Економија
Груевски ја посети лондонска КПМГ
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. во рамките на својата посета на Лондон заедно со партиската делегација која ја предводи, оствари средба со раководниот тим на КПМГ која е една од четирите најголеми консултантски и финансиски организации во Светот кои вршат процени, анализи на економските текови и издаваат извештаи кои подоцна се користат од голем број на големи компании и се раководат при носењето на одлуки за инвестирање.
Станува збор за финансиска организација која се занимава и со ревизија, осигурување, даноци, консалтинг, статистики, корпоративни, финансии и правни услуги. Компании, членки на КПМГ може да се најдат во 155 земји низ Светот, колективно тие вработуваат повеќе од 174.000 луѓе од целиот спектар на дисциплини.
Во последниот извештај за Македонија КПМГ ги истакнува даночните поволности кои стојат на располагање на компаниите, како и едуцираната и квалификувана работна сила. Тие нотираат дека Македонија е земја со најниски трошоци за правење бизнис во Европа, при што се воведоа најниски даноци, рамен и низок данок, персонален данок и данок на добивка. Дека се нудат исклучителни поволности во технолошко индустриските развојни зони, се инвестира во нови патишта, железница и дека таквите предности се препознаени од многу странски компании кои се одлучија да инвестираат и ја препорачуваат како наредна дестинација за инвестирање.
Груевски на средбата со Дејвид Сиер член на управниот одбор на КПМГ и потпретседател на финансискиот сектор на организацијата, Џејмс Кени главен на секторот за глобални прашања на организацијата, Аман Ванг главен на секторот за британските развојни бизниси, и Мет Џексон главен на секторот за брзо растечки пазар, дискутираа за условите за правење на бизниси, за досега направеното во сферата на економијата, но и за идните планови и движења.
По завршувањето на средбата Груевски изјави: „Имавме значајна средба во главното седиште на КПМГ тука во Лондон, компанија која што издава извештаи за Република Македонија на економски план секоја година и каде што досега имаме одлични извештаи во смисла на нашата економија, условите за правење на бизнис, на можностите за привлекување на инвестиции, односно информации за инвеститорите, информации за Република Македонија кои што се прилично добри и прецизни и од кој што нашата држава имаше бенефит досега затоа што инвеститорите особено клиентите на КПМГ ги читаат тие извештаи и согласно нив се ориентираат каде да ја направат новата инвестиција. Им кажавме многу детали за нашата економија и за прогресот во економијата, за правењето на добра бизнис клима, следните чекори што ги планираме, предизвиците со кои што се соочивме и резултатите кои што ги имаме и на домашен план во смисла на намалена невработеност, но и нашите цели за понатаму“.
Членот на управниот одбор на КПМГ и потпретседател на организацијата Дејвид Сиер истакна дека Македонија со своите економски резултати и успешни економски политики отиде напред во многу сектори, а доказ за тоа е и последниот извештај на Дуинг бизнис кој преставува големо признание за земјата. Тој посочи дека растот во рангирањето на Македонија е исклучително и сосема може да се очекува дека многу глобални претпријатија ќе ги искористат поволностите кои ги нуди државата и да инвестираат во иднина.
Македонија е многу интересна приказна во поглед на начинот на кој што оствари исклучителен прогрес во создавањето на услови за правење на бизнис. Од 94-то место во извештајот на Дуинг Бизнис на Светската банка пред десетина години, сега е на 10-то место во Светот и тоа кога Велика Британија падна од 5-то на 6-тото место. Тоа е сериозно добра приказна во поглед на странските инвестиции. Како КПМГ работиме со многу странски компании кои инвестирале во Македонија и се радуваме да работиме со многу други и во иднина. Македонија е многу добра туристичка дестинација и е добра дестинација за инвестирање. И она што го постигнавте во сферата на производство на различни делови од автомобилската индустрија и во неколку други области е исклучително впечатливо. Тоа е приказна која ќе се надградува во следните години, изјави Дејвид Сиер./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

