Македонија
Тодоров вети инвестиција од 900.000 евра за болницата вo Кавадарци
Кавадаречката општа болница ќе добие плус уште една операциона сала, ќе добие компјутерска томографија, ќе добие две интензивни неги и на тој начин ќе делува како центар во целиот овој регион, за сите пациенти коишто имаат сериозни здравствени проблеми коишто треба да бидат третирани во општата болница во Кавадарци, изјави за Телевизија Нова вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров.
„Имајќи предвид дека во Кавадарци ќе набавиме нов апарат за компјутерска томографија, имајќи предвид дека се договоривме да се стават во функција две нови интензивни неги и тоа една интернистичка интензивна нега и една хируршка интензивна нега, имајќи предвид дека се договоривме да се направи нова операциона сала, затоа што во опремата што треба да се набави се предвидува и набавка на операционен стол со светло и да се изведе централен довод на медицински гасови, практично комплетно го подигаме нивото на кавадаречката болница“, рече Тодоров.
Актуелниот министер за здравство нагалси и дека инвестицијата во кавадаречката болница ќе чини околу 900.000 евра.
„Никогаш порано овде немало такво нешто. Со неговата набавка, Кавадарци ќе стане центар во овој дел на државата, каде ќе се изведува оваа дијагностичка процедура, која е од исклучително големо значење“, нагласи Тодоров.
Истакна дека со менаџментот на болницата, докторите и началниците на одделенијата, разговарале за функционирањето на јавната здравствена установа, за можната локација каде што ќе биде сместен компјутерскиот томограф, а било разгледано кои се активности треба да бидат преземени од страна на менаџментот на болницата, со цел да се остварат сите претпоставки за негова инсталација.
На еден начин, појасни, тоа ќе овозможи брза реакција на здравствените работници и брз пристап на пациентите до компјутерскиот томограф.
„Ова е особено важно, затоа што при сите итни случаи од сообраќајки или мозочни удари, има потреба од ваков тип на дијагностика. Практично ќе добиеме еден сериозен ургентен центар, бидејќи договоривме покрај компјутерскиот томограф, да се направат и интернистичка и хируршка интензивна нега, да се отпочне со проект за воведување на централни медицински гасови. Со тоа комплетно ќе се подигне нивото на целата болница и услугите кои ќе се даваат во неа“, рече министерот.
Тодоров потенцираше дека станува збор за сериозен износ на финансиски средства кои ќе бидат вложени. Според него, сето тоа ќе значи сериозно подигнување на квалитетот на установата, имајќи предвид дека ќе се набават апарати кои досега ги немало, а за кои има сериозна потреба.
„Ќе се набават автоклави за стерилизација, нешто што е многу значајно во здравствениот сектор, затоа што така се намалуваат интерхоспиталните инфекции, се олеснува целокупната работа на болницата. Ќе се набават колоноскоп, респиратор, нов операционен стол со светло. Бидејќи се набавува нов стол и нов анестезиолошки апарат, се договоривме да направиме уште една операциона сала. Сега има една сала за општа хирургија. Сакаме да направиме уште една, што ќе биде комплетно опремена со нова опрема“, рече Тодоров.
Потсети дека неодамна во болницата бил набавен и ставен е во функција нов мамограф.
„Тој претставува сериозно подигнување на нивото на болницата, тоа е во функција на сите пациентки, но и во функција на мамографскиот скриниг, имајќи предвид дека ракот на дојка е најчесто малигно заболување кај женската популација“, рече Тодоров.
На средбата било разговарано и за бројот на пациенти, за идни планови околу функционирањето на болницата, а сето тоа со цел унапредување на квалитетот на здравствените услуги кои се даваат во таа јавна здравствена установа./крај/мф
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

