирано пишување што блеска во преводот на Кристина Крамер.“
Тимот на чикашката книжарница Unabridged Bookstore изјави дека „одушевувачки внимателен, потресен и продорен, Резервен живот станува една од нашите најомилени книги на годината“./крај/мф/бб
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.
Култура
Локомотива на Canal 2026 во Витри-сир-Сен (Париз)
Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата (Северна Македонија) ќе учествува на Canal 2026, дводневна професионална платформа иницирана од CN D – Centre national de la danse.
Настанот обединува 10 француски танцови институции и 6 институции од Балканот (Грција, Словенија, Бугарија, Северна Македонија) и го претставува работењето на 32 уметнички тима преку извадоци/перформанси, разговори, работилници, дебати, проекции и презентации на проекти.
Canal 2026 се одвива во Витри-сир-Сен на три локации—La briqueterie CDCN, MAC VAL – Musée d’art contemporain du Val-de-Marne и Théâtre Jean Vilar, како и на cnd.fr, со онлајн издание што започнува од март 2026.
Локомотива ќе биде претставена од Биљана Тануровска-Ќулавковски, која ќе ја презентира работата на Локомотива и ќе ги претстави кореографките/танчерки од Северна Македонија поврзани со организацијата: Тереза Лазарев и Викторија Илиоска. Дополнително, Биљана Тануровска-Ќулавковски ќе учествува и на дискусија, во петок, 30 јануари (11:00–12:30, во MAC VAL) на тема: „Кои се специфичностите на кореографскиот екосистем на Балканот…?“
Уметнички презентации од Северна Македонија
Викторија Илиоска ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Hope for the Best – Prepare for the Worst, перформативен тренинг што го третира телото како ресурс, а театарскиот диспозитив како заедничка инфраструктура. Развиена во услови на кратења во културата и екстрактивни економии, работата ја поставува публиката како активен материјал на ситуацијата, а не како набљудувач—каде вниманието, физичкото присуство и издржливоста циркулираат како заеднички ресурси. Делото прашува: За што треба да се тренираме како колективно тело за иднината што доаѓа?
Тереза Лазарев ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Passionate Animal, кореографски истражувачки проект што ја истражува врската помеѓу колективната меморија и личната танцова меморија, и прашува како нестабилноста и колапсот го трансформираат телото. Како дел од истражувањето, таа ќе изведе краток танцов сегмент на музика од Александар Гроздановски.
Оваа активност е поддржана од проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд, CN D (Centre national de la danse) и Театроскоп – програма иницирана од Францускиот институт, Министерството за култура и Министерството за Европа и надворешни работи.

