Македонија
Богоевски: Ќе прифатиме одговорност, тогаш кога Груевски ќе прифати одговорност во судница

Ќе прифатиме одговорност за своите постапки само тогаш кога Груевски и другите инкриминирани во објавените разговори ќе прифатат одговорност во судницата до мојата, изјави Павле Богоевски, активност на Шарената револуција, против кого започна судски процес за учеството во протестите што се одржуваа по одлуката на Претседателот за аболиција.
„Бев дел од групата, која Зврлевски ја нарекува толпа, не признавам вина за моето поведение. По дефиниција вина е општествен прекор, не може да ме прекорува општеството чиј правен систем дозволува десет години Груевски да ја силува правдата во оваа држава и да ја киднапира секоја пора во општеството. Ќе прифатиме одговорност за своите постапки само кога Груевски и другите инкриминирани во објавените разговори ќе прифатат одговорност во судница до мојата“, рече Богоевски.Судењето се одложи бидејќи Јавното обвинителство ја нема одредено штетата од кривичното дело за коешто го товари Богоевски.Според обвинителниот предлог Богоевски е обвинет за учество во толпа што ќе стори кривично дело, односно дека на 18-ти април фрлал балони полни со боја врз фасадата на Министерството за култура.Овој објект е прогласен за објект од посебна вредност, односно значајно културно наследство. Обвинителството рече дека тоа што не била утврдена штетата е техничка грешка и предложи висок претставник од Министерството за култура да дојде како сведок и да ја утврди направената штета. Одбраната на Богоевски побара судот да го отфрли обвинителниот предлог бидејќи со тоа што не е утврдена штетата нема кривично дело.Судијката го одложи рочиштето за на 14 ноември за кога треба да биде утврдена штетата. Пред Кривичниот суд се собраа активисти на Шарената револуција кои му дадоа поддршка на Богоевски, а меѓу нив беа и припадници на опозициската партија СДСМ, Хелсиншкиот комитет и други граѓани. Меѓу собраните граѓани беше Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ, новинарот Мухамед Зекири кој сега е во СДСМ, пливачот Александар Маленко, професорот Гордан Калајџиев. /крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Церемонија на свечено менување на државното знаме пред претседателската вила во присуство на основци од Скопје

Ученици од скопските основни училишта „Ѓорѓија Пулевски“, од општина Аеродром, „Св. Климент Охридски“ и „Кирил Пејчиновиќ“ од општина Кисела Вода, денеска го посетија Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Придружени од своите наставници, учениците ја проследија свечената церемонија на менување на државното знаме. Оваа церемонија се одржува секој втор петок во месецот и се реализира од Баталјонот за почести при македонската армија како израз на почит кон македонското знаме, како државен симбол.
По завршувањето на свечениот чин, младите посетители ги разгледаа просториите на Кабинетот и разговараа со претседателката за нејзините работни обврски, но и за личниот живот, почнувајќи од детството, школските и студентски денови, како и професорската кариера.
Во разговорот со учениците, претседателката ги охрабри да учат и да веруваат во себе, да го почитуваат знаењето, оти тоа ќе ги направи компетитивни, сигурни и успешни.
Македонија
Авионска дезинсекција против ларви од комарци во Скопје

Согласно добиено известување од Град Скопје- Сектор за комунални работи, Регионалниот центар за управување со кризи -Скопје информира дека на ден 11.05.2025 година (Недела) во раните утрински часови ќе се изврши Авионска дезинсекција против ларви од комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, во ист термин, велат надлежните.
Се известуваат пчеларите навремено да ги превземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Бискупот Стојанов упати честитки до папата Лав XIV: Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, Киро Стојанов упати писмо со честитки до новиот папа Лав XIV.
„Со голема радост и синовска љубов ја примив веста за Вашиот избор за Петров наследник и Пастир на Универзалната Црква. Од името на верниот Божји народ на Католичката Црква во Македонија, свештенството и монаштвото, како и од мое лично име, Ви го честитам изборот и воедно благодарам што ја прифативте оваа одговорна и света служба, свесни за сите предизвици со кои се соочува Христовата Црква.
Сигурен сум дека со мудроста што Ви е дарувана преку Вашето мисионерско искуство, пасторалната грижа и верноста кон Евангелието, водени од Светиот Дух ќе управувате со коработ Петров – Црквата, низ немирното море, за доброто на целиот Божји народ.
Од Македонија, портата од каде што Свети Павле го пренесе христијанството низ цела Европа, од просторите од каде што потекнуваат светите браќа Кирил и Методиј и од родниот град на света Мајка Тереза, Ви ја ветувам мојата лична молитва, како и молитвите на целиот Божји народ во Македонија, со желби Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата, единство меѓу христијаните и мир во целиот свет“, напиша бискупот Стојанов.