Македонија
Хотелите заинтересирани за енергетската ефикасност
Сопствениците и менаџерите на хотели во Македонија се запознаа со мерките за зголемување на енергетската ефикасност и со финансиските инструменти за имплементација на мерки за намалување на потрошувачката на енергија на денешната „Конференција за мерки за енергетска ефикасност и пристап до финансии за хотелиерство“, организирана преку швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост, во соработка со Министерството за економија и Делта Проект.
Амбасадата на Швајцарија го препознава потенцијалот и економските можности на туризмот во Македонија и го поддржува развојот на овој сектор преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост.„Нашата поддршка за развој на туризмот во Македонија, покрај развојот на вештините на туристичките работници на што работиме заедно со Министерството за економија и швајцарската Академија за хотелски менаџмент од Луцерн, е и во насока на промоција и подобрување на енергетската ефикасност во хотелите за да се подобри и нивната атрактивност за меѓународните туристи“, изјави Сибил Сутер Техада, амбасадор на Швајцарија во Македонија.Меѓународните туристи сѐ повеќе се заинтересирани за состојбата со животната средина на дестинацијата која ја посетуваат. Сѐ повеќе туристи се во потрага по „зелени“ дестинации кои се проактивни кон прашањата на животната средина: енергетската ефикасност, управувањето со отпадот, јаглеродните емисии, зачувувањето на биодиверзитетот и водоснабдувањето. „Енергетската ефикасност е една од стратешките определби за Владата на Република Македонија, поради што беше донесена и Стратегија за енергетска ефикасност. Според досега направените анализи и врз основа на статистичките податоци, потрошувачката на енергија во резиденцијалниот дел изнесува околу 29% од вкупната финална потрошувачка на енергија, додека на комерцијалниот сектор тоа учество е околу 13%. Што значи потрошувачката на енергија во зградите каде спаѓаат и големите угостителски објекти и хотелските комплекси изнесува повеќе од 40% од вкупната финална потрошувачка на енергија. Овој податок укажува дека потенцијалот за енергетски заштеди во овие два сектори е значителен. Во исто време, заедно со Швајцарската амбасада организираме интензивни обуки со Академијата за хотелски менаџмент за Мастер – обучувачи од Македонија, кои ќе се обучуваат во три области во хотелиерството. По завршување на обуките ќе добијат Сертификати од Академијата. Сите овие активности се во насока на развој на секторот туризам во Македонија“, потенцираше Дритон Кучи, Министер за економија.Во Обединетото Кралство, 54% од анкетираните ја земаат во предвид екологијата пред да резервираат патување а 82% би платиле повеќе за „зелени“ услуги и продукти. Во Германија, 30% од туристите бараат да посетат зелени дестинации. Во Македонија, според истражувањето кое го спроведе Делта проект, речиси сите хотели се заинтересирани за спроведување мерки за енергетска ефикасност и воведување на систем за управување со енергија.„Конференцијата е резултат на претходни активности кои укажаа на нејзината оправданост и потреба. Воспоставени се контакти со речиси сите хотели во Македонија кои покажаа голема заинтересираност за енергетската ефикасност, енергетските контроли и системите за управување со енергија. Сите хотели, кои го пополнија прашалникот, изјавија дека намалувањето на трошоците за енергија би им го зголемило профитот. Тоа се одлични показатели кои отвораат можности за дополнителна работа во областа на енергетската ефикасност“, објасни Жанина Стаменкова од Делта проект, еден од организаторите на конференцијата.На конференцијата, освен хотелите, учествуваа и фирмите со Лиценца за енергетска контрола, така што беше дадена можност да се остварат контакти за соработка, што е и една од целите на програмата ИМЕ. Покрај тоа, беше промовирана и можноста за поддршка на три заинтересирани хотели за спроведување енергетска контрола и на еден хотел за спроведување на мерките за енергетска ефикасност./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

