Вести
САД бараат истрага за „воени злосторства“ во сириски Алепо
Американскиот државен секретар Џон Кери побара во петокот истрага за „воени злосторства“ кои ги сториле силите на сириската влада и нејзината сојузничка Русија по наводен нов напад врз болница во градот Алепо.
„Минатата ноќ режимот повторно нападна болница и убиени се 20 лица, а 100 се ранети. Русија и режимот му должат на светот повеќе од објаснување за причините за постојаните напади на болници, медицинската инфраструктура, напади врз деца и жени“, рече американскиот државен секретар Џон Кери и пред новинарите побара надлежните тела да спроведат „соодветна истрага на воените злосторства“.
„Они кои ќе сторат такви злосторства мора за тоа да одговараат. Тоа не е само несреќа. Тоа е намерна стратегија на тероризирање на цивилите кои ќе се најдат на патот на остварувањето на нивните воени цели“, рече шефот на дипломатијата на САД.
Кери прес-конференцијата ја одржа заедно со францускиот колега Жан-Марк Ејрол кој допатува во Вашингтон по посетата на Москва, а во двете престолнини ја претстави нацрт резолуцијата за Сирија наменет за Советот за безбедност при обединетите нации.
Овој текст, за кој членките на Советот за безбедност на ОН може да гласаат уште во сабота, предвидува прекин на огнот во Алепо, за да се овозможи доставување хуманитарна помош до опколеното население..
Ејрол рече дека гласањето во Советот за безбедност на ОН ќе биде „момент на вистината“. „Утре ќе биде моментот на вистината за сите членки на Советот за безбедност. Прашање е ќе биде само дали сакате примирје во Алепо или не. А прашањето во прв ред ќе им биде упатени на нашите руски партнери“, рече Ејрол.
Меѓутоа, постојаниот претставник на Русија во ОН, кој во моментов претседава со Советот за безбедност, Виталиј Чуркин, оцени дека францускиот предлог е изготвен на брзина, при тоа додавајќи дека „мисли дека не е осмислен за напредок, туку за покренување на руското вето за време на гласањето во сабота“.
Така се чини дека Русија смета дека францускиот предлог за примирје за Алепо е прифатлив, откако претходно беше одбиен нејзиниот и предлогот на сириската влада, и смета дека тој содржи многу неприфатливи одредби и го политизира прашањето на хуманитарна помош./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита
Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа
Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа
Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.