Економија
Нова авионска линија Скопје – Хановер од 31 октомври
Новата линија Скопје – Хановер со Виз ер од скопскиот аеродром „Александар Велики“ почнува в понеделник, 31 октомври, заеднички соопштија во петок ТАВ Македонија, аеродромскиот оператор и Виз ер, нискобуџетната авиокомпанија.
Авиопревозникот ќе оперира на оваа линија двапати неделно за време на зимската сезона 2016/2017 година. Секој понеделник и петок воздухопловите ќе заминуваат од Скопје, додека во вторник и сабота ќе пристигнуваат од Хановер.Првиот авион од Скопје за Хановер на 31 октомври ќе полета во 18.50 часот, а потоа од Хановер ќе пристигне во Скопје на 1 ноември во 00.25 часот. Авиопревозникот ќе оперира на оваа линија двапати неделно за време на зимската сезона 2016/2017 година. Авионите ќе заминуваат од Скопје за германскиот град секој понеделник и петок, а оттаму за Скопје ќе доаѓаат секој вторник и сабота. „Хановер е 23 дестинација со која Виз ер оперира од скопскиот аеродром „Александар Велики“, а истовремено деветта дестинација од Скопје и од Македонија до Германија. Задоволни сме од брзата експанзија на мрежата на дестинации на македонските аеродроми што ја постигнавме во изминатите години и ќе продолжиме да работиме на нејзиното натамошно проширување заедно со авиокомпаниите, Владата како наш партнер и сите инволвирани институции во воздухопловството. Очекуваме оваа авиолинија да се покаже како успешна и да ги поврзува нашите патници со Германија, од деловни и образовни причини или пак за одмор и релаксација, а во исто време да донесе и германски туристи и бизнисмени во Македонија“, изјави Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија. Како што информираат од Виз ер, седиштата на новата авиолинија Скопје – Хановер може да се резервираат по цени кои почнуваат од 899 денари за билет во еден правец, со вклучени такси и задолжителни давачки, преку веб-страницата на авиокомпанијата www.wizzair.com. „Радосни сме што воведуваме уште една линија од аеродромот „Александар Велики“ до Хановер. Со цени за билетите почнувајќи од 899 денари, сигурни сме дека оваа линија ќе биде популарна како и другите 22 рути во нашата мрежа во Скопје. И понатаму остануваме посветени на Македонија и ќе продолжиме да ги нудиме најниските можни цени за авиобилети, заедно со одличната услуга во воздухопловот и одличното искуство за време на патувањето. Нашиот пријателски настроен екипаж од Македонија со нетрпение ве очекува да ве пречека за лет на Виз ер со насмевка“, рече Тамара Валоис, раководител на Одделот за комуникации во Виз ер.Покрај Хановер, како 23-та дестинација на оваа авиокомпанија, скопскиот аеродром е поврзан со осум други градови во Германија: Берлин, Келн, Дортмунд, Франкфурт, Фридрихсхафен, Хамбург, Минхен и Нинберг, сите управувани од Виз ер. Скопскиот аеродром „Александар Велики“ нуди директни линии до 33 дестинации, а заедно со охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, Македонија во моментов има авионска врска со вкупно 35 дестинации./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

