Македонија
Кавга во судницата: Обвинителката Јанева се скара со судијката Башевска за случајот „Пуч“
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, револтирана бидејќи почетокот на судскиот процес „Пуч“ по единаесетти пат се одложи на неопределено време, гневно и се обрати на судијката и ја обвини дека го одложува процесот цела година намерно и ги малтретира нејзе и странките.
„Како не ви е срам? Цела година нé малтретирате нас и целата јавност. Правите злоупотреба на вашата службена положба. Која е вашата одговорност во оваа ситуација?“ ѝ рече Јанева на судијката Љубинка Башевска, која воедно е и претседателка на Судскиот совет.Судењето се одложи поради тоа што еден судија поротник бил заменет со друг судија-поротник, а трет бил назначен на нејзино барање, односно на барање на претседателот на Судскиот совет.Овие судии-поротници немале безбедносни сертификати кои се потребни за овој предмет и поради тоа судијката го одложи судењето на неопределено време, бидејќи не се знае кога ќе бидат добиени безбедносните сертификати.Откако судењето беше одложено, Јанева побара да се идентификуваат сите кои имаат безбедносни сертификати.„Една година се одложува процесот поради безбедносните сертификати. Бидете еднаш транспарентна и покажете го да го видиме вашиот сертификат“, ѝ рече Јанева на судијката покажувајќи го својот сертификат. Судијката Башеска рече дека Јанева нема право да бара да ѝ бидат покажани безбедносните сертификати на членовите на Судскиот овет. Неколкупати ја опомена за нејзиното однесување и ѝ се закани дека ќе ја казни за непочитување на судот.„Казнувајте ме колку сакате. Ние нема да престанеме да прашуваме. Има закажано судење на 3-ти и на 7-ми ноември. Ние ќе дојдеме и тогаш“, рече Јанева.Адвокатот на Зоран Заев, Филип Медарски, ја праша Јанева дали судот го повикал претседателот на ВМРО –ДПМНЕ, Никола Груевски, како сведок, а судијката рече дека не може да му одговори на ова прашање и искоментира „Кога нема процесни претпоставки, како да биде викнат сведокот?“. Башевска на записник констатираше дека судењето било одложувано девет пати заради неприсуство на обвинетиот, а трипати на барање на Јавното обвинителство.Јанева и обвинетите продолжија со прашањата до судијката, но таа ја напушти седницата. Лидерот на СДСМ Зоран Заев во изјава за медиумите рече дека судството е „клекнато и уништено“ и дека судијката „води политички, а не правен процес“.Според него, судењето се одложува бидејќи тоа му одговарало на Груевски, иако според Пржинскиот договор овој процес е клучен во разрешување на политичката криза за да се утврди кој, како и зошто прислушувал во Македонија.Специјалната обвинителка Катица Јанева не даде изјава за медиумите.Предметот „Пуч“ го отвори Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, а Специјалното јавно обвинителство го презеде овој случај, бидејќи е поврзан со незаконското прислушување.Лидерот на СДСМ е четвртообвинет во овој случај. Првообвинет е Зоран Верушевски, обвинети се и неговата сопруга Соња Верушевска, Ѓорѓи Лазаревски вработен во МВР и Бранко Палифров, функционер од Општина Струмица.По објавувањето на `бомбите` од страна на опозицијата, прислушувани разговори на високи функционери, тие беа обвинети за „шпионажа“ и „насилство спрема државни функционери“. Заев е обвинет дека го уценувал Груевски со снимките од прислушуваните разговори и барал да бидат одржани избори./крај/мф/ффс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.

